Македонија го празнува 23 Октомври, Денот на револуционерната борба, потсетник дека кога еден народ никогаш не се откажува од сопствените идеали, тогаш секоја цел е на дофат и порано или подоцна ќе биде остварена.
Една таква вековна цел стана реалност во една топла септемвриска ноќ во 1991 година, кога македонските граѓани јасно и недвосмислено кажаа „да“ на референдумот за самостојна и независна Република Македонија, издвојувајќи се од поранешната федерација и за првпат поставувајќи ја државата како посебен меѓународен субјект на светската мапа. Македонија конечно стана своја на своето, признаена од сите држави во светот, горда наследничка на славното минато изградено врз коските на илјадници дејци, кои не се штеделе кога станувало збор за остварување на вековните идеали.
Така и тогаш, во далечната 1893 година, ретко кој ќе претпоставел дека во Солун, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов шестмина млади мажи, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, ќе ја основаат Македонската револуционерна организација и ќе ги удрат темелите на она што подоцна ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Истовремено, формирањето на МРО во Солун било вовед во организираното македонско револуционерно движење, кое преку Илинден 1903 и Крушевската Република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Дефинитивно овој датум го симболизира континуитетот на македонската револуционерна борба за независност, но уште повеќе покажува што значи кога има континуитет во остварувањето на една идеја и дека таа борба може некогаш да биде и вековна, но од целта нема откажување.
Ако некому сето ова му изгледа како само обична лекција од историските книги и обичен неработен ден, што, за нечија жал, се погоди среде работна недела, па не може да се спои викендот и да се тркне на шопинг до Солун или до Врање, сепак има голема симболика.
Симболиката е во континуираната борба, дури и тогаш кого целта изгледа недофатливо и неостварливо. Тие револуционери, борци, дејци, никогаш не се откажале, не ја „свиткале кичмата“ за да ја остварат целта на срамен начин и со понижување на сопствениот народ, туку биле подготвени да го дадат и својот живот во борба што однапред знаеле дека е нерамноправна.
Денес на оваа земја ѝ се потребни такви водачи, кои нема да потклекнат пред никакви закани и уцени и кои ќе се борат за идеалите оставени од минатото. А тие идеали ќе се паметат само ако ја паметиме сопствената историја, ако не се потклекне на притисокот и не се продадат сопственото историско минато и идентитет за нејасна европска визија, која никој не знае како ќе изгледа. Се покажа дека кога се напуштаат идеалите на македонските револуционери, државата го губи курсот, го изгуби вековното име, а на тој начин веќе се загрозени и македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Сите овие клучни одлики на еден народ беа буквално ставени на пазар, се тргуваше со нив само за да се остане ден подолго на власт, да се наполнат џебовите и потоа да се ужива во богатството стекнато преку понижувањата на сопствениот народ.
Да, сѐ е искривено и испервертирано до максимум, така што сега она пред што повторно се исправени македонските граѓани, тоа е нова борба, борба да се врати македонското достоинство и да се постават јасни цели, кои нема да значат откажување од сопствените национални интереси.
И нема недостижни цели, без оглед колку во овој момент да изгледаат нереално. Франкејштановската „Северна“ во името Македонија нема никогаш да заживее, без оглед колку пари да се истураат за „северизацијата“ и колку документи да се менуваат. Неприродно за секој Македонец е да ја именува сопствената држава поинаку од она што му го кажувале предците, кои зборувале само за Македонија, ни северна, ни јужна, ни источна, ни западна. Географските одредници ги посакуваат оние што на времето во Букурешт ја расцепиле оти „името ѝ е големо, па сите сакаат дел од него“. И не само името, грабнале и дел од териториите.
Но нејсе, сега е со географска одредница, но светот околу нас многу брзо се менува, како никогаш досега. Утре можеби некои нови шестмина млади токму во Солун ќе седнат и ќе решат дека повеќе нема потреба од „северна“, туку само Македонија. Можеби ќе поднесат резолуција до ОН со која ќе побараат гласање за враќање на името во рамките на генералното собрание, така што таа борба не е завршена, ќе трае додека треба, без оглед колку далечно изгледа тоа сега.
Борбата за одбрана на идентитетот, јазикот и историјата исто така мора да продолжи оти ако ја немавме историјата, ќе ја немавме ни борбата на револуционерите, партизаните, туку ќе ни раскажуваа за некакви „администратори“ и „ослободители“ од исток. ЕУ си ги гледа своите интереси и сака да ги затвори сите отворени прашања, но тоа не значи дека и ние не треба да си ги гледаме сопствените интереси. Брисел бара уставни измени, ќе ги добие, но наша работа е како ќе ги стокмиме измените и од кога тие ќе важат. Има креативни решенија за сѐ, ама и втората страна треба да покаже нешто за возврат, наместо само да бара. Борбата и за нашите малцинства во соседството не смее да престане. Бугарите забораваат на една работа, која секогаш во историјата се покажала како точна, а тоа е дека од Македонец Бугарин не бидува. Можеби зеле некои пасоши, ама ги зеле од мака, не оти се Бугари.
И тоа на долг рок нема да помине и Софија е свесна за тоа, па затоа инсистира на впишување на Македонците што се чувствуваат како Бугари во Уставот, за да ја поткопува државата одвнатре. Во исто време, борбата за правата на македонското малцинство и во Бугарија, во Грција, во Албанија, на Косово мора да продолжи. Како што сите малцинства во Македонија ги уживаат највисоките права така и нашинците во соседството треба да имаат барем основни права.
Борбата треба да продолжи и на внатрешен план. Последните десетина години државата е целосно урнисана, институциите се натрупани со партиски послушници, голем дел без никакви квалификации, така што редно е работите да се вратат на свое место. Сега се отвора дебата како сега без балансерот ќе се пополнувала јавната администрација и како ќе имало правична застапеност. Решението е едноставно, нема потреба да се пополнува јавната администрација, туку да се димензионира во согласност со европските препораки, на минимум, да не се трошат народните пари на илјадници непотребни службеници во време на дигитализација и вештачка интелигенција.
Борбата треба да продолжи и за воспоставување владеење на правото, за држава без корупција и криминал, за подобри економски услови, за подобра и функционална инфраструктура, која ќе придонесе за подигање на економијата и стандардот на граѓаните. Борбата треба да продолжи и за подобро образование и здравство, особено за здрава животна средина.
Тоа се целите кон кои треба да биде насочена нашата современа борба, без оглед колку и да изгледа неостварливо. Ако пред повеќе од сто години македонските револуционери сакале да се изборат за македонска држава без помош од надвор, тој пример треба да го следиме и ние, со сопствени сили, заеднички, сплотено, да почнеме борба за еден подобар и попроспреитетен живот за сите граѓани. Со таква Македонија ќе се гордеат сите, дури и оние што ги дадоа животите за неа уште кога нивната цел беше толку далечна.