Блискиот Исток, блиски последици

  • Додека светските воени аналитичари викендов пред мапите објаснуваа кој од каде истрелал и што погодил, на тие екрани некаде горе лево стоеше и Македонија. Човек не може, а да не помисли дека сето она што се случува на Блискиот Исток во суштина е поблиску до нас отколку што сакаме да веруваме

Ескалацијата на воените дејствија на Блискиот Исток сериозно го загрижи светот, така што сите земји почнуваат да ги проектираат можните сценарија според сопствените интереси, доколку конфликтот добие пошироки размери.
Едно е сигурно, никој со сигурност не може да знае што ќе се случува и како размената на проектили ќе ги редефинира безбедносните констелации во регионот, но и многу пошироко, во светски рамки.
Додека светските воени аналитичари викендов пред мапите објаснуваа кој од каде истрелал и што погодил, на тие екрани некаде горе лево стоеше и Македонија. Човек не може, а да не помисли дека сето она што се случува на Блискиот Исток во суштина е поблиску до нас отколку што сакаме да веруваме.
Затоа не е изненадување што Грција веднаш ги засили безбедносните мерки околу главните аеродроми, пристаништа и дипломатски претставништва. Турција и Кипар презедоа слични чекори. Тоа не е паника, туку протокол, реакција на држави што знаат дека географијата не простува и дека кризите денес се прелеваат со брзина на светлината.
И Македонија реагираше одговорно, одржувајќи итна седница на Советот за безбедност на која се дискутирало за засилување на инструментите за рано предупредување, мерки против можни сајбер-напади, хибридни закани и зголемена контрола на граничните премини. Тоа е првиот, неопходен институционален филтер. Подобро е ризиците да се мапираат и да се пресретнат навреме отколку да се констатира штета кога веќе ќе биде направена. Во вакви моменти, свикувањето на Советот не е формалност, туку сигнал дека системот е буден.
Имено, бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец значително е отежнат, што дополнително го проблематизира дотурот на сурова нафта и веднаш предизвика раст на цената на нафтата и златото. Не случајно викендов бензинските пумпи во Скопје беа преплавени со возила што полнеа резервоари, за да се заштеди некој денар ако бензинот и дизелот рипнат на сто денари. Знаејќи го нашиот менталитет, следно на удар ќе биде и брашното по маркетите. Но нејсе, такви сме – што и да се случува, брашно да има.

Да се вратам на економските импликации. Ако нафтата оди нагоре, трговците одвај ќе чекаат да ги кренат цените, а најтрагично е што кога берзанските нафтени индекси ќе паднат, тогаш ретко кој трговец ја коригира цената на производите надолу. Следно, ќе поскапи превозот, како на луѓе така и на стоки. Низ Ормускиот Теснец минуваат суровини потребни и за фармацевтската индустрија, па не е исклучено да има нарушувања во синџирите на снабдување. Тешко ќе доаѓаат и пратките нарачани онлајн на кои македонските граѓани се навикнаа. Ако кризата потрае, Македонија несомнено ќе ја почувствува врз сопствената економија.
Има и директен човечки аспект. Македонски граѓани имаат бизниси или работат на Блискиот Исток. Дел од нив веќе бараат начин како да се вратат. Тоа повлекува конзуларна координација, евентуални евакуации, логистика – уште една причина зошто безбедносните институции мора да бидат во постојана состојба на координација.
Безбедносниот аспект е уште почувствителен. По секоја ескалација следува флуктуација на бегалци. Меѓу илјадници луѓе што бегаат од војна, не е исклучено да се најдат и поединци со радикални намери. Токму затоа е важно засилувањето на контролите на аеродромите и граничните премини да не се доживува како драматизација, туку како превенција. Денес заканите не доаѓаат само преку физичко присуство, туку со сајбер-напад може да се блокира финансиски систем, електроенергетска мрежа или јавен сообраќај. Среќа што нашиов јавен сообраќај и без сајбер-напад одамна е парализиран, така што граѓаните нема ништо да почувствуваат. Автобусите и натаму ќе ги има, ама ретко.
Затоа одлуката на Советот за безбедност да ги стави во фокус и хибридните закани и сајбер-безбедноста можеби е најзначајниот дел од целата реакција. Клучна е и директната размена на информации со сојузниците бидејќи во вакви времиња, информацијата е најсилното оружје. Не пречи да се провери и функционалноста на старите системи за предупредување и тревога, како и можноста за мобилни аларми преку операторите. Подготвеноста не значи дека нешто ќе се случи, туку дека ако се случи, нема да нè фати со прстот во устата.
Оваа ескалација е и силна порака до Европската Унија дека нема луксуз да калкулира со проширувањето. Европа денес има потреба од затворен безбедносен круг, силни надворешни граници, единствен економски простор и координирана одбрана. Во свет на турбуленции, празен простор долго не останува празен, некој друг веднаш го пополнува.
Како и да е, свикувањето на Советот за безбедност во најкус можен рок говори за одговорен однос на државата кон своите граѓани. Но тоа не значи дека работата е завршена. Напротив, тоа е само почеток. Во вакви кризи не се мери кој бил најгласен, туку кој бил најподготвен. А подготвеноста значи континуирано следење на состојбите, координација со партнерите и јасна стратегија како евентуалната цена да не падне врз грбот на граѓаните.
Советот за безбедност не е гаранција дека ризици нема да има. Но е гаранција дека државата ги сфаќа сериозно и дека барем овој пат не чека проблемот да дојде до врата за да почне да размислува што понатаму.