Не случајно овде го спомнувам чинот на помирување и канење на гости на искараните. Има ли поголема симболика ако се примени тоа на ниво на државата? Не е ли празникот шанса да се ракуваат лидерите на двете најмногубројни политички партии и макар симболично да се помират, да ги сопрат роевите отровни стрели од едниот кон другиот табор? Не заслужува ли Македонија да седнат политичките опоненти на иста маса и со мирен, смирувачки тон да најдат заеднички излез од кризата што нѐ притиска од сите страни? Се разбира дека тоа е можно, потребни се само малку повеќе добра волја и чувство за државност
Денеска е Бадник, а утре е Божиќ, денот на Христовото раѓање според христијанската традиција, вториот најголем празник во христијанството, по Велигден. Денови кога сите се потсетуваме на нашата традиција, на нашата вера, па дури и оние што не се посветени верници, сепак практикуваат некои од традиционалните обичаи. Славењето на божиќните празници започна уште синоќа кога првите коледари го запалија коледарскиот огин, „бркајќи“ ги на тој начин злите духови од земјата. Денеска најмладите одат по домовите од соседите, чукаат на вратите, пеат коледарски песни и го најавуваат Рождеството Христово – Божиќ.
На Божиќ, рано утрото почнува богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости. Во некои села во Македонија по богослужбата девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата, за да се зачуваат од разни болести и да бидат плодни. Овој обичај е придружен со песни.
Исто така, со Божиќ е поврзана и поговорката „пред Божиќ, зад Божиќ дома да си“, што има значење дека за време на големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.
Верувам дека сите овие обичаи ви се добро познати и дека поголемиот дел делумно или целосно ги одбележувате како што тоа го правеле нашите стари. Но никогаш не е на одмет да се потсетиме уште еднаш на нивното значење. Бидејќи тоа е суштината на нашето постоење.
Но истовремено, убаво е да се повторуваат овие работи одвреме-навреме, бидејќи од нив можеме да извлечеме убави паралели со нашето секојдневие, па дури и со политиката, колку и да изгледа тоа неповрзано или невозможно за споредување. Напротив, доволно е само малку повнимателно читање на работите.
Не случајно овде го спомнувам чинот на помирување и канење на гости на искараните. Има ли поголема симболика ако се примени тоа на ниво на државата? Не е ли празникот шанса да се ракуваат лидерите на двете најмногубројни политички партии и макар симболично да се помират, да ги сопрат роевите отровни стрели од едниот кон другиот табор? Не заслужува ли Македонија да седнат политичките опоненти на иста маса и со мирен, смирувачки тон да најдат заеднички излез од кризата што нѐ притиска од сите страни?
Се разбира дека тоа е можно, потребни се само малку повеќе добра волја и чувство за државност. Не е доволно само декларативно да се зборува за потребата од дијалог, а од друга страна со сите сили да се работи против тоа. Доста е веќе од здодевната изопачена стратегија „не гледај ме што правам, слушај ме што зборувам“, што упорно ја практикуваат нашите лидери. Затоа што додека тие се натегаат на мостот, под мостот мина многу вода што носи многу нечистотии. Наместо да ја спуштеа браната и да ја сопреа водата, во која тие ќе одредуваат што и како ќе тече, тие дозволија матната да ни донесе сѐ и сешто.
Затоа, добро би било кога утре ќе излезат со своите традиционални божиќни пораки, политичките лидери да се замислат што ќе кажат и да го срочат она што навистина го очекува народот од нив. Од празни, декларативни реченици, на сите им е прекуглава. Лесно е да се искажат зборови за заедништво, за сплотеност, но тежината на тие зборови и големината на политичарот се огледува кога тој навистина се бори за нивно спроведување. Наспроти сите пречки. Наспроти несогласувањето или неразбирањето со својот опонент.
И сосема за крај, да се потсетиме на уште еден обичај врзан со празникот што треба посебно да се одбележи. Традицијата вели дека Божиќ се поминува дома со семејството, не се оди на гости и не доаѓаат гости. Тоа е ден кога се собира семејството, кога се истакнуваат и се слават семејните вредности.
Треба ли и ова да се преведува на јазикот на политиката? Повеќе од јасно е дека тоа би требало да ни укаже дека треба да ги славиме заедничките вредности, она што нѐ поврзува, она што нѐ прави единствени, посилни. Само така можеме да одиме напред.