Денес сме сведоци дека и бојкотираните држави и спортисти се тие што го возвраќаат ударот, односно како дел од незадоволните што се на тапет, не сакаат да бидат дел од ЛОИ, ако треба да настапат под неутрално или туѓо знаме, без своја национална химна, да не можат да се поздравуваат со своите ривали, па револтирано го дигнаа гласот. Сето тоа не го остава рамнодушно ниту раководството на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), на чело со претседателот Томас Бах, кој, рака на срце, сепак, настојува некако да го ублажи овој бојкот на засегнатите држави и спортисти, односно да им се даде право на некои спортисти да настапат, но под неутрално знаме. За објективноста на постигнатите резултати и освоените медали во ваква конкуренција и да не говориме
Летните олимписки игри (ЛОИ) се пред портите на Париз. До влезот во Градот на Светлината и нивниот почеток има уште две седмици. Возбудата расте, очекувањата уште повеќе. Спортистите ги бркаат последните олимписки норми, а некои се надеваат и на заслужена вајлд-карта за да бидат вклучени во спортскиот настан, кој отсекогаш бил сон за секој спортист. Секој посакува медал, а со него на подиумот често се присутни и солзи на славениците, како и кај тие што не успеале да стигнат таму каде што претходно се замислувале, но и на оние на кои воопшто не им била дадена можност да се обидат да освојат медал.
На сите ни е добро познато дека политиката отсекогаш била вклучена во ЛОИ и со тоа (не)свесно креира(ла) погрешни патеки, по, кои, пак, потоа се движеле непосредните актери – спортистите, што е во спротивност на суштината на олимпизмот како синоним за мир, толеранција и за меѓусебно разбирање помеѓу државите. Во својата современа историја, ЛОИ биле бојкотирани многупати, а секако главен виновник била политиката. Ако погледнеме во спортскиот ретровизор, ќе воочиме дека најголемите бојкоти всушност се случиле во 80-тите години од 20 век, кога тие биле резултат на воените блокови, НАТО и Варшавски пакт, и кога на Студената војна ѝ недостигал уште еден чекор, па да пламне.
Денес сме сведоци дека и бојкотираните држави и спортисти се тие што го возвраќаат ударот, односно како дел од незадоволните што се на тапет, па не сакаат да бидат дел од ЛОИ, ако треба да настапат под неутрално или туѓо знаме, без своја национална химна, да не можат да се поздравуваат со своите ривали, па револтирано го дигнаа гласот. Сето тоа не го остава рамнодушно ниту раководството на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), на чело со претседателот Томас Бах, кој, рака на срце, сепак, настојува некако да го ублажи овој бојкот на засегнатите држави и спортисти, односно да им се даде право на некои спортисти да настапат, но под неутрално знаме. А за тоа ќе решавал токму ИОК, како да е селектор на спортска екипа, па ќе каже кои ќе бидат тие „подобни“ спортисти, што претставува тотална нелогичност. За објективноста на постигнатите резултати и освоените медали во ваква конкуренција и да не говориме.
Во јавноста веќе протекоа изјавите на руските борачи што имаат освоено 16 од 18 можни олимписки норми во борење слободен стил, но ниту еден од нив нема да настапи на ЛОИ во Париз, иако шест квалитетни борачи не ги поминаа „критериуми“ на ИОК, па нивните колеги што добија зелено светло за настап решија да го бојкотираат олимпискиот турнир.
– Не ги прифаќаме неспортските принципи на селекција според кои ИОК го состави списокот на спортисти со право на учество, оти е донесен со очигледна цел да ја поткопа нашата репрезентација – се вели меѓу другото во соопштението на Боречката федерација на Русија.
И Џудо-федерација на Русија објави дека одлуката да не испраќа свои натпреварувачи во Париз се темели на „понижувачките“ услови под кои 17 руските џудисти требало да настапат, а ИОК им дозволи само на четворица!
– Ги исполнивме сите услови на ИОК што беа прифатливи, но нема да потпишеме изјава што ја дискредитира политиката на нашата држава – соопшти ЏФР.
Гласот го кренаа и белоруските спортисти, кои исто така најавија дека ќе ги следат стапките на руските спортисти поради ограничениот број свои спортисти и настапот под неутрално знаме на ЛОИ во Париз.
Но конфузијата да биде уште поголема е можната најава дека многу земји на чело со Украина би можеле да ги бојкотираат ЛОИ 2024 во Париз, ако настапат руски и белоруски спортисти, што го прави целиот настан бесмислен. Низ вените очигледно тече премногу „огорчена“ крв, што нема врска со спортот и спортистите. Со право се поставува прашањето, кон што води сето ова и дали полека ЛОИ го губат својот кредибилитет, за што всушност и постојат. Што се виновни спортистите за воените дејства на засегнатите страни, во конкретниов случај помеѓу Русија и Украина? Тие ли ги носат политичките одлуки? Тие што сакаат само да се докажуваат на спортските терени решаваат дали ќе се војува или не, денеска? Тие единствено само можат да го загубат својот живот ако бидат присилно или доброволно мобилизирани на воените полиња, на, кои, пак, воопшто нема допирни точки со спортските докажувања.
Спортистите се едноставно најголеми губитници од ваквите бојкоти, на кои, за жал, им пропаѓаат и нивните соништа за некој олимписки медал, како круна на нивната долгогодишна спортска кариера. Дали со олимписките бојкоти е скршен и духот на олимпизмот и секако Кубертеновото мото „важно е да се учествува“, кое, се претвора во „важно е и да се победи“? Секако да!
Каде е излезот од сето ова и дали воопшто го има? Едноставно, потребно е да не ѝ се дозволи на политиката да „влезе“ во спортските арени, каде што владеат спортистите и нивните рекорди. Позитивен пример со силни политички пораки и надежи беше токму заедничкиот настап на спортистите од Северна и од Јужна Кореја на Зимската олимпијада (ЗОИ) одржана во Пјонгјанг во Јужна Кореја во 2018 година. На свеченото отворање на тие Игри, двете држави продефилираа заедно под знамето на обединета Кореја. Двете земји се договорија да испратат заедничка женска хокеарска репрезентација, која ќе се натпреварува под кратенката КОР. Одлука што внесе нова надеж дека политичките премрежиња на полуостровот Кореја би можеле да се надминат со повторно обединување на двете држави, кои долги години се гледаат преку нишанот на оружјето. Но очигледно прстите на политиката се сепак „предолги“, а самиот мирољубив процес „се загуби“ низ тајните политички лавиринти и планови. Олимпиското мото на сесијата на ИОК во јапонскиот град Токио (Јапонија), од 2021 година е променето, односно на основното „Побрзо, повисоко, посилно“ е додаден уште зборот „заедно“, што на сите ни е добро познато што тоа значи. Но тоа „заедно“ засега сѐ уште не се чувствува, а уште помалку се гледа…