Во услови кога се прекршуваат човековите права на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и се омаловажува македонската нација, сосема е природно сите македонски политички чинители да искажат став дека оваа реторика ги нарушува македонско-бугарските односи. Но во изминативе години некои од македонските политички субјекти, како што е Демократската унија за интеграција (ДУИ), немаа јасен став за ова прашање, со што тие го кршат и нашиот Устав, односно членот 49
Деновиве уставноправните теми во јавноста беа во врвот на табелата „најкоментирани теми“, особено по одлуката на Уставниот суд да ја укине алатката наречена балансер.
А кога сме кај уставот, како највисок правен акт на една држава, се вели дека секој модерен устав содржи механизми за контрола на моќта за заштита на интересите и слободите на граѓаните, вклучувајќи ги и на оние што се малцинство во државата и општеството.
Ваков пример претставува и македонскиот устав. Да потсетам, во преамбулата пишува дека „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава… одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство… во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава… со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот“.
Доколку внимателно се проследи преамбулата на македонскиот устав, и ваква каква што е (еден недозволив хибрид од граѓански и од национален концепт), сепак неизбежен е заклучокот дека сите во Македонија, без разлика на нивната етничка, религиозна и партиска припадност, по автоматизам се должни да се стремат кон зачувување на традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ, но и да ги гарантираат човековите права и слободи, како и да обезбедат мир и соживот. Со други зборови, сите македонски политички субјекти, вклучувајќи го и ДУИ, треба да ги заштитуваат националните особености – јазик, култура, историја итн. Впрочем, тоа е и уставна обврска во согласност со членот 49 од македонскиот устав, каде што се наведува дека „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ“.
Припадниците на македонскиот народ се темелен составен дел од современата македонска држава, оттука македонизмот е неразделен дел од политичкото битисување. Затоа секој македонски политичар, без разлика на етничката или религиозната припадност, е должен да го заштитува официјалниот јазик или историја. Во изминативе неколку години, особено по потпишувањето на т.н. договор за пријателство со Република Бугарија и Преспанскиот договор, официјална Софија на секаков начин се обидува да ја видоизмени македонската нација во согласност со принципите на политичкиот ревизионизам. Во услови кога се прекршуваат човековите права на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија и се омаловажуваат Македонците, како што е реториката дека македонскиот јазик е западнобугарски дијалект, сосема е природно сите македонски политички чинители да искажат став дека оваа реторика ги нарушува македонско-бугарските односи. Но во изминативе години некои од македонските политичките субјекти, како што е ДУИ, немаа јасен став за ова прашање, со што на индиректен начин не го почитуваат членот 49 од Уставот.
Дека нештата не се променети потврдува и последната средба на Али Ахмети со Жељазко Радуков, бугарски амбасадор во Македонија. На средбата се разговарало за преговарачката рамка на Европската Унија и интеграцијата на Македонија во ЕУ, како и за актуелната политичка состојба во земјата и во регионот. По средбата, од ДУИ излегоа со соопштение во кое меѓу другото беше истакнато дека бугарската заедница во Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот, а од ова никој ништо не губи, напротив, сите добиваат.
Доколку внимателно се проследи преамбулата на македонскиот устав, и ваква каква што е (еден недозволив хибрид од граѓански и од национален концепт), сепак неизбежен е заклучокот дека сите во Македонија, без разлика на нивната етничка, религиозна и партиска припадност, по Уставот се должни да ги заштитуваат националните особености – јазик, култура, историја итн.
Каков апсурд! Никој во Македонија не негира никого во државава, ниту пак тврди дека не треба да се вклучат Бугарите во македонскиот устав. Доколку внимателно се проследи повеќегодишната политика на официјална Софија, во овој момент е нужно да се има гаранции дека по уставните измени нема да има нови барања од Република Бугарија. Местото на македонската држава е во Европската Унија, тука нема дилеми меѓу сите сериозни македонски политички субјекти, но македонскиот народ треба да влезе во ЕУ со својот јазик, историја, култура итн. ДУИ треба да разбере дека тие не се политички претставници на припадниците на албанскиот народ во Македонија, туку претставници на сите граѓани без разлика на етничката припадност. Оттука, на средбата со бугарски амбасадор Радуков, ДУИ требаше да побара од Бугарија да се откаже од својата апсурдна политика кон македонските национални особености. Притоа не смееме да заборавиме дека ДУИ како политички субјект, кој се залага за заштита на човековите права, ниту еднаш не го отвори прашањето за правата на припадниците на македонскиот народ во Бугарија.
Сите треба да го почитуваат македонскиот устав, вклучувајќи го и членот 49, каде што се наведува дека „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ“. ДУИ досега на ниеден начин не потврди дека го почитува споменатиот член.