„Безбедњачки“ стриптиз

Како жртва во аферата „Големото уво“ сакам да кажам неколку думи за најновата голема афера со прислушувањето на Мицкоски и негови сопартијци и новинари и веројатно и други, особено десничари. Наместо стриптиз, нам ни треба системско решавање на проблемот, кој се претвори во голема афера. Разголувањето на тој важен систем, кој е еден од државните безбедносни механизми и е темелен во секоја смисла, не смее да стане јавно кабаре во кое публиката ќе плаќа за да види црвени гаќички. Наместо воајерство, очекуваме цврста одбрана и зајакнување на системот на цивилна контрола врз тој „безбедњачки“ систем, нешто што не ѝ успеало на ниту една влада. Повелете, реформирајте, но не уривајте. Ставете ги во цивилен калап, фатете ги уздите (особено во Собранието), оти гледаме дека некои од тој систем аздисаа. Чист воздух, особено во такви системи, секогаш е потребен

Таа реченица како некој со длето да ми ја врежа во памтењето. Влегов во судницата во скопскиот суд за да дадам исказ како оштетен, како жртва во една од најбруталните афери по обем и по последици – „Големото уво“. Судницата ми изгледаше како место каде што се убиени сите емоции, сите аргументи и место каде што владее некоја атмосфера на страв во коски, а не храм на правдата. Моја лична емоција и процена.
Судијката ми се обрати само со една директна реченица: „Не ве прислушувале вас Христо, прислушуван бил Борис Змејковски“. Да, јас потврдив дека транскриптот, меѓу другите стотици и стотици, кои јавно ги даде на увид тогашниот премиер Бранко Црвенковски, е автентичен. Од збор до збор. Проверував и во мојот новинарски бележник каде што го потврдив разговорот со Борис. Потоа случајот, кој предизвика огромна домашна и меѓународна бура, па конфликт и нова држава, а се заинтересира, и тоа сериозно, и Си-ен-ен, намирисал приказна, па дури и му дадов една изјава, доби судска завршница. За мене останаа две клучни работи нерешени – првата беше моето инсистирање да се поднесе тужба и против Црвенковски за неовластено објавување во јавноста на разговорите без да добие одобрување, што не се прифати, а втората е самата пресуда, која наместо да даде поука како не треба еден државен систем да се однесува, тој ја отвори портата за натамошно бескрупулозно следење на граѓаните, поединци, партиски лидери, бизнисмени, писатели… во Македонија. Во таа судска пресуда, која требаше да биде темелна и гордост на македонското (независно?) судство, се измисли топла вода – дека „Телеком“ имал опрема со која можел да прислушува. Инаку, ние не го знаевме тој податок. А кој го нарачал тоа, имало ли судски налози, каде отишле тие податоци, кои биле намерите, целите… ништо од тоа. Ни кој го смислил ни кој го извршил. Значи, клучните работи не се извадија на видело, тие не добија покана во судницата. За личните проблеми сега да не зборувам, само ќе кажам дека за еден новинар што бил вклучен во афера со масовно прислушување, значи за професионалец што комуницира и контактира со политичари, колеги, дипломати, странци… сето тоа во еден момент е компромитирано, те обележале и понатаму само можеш да се крстиш кој ќе ти крене телефон. За некоја поважна информација можеш само да сонуваш. Информацијата за нас новинарите е леб.

