Бесмисленостите на подметнатата бугарска самосвест

  • Веројатно увидувајќи дека не можат да нѐ скршат колективно, оние што работат против нас сега се обидуваат со поинаква тактика, со нишанење врз поединци. Цел на последниот таков напад е нашиот колега Далибор Станковиќ, кому му беше посветена цела статија на бугарски интернет-портал, во која се задира во неговото потекло преку тврдења дека тој поднел барање за бугарско државјанство, во кое наводно изјавил дека неговата свест е бугарска?! Се расчленува и се анализира потеклото на неговото семејство преку броење крвни зрнца, што претставува една од најнегативните националистички појави на Балканот. И тоа замислете, преку целосно невистинити и погрешни податоци за семејството Станковиќ, изнесени во некакви документи што треба да ги поткрепат тенденциозните бугарски тврдења

Како весник, досега во повеќе наврати бевме цел на секакви напади – на лаги, клевети, говор на омраза, притисоци и обиди за цензура, хакирања… однатре во земјата и однадвор. Тие само се засилуваат заедно со нашата непоколеблива доследност на изворната мисија на „Нова Македонија“, како прв македонски весник нераскинливо поврзан со државноста, за одбрана на вистината за македонскиот идентитет изразен преку јазикот, историјата и културата. Колку повеќе ги браниме нашите позиции и интереси преку аргументирани теми и анализи втемелени на факти, толку поагресивни, но и поочајнички, се нападите и обидите да ни се наштети.

Муницијата со која се стрела врз нас станува разновидна и со поголем калибар, особено во изминатите пет години. Се вршат електронски упади во содржините на весникот со намера да се избришат одредени текстови предвидени за објавување, при што е забележано дејствување на организирани тимови од соседни држави, кои имаат оформени обемни досиеја за новинарите на „Нова Македонија“, на што веќе укажавме. А во последно време се поднесуваат неосновани приговори и жалби до Советот за етика на медиумите од страна на невладини организации и здруженија речиси за секој текст во „Нова Македонија“ во кој се изнесени издржани критики за официјалната бугарска политика.

Веројатно увидувајќи дека не можат да нѐ скршат колективно, оние што работат против нас сега се обидуваат со поинаква тактика, со нишанење врз поединци. Цел на последниот таков напад е нашиот колега Далибор Станковиќ, кому му беше посветена цела статија на бугарски интернет-портал, во која се задира во неговото потекло преку тврдења дека тој поднел барање за бугарско државјанство, во кое наводно изјавил дека неговата свест е бугарска?! Се расчленува и анализира потеклото на неговото семејство, преку броење крвни зрнца, што претставува една од најнегативните националистички појави на Балканот. И тоа замислете, преку целосно невистинити и погрешни податоци за семејството Станковиќ, изнесени во некакви документи што треба да ги поткрепат тенденциозните бугарски тврдења.

  • Ваквите напади нема да нѐ поколебаат, ниту да нѐ одвратат и да нѐ спречат од посветеноста на нашата изворна мисија за објективно пишување за вистината темелено на факти. Далибор Станковиќ и натаму ќе остане „прво перо на македонизмот“, а „Нова Македонија“ ќе продолжи уште поревносно да ги брани македонските национални интереси од секакви злонамерни напади, без оглед колку и да се бесмислени

Но Станковиќ не случајно е избран за цел, оквалификуван од авторот на статијата како врвен новинар меѓу водечките кадри на „Нова Македонија“ и „специјалист“ за Бугарија, кој преку неговото пишување, како што се вели, „речиси секогаш дејствува со една цел: ’да ја оцрни нашата земја, да ја претстави како непријател на Македонците или да го негира постоењето на бугарската заедница во С. Македонија‘“.
Притоа и „Нова Македонија“ се опишува како „инструмент за изградба на ’нова македонска нација’ и ’нов македонски јазик’, одделен од своите бугарски корени“?! Оваа низа апсурдности, за жал, ја доловува искривената реалност во која живеат бугарските медиуми, во што и самиот се уверив среќавајќи се со колеги од Бугарија при професионален ангажман во странство. Сето ова, бидејќи им пречи вистината за која „Нова Македонија“, односно Станковиќ пишува – дека Софија е виновна за влошените меѓудржавни односи и оти бугарските барања до ЕУ претставуваат уцена и агресија, за дискриминација на македонското малцинство во Бугарија, бугарскиот ревизионизам на историјата, за бесрамното присвојување на сѐ што е македонско…

Притоа целосно неосновано се тврди дека „во Македонија мора да ја мразите Бугарија“?! Тука ќе бидам директен и ќе нагласам дека во Македонија не мразиме никого, туку само се браниме на целосно легитимен начин кога сме нападнати. А истовремено се соочуваме со секакви навреди, дури и дека сме „неофашисти“, што е целосно бесмислено, знаејќи дека основањето на весникот е во екот на антифашистичката борба, со подвиг на партизаните, кои во тешки услови ја носеле машината за печатење на која е издаден првиот број. Бугарските обиди за пресметување со нас, затоа честопати ги земаме и на шега, што не е тешко кога ќе се види колку се неразумни. Истото важи и за бугарските навреди и клевети со кои се преплавени и коментарите за текстовите на „Нова Македонија“ на профилите на весникот на социјалните мрежи. Па така, кога разговарав со Далибор за бугарскиот напис, му кажав дека ќе стане славен, а тој ми порача дека јас сум следниот. Можеби проѕирните обиди за дискредитација треба да се гледаат и како своевидна укажана чест, бидејќи нѐ ставаат во избрано друштво на македонски поранешни и сегашни дипломати, публицисти, историчари, универзитетски професори… што досега се соочија со слични напади. Навистина е долга таа листа.

Тука морам да посочам и личен пример, кога речиси веднаш по моето назначување на функцијата главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“, во коментар на бугарски јазик на нашиот фејсбук-профил беше напишано: „’Нова Македонија’ и онака беше за никаде, но сега, со главен уредник Србин, е најлоша, не може да потоне подолу“. Мене искрено ме насмеа оваа забелешка, преку која се покажува дека на Бугарите изгледа им пречат сите соседи, при што не се способни да забележат дека проблемот лежи во ваквите нивни сфаќања.

Но нападите нема да нѐ поколебаат, ниту да нѐ одвратат и да нѐ спречат во посветеноста на нашата изворна мисија за објективно пишување за вистината темелено на факти. Далибор Станковиќ и натаму ќе остане „прво перо на македонизмот“, а „Нова Македонија“ ќе продолжи уште поревносно да ги брани македонските национални интереси од секакви злонамерни напади, без оглед колку и да се бесмислени.