Дека маглата не е само обична атмосферска појава во Македонија,
докази можат да се пронајдат и во општествено-политичкото живеење
и функционирање на државата. Голема геополитичка магла е фрлена во надворешнополитичкото позиционирање на Македонија, наводно за побрзо евроатлантско и ЕУ-интегрирање, па веќе пет-шест години постојано се сопнуваме од стапиците-услови поставени во магливите добрососедски договори, поради кои нашата јужноевропски позиционирана држава доби и северен префикс
Ако нешто не можеш да победиш, направи бренд од тоа! Навидум пародично парафразирање, но не е далеку од поедноставената функционална логика на маркетингот, од кој произлегува и онаа модерна „мудрост“: ако животот ти подари лимони, направи си лимонада. Претскажувачите на иднината или, како што сакаат да се нарекуваат, аналитичарите на реалните тековни општествено-политички состојби потрошија многу метафори за да ги искажат своите предвидувања за неизвесноста што нѐ очекува и на локален, регионален и геополитички план, но голем дел македонски граѓани (особено оние што останаа во Скопје) за новогодишната ноќ имаа „привилегија“ со свои очи да ги видат, дури и да ги вдишат тие „анализи“ чија поента се сведува на – магла!
Првите денови од новата 2023 година, Скопје ги мина буквално обвиено во „својата“ атмосферска магла, освојувајќи ги врвните позиции на светските топ-листи по загаденост. Но се чини дека и покрај сите негодувања на граѓаните за ефектите на маглата и ветувања на политичарите со децении за справување со нив, скопјани почнаа да си ја прифаќаат маглата како зимска природна средина. Се размислува ли за брендирање на скопската магла, барем како туристичка атракција? Навистина никој гласно не го изговорил тоа, но ако не се презема ништо за да се надмине она што ти пречи, прво треба да се навикнеш да живееш со тоа, а потоа и да ги убедиш другите дека животот во магла е, ако ништо друго, барем авантуристички предизвик, секој чекор – изненадување… А вистинското достигнување на интелектуална, духовна и естетска исполнетост се случува кога ќе се подигне маглата. Тогаш кога маглата ќе се подигне (секако сама од себе, односно од други атмосферски движења), се доживува ново „откровение“ на познатата реалност, но „задоволството“ е поголемо што каква-таква сѐ уште е тука, а маглата не го проголтала нашето постоење. Дали се ова доволно аргументи за бренидрање на маглата како македонска вредност?
Ако е потребно, можеме да приложиме и други докази дека Македонија и нејзините граѓани, особено политичарите, се приспособени, па дури и создале автентичен „модус вивенди“ ли, „модус операнди“ ли, на живот во магла. Можеби оваа теза како доказ за брендирање звучи контрадикторно со една друга (по)симпатична претстава за Македонија, како „земја каде што сонцето вечно сјае“, но тоа од вешт и досетлив маркетинг-експерт може да се искористи како додадена вредност за „чудесност“. На пример: Македонија – земја што може да го продаде сонцето за магла! Или никаков ветер не може да ги развее сонцето и маглата во Македонија! Колку е поапсурдно, чудесноста звучи поавтентично!
Дека маглата не е само обична атмосферска појава во Македонија докази можат да се пронајдат и во општествено-политичкото живеење и функционирање на државата. Голема геополитичка магла е фрлена во надворешнополитичкото позиционирање на Македонија, наводно за побрзо евроатлантско и ЕУ-интегрирање, па веќе пет-шест години постојано се сопнуваме од стапиците-услови поставени во магливите добрососедски договори, поради кои нашата јужноевропски позиционирана држава доби и северен префикс. Ироничната веројатност е дека префиксот е некакво алиби за фрлената геополитичка магла (а може да се чита и како „магија“) врз Македонија. Во внатрешнополитички контекст, ако порано однесувањето и ветувањето на политичарите меѓу граѓаните се доживуваа како „ветер и магла“, сега се повеќе сведени на метафората „сеење магла“. Се „сееше магла“ и за прифаќањето на Преспанскиот договор пред пет години, а таква политичка прогноза се очекува и за главниот предизвик за оваа година – целосно прифаќање на т.н. француски предлог, односно уставни измени и внесување на Бугарите во македонскиот устав, како уште еден (но не и последен) услов за отворање на поглавјата во преговорите за членство во ЕУ.
Корупцијата, инфлацијата, економската и енергетската криза се чинат како совршени политичко-економски услови, покрај метеоролошките, за Македонија да продолжи да живее во магла и да се обиде таквиот живот да си го брендира.
Но и во брендирањето, односно во обидот за регистрација на „македонската магла“ како трговска марка, мошне извесно е соочување со предизвици на толкување на одредбите од Преспанскиот договор, па излез и аргументи ќе мора да се бараат во традицијата и народната литература. За среќа, во македонската народна литература ја имаме приказната за тоа како Итар Пејо ги убедил Мариовците дека маглата е волна, па ги убедил да скокнат во неа. И така, нашиот магливо-пародичен бренд можеме да го наречеме „мариовска магла“, со кој би се обиделе да ги подобриме македонските економски перспективи. Навистина и тука не е исклучена опасноста и таквото именување да биде оспорено од источното соседство на Македонија, според нивно толкување на еден добрососедски договор преточен во француски предлог. Конечно, овој текст со призвук на пародија, за жал, има многу совпаѓањата со вистинити состојби и ситуации, што воопшто не е случајно. Впрочем, и Мариовците ако не го сфателе сериозно Итар Пејо и не се полакомеле по волната, можеби Македонија ќе си останела земја каде што сонцето вечно сјае! Наместо постојано да нѐ проголтува и задуши магла од секаква природа.