„Големото уво“ од 2001 година не беше прво масовно прислушување, но беше најголемо по обем, а главно се следеле вмровци, на некој начин им пречела десницата во Македонија на безбедносните структури, кои се школувале во еден систем и во еден простор многу поголем од самата Македонија. Тоа значи дека тие наши домашни, просто и народски кажано, шпиони си имале и понатаму врски со своите колеги произведени во инкубаторот на озлогласената УДБ-а, односно системот што ги влечеше конците од Миљаковац-Дедиње, на кои со децении им пречеше македонската десница, особено во емиграцијата. И не е само Македонија со проблеми од остатоците на тие служби, да потсетиме и на изјавата на Словенецот Јанез Јанша (поранешен премиер), кој еднаш рече дека сегашната еврокомесарка за проширување Марта Кос имала некои семејни врски токму со Удба. Не се даваат, жилави се и активни.
Аферата „Бомби“, која ја продуцираше Зоран Заев, ја дотепа Македонија со Преспанскиот договор, со која се смени името на државата, на нацијата (едвај чекаат да станеме модерни Македонци, новомакедонци, северномакедонци), и која на Македонија ѝ извади билет во еден правец – јали рајот, јали пеколот, кој ќе ти знае.
Сега се отвораат „пупките“ на последната афера заведена под графата будно „следење на македонскиот десен екстремизам“, што ќе рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, негови блиски партиски соработници, но никако не може без новинари, значи и тие. Кој е обемот на оваа операција сѐ уште не знаеме, но ги гледаме опасните контури, го следиме стариот потпис на старите структури втренчени во безбедносниот сектор на АНБ и АР. Се вртат исти имиња, иако неофицијално, кој го правел тоа. Дознаваме информации што се случувало во безбедносниот систем, кој со кого се сретнал и за колку пари се продал, кој шетал дома без гаќи… Се бара комплетна декласификација на она што било разоткриено при операцијата да се следи Мицкоски по секоја цена. Се бара тотален стриптиз на разузнавачкиот сектор!? Кому му е потребна таква голотија?

Сега најмалку ни треба повторување на грешките од минатото. Премногу тешки теми промашивме, како што на пример беше со случајот „Осумтемина“, „Големото уво“, „Дувло“, „Сина птица“, процесот на лустрација, воден врз основа на податоци прибрани токму од соработници на Удба. Тоа ви е како да одите во лов на диви свињи, а да се застрелате самите. Ловџијата сега треба да ја има главната мета, а таа гледаме дека е доста подвижна. Некој во тие структури гребе со канџите веројатно за да ги зачува своите позиции. Не е тоа мала работа да се има моќ. Ќе кажам само еден пример кога еден млад наш премиер седнал во фотелјата прво што му направиле мајсторите за создавање големи уши, му ја покажале моќта на Петтата управа. Самиот премиер лично се уверувал дека во секој момент нашите служби можат некого да следат. И? Ама премиерот ја лапнал јадицата.
За нас како јавност е важно да знаеме како е можно исти луѓе постојано да бидат водачи на аферите со прислушување, физичко следење и спроведување ПИМ со сомнително покритие. Дали сме ние заложници на таа мала и опасна клика? Одговор. Каде се тие луѓе, од таа „дворска клика“ – дома, тука или се некаде во странство под нечија заштита?
Дали во АНБ или на некое друго место уште постои оперативна единица за борба против македонскиот десен екстремизам и дали ресурсите за гонење исламски фундаментализам се насочени токму во тој десничарски правец? Дали разузнавачко-безбедносниот сектор е и ќе биде силен и ќе работи во интерес на зачувување на безбедноста, системот и сувереноста на Македонија или ќе работи за својот џеб, ќе шитка информации, ќе клука како мисирки пред Божиќ одреден сој новинари на кои тоа им е важно, да бидат еден ден во фокусот? Дали и кој издава доверливи информации од тој систем? Дали поради слабостите во тој систем е доведена во прашање безбедноста на клучните политички функции во државата? Имавме еден атентат врз претседател и претседател што загина во сомнителна авионска несреќа, токму затоа и постои оваа дилема кај нас.

Наместо стриптиз, нам ни треба системско решавање на проблемот, кој се претвори во голема афера. Разголувањето на тој важен систем, кој е еден од државните безбедносни механизми и е темелен во секоја смисла, не смее да стане јавно кабаре во кое публиката ќе плаќа за да види црвени гаќички. Наместо воајерство, очекуваме цврста одбрана и зајакнување на системот на цивилна контрола врз тој „безбедњачки“ систем, нешто што не ѝ успеало на ниту една влада. Повелете, реформирајте, но не уривајте. Ставете ги во цивилен калап, фатете ги уздите (особено во Собранието), оти гледаме дека некои од тој систем аздисаа. Проверувајте им ја имотната состојба редовно и проветрувајте ги нивните редови. Чист воздух, особено во такви системи, секогаш е потребен.