Безмалку три децении имаме закон за јазикот, само на хартија

Со настанот минатата недела (одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, востановен во 1999 година од страна на УНЕСКО) наедно започна и прославата на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, со прогласување на азбуката и на правописот во мај и јуни 1945 година. Овие датуми би требало да нè потсетат на грижата за мајчиниот јазик и да ни ја издигнат свесноста за неговото значење, затоа што македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет, а круната на неговата кодификација е 5 мај 1945

Треба да бидеме многу побрзи во решавањето на статусот на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик (ЗУМЈ), кажа Елена Јованова Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, на минатонеделната прослава на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Иако Собранието го усвои кон крајот на јануари минатата година, ЗУМЈ сѐ уште не функционира во практика поради процедурите поврзани со ланските избори, а формирањето на инспекторатот, како корективно тело што произлегува од законот, не е спроведено поради потребата од дополнителни законски измени, поврзани со промената на името на Министерството за култура во Министерство за култура и туризам. Директорката укажа на потребата од ваков инспекторат, вработување млади кадри и воопшто лектори во сите државни институции и, конечно, конкретно функционирање на Законот за употреба на македонскиот јазик, за да покажеме колку сме заинтересирани за зачувување и за негување на македонскиот јазик. Според неа, наша должност е будно да внимаваме на правилната употреба на македонскиот стандарден јазик и истовремено да го поддржуваме стремежот за негување на мајчините јазици на нашите сограѓани и соседи.
Со настанот минатата недела (Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е востановен во 1999 година од страна на УНЕСКО) наедно започна и прославата на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, со прогласување на азбуката и на правописот во мај и јуни 1945 година.
Овие датуми би требало да нè потсетат на грижата за мајчиниот јазик и да ни ја издигнат свесноста за неговото значење затоа што македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет, а круната на неговата кодификација е 5 мај 1945. Иако првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944, на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од 10-11 век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на 16 век. Во 19 век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година.

Пред две години, во пресрет на Денот на македонскиот јазик, Владата го усвои предлогот на новиот закон за употреба на македонскиот јазик, со цел поголема заложба во грижата, употребата и изучувањето на македонскиот јазик и кирилското писмо. Новиот текст на овој предлог-закон во значителна мера беше подобрен во однос на претходниот. Изречените забелешки и сугестии од Институтот за македонски јазик во еден поголем дел беа вградени во последната верзија на предлог-законот. Иако новиот закон е донесен веќе повеќе од две години, тој сѐ уште не профункционирал во практиката.
Треба да се нагласи дека ние и досега имавме Закон за употреба на македонскиот јазик, донесен во 1998 година и, исто како сега, тој не се почитуваше во практиката. Овој закон не се применуваше, а тоа е и една од причините за слабиот одзив на студенти по македонски јазик. Познато е дека во согласност со Законот за употреба на македонскиот јазик сите јавни институции мора да имаат лектор по македонски јазик, но тоа во практиката не е така. Последица на ова во иднина ќе биде недостиг од професори, наставници и лектори по македонски јазик. Така, на пример, во 2022 година само 16 студенти одлучиле да студираат македонски јазик и книжевност. Тоа е показател дека секоја година интересот за изучување на македонскиот јазик во континуитет опаѓа. Тоа што Законот за македонскиот јазик пропишува обврска во секој јавен орган да има вработено лектор би требало да даде придонес во зголемување на интересот кај младите научно да се занимаваат со јазикот.
На терен инаку се забележуваат непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера. Со законот треба да се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, да се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстовите што се објавуваат, како и документите издадени од институциите, а задолжително лекторирање да врши само лектор со лекторска лиценца. Новината што е воведена е обврската за задолжително вработување лектори во органите на законодавната, извршната и на судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во други држави и во меѓународни организации, во органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и институции и во медиумите регистрирани во Републиката. Со законот се дава правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука треба да објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик. За вршење инспекциски надзор над примената на законот е основан инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. Инспекторатот треба да биде фокусиран на вршење инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик, со што ќе се зголеми правилната употреба на македонскиот јазик.

Во овој закон, имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство (јазикот како духовно, нематеријално културно богатство), се пропишуваат глоби со трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби.
Доколку се имплементираат овие одредби од законот, сите овие недостатоци и недоследности ќе почнат полека да се надминуваат и решаваат. Жално е што безмалку три децении од донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик до денес тој во практиката не функционира, а за овој поразителен факт одново и одново се потсетуваме само на годишнини и јубилеи. Да се надеваме дека нема да зборуваме за истово и на наредниот важен датум за македонскиот јазик, наместо да пишуваме за првите резултати од примената на законот.