Тој Див Запад од филмовите стана реалност во македонското општество. Сега го живееме нашиот див запад секој ден. И ова не е само моја лична констатација изнесена онака од ракав без факти. Напротив. Податоците од неодамнешната анализа на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на меѓународниот Институт за мерење и процена на здравјето со седиште на Универзитетот во Сиетл, покажуваат дека со 12,25 случаи на милион жители, Македонија е трета во Европа според стапката на смртни случаи од огнено оружје
Во едни други времиња, кога телевизиската понуда се сведуваше на два канала, од кој вториот започнуваше попладне во 18 часот со неизбежната „Београдска хроника“, на првиот канал обично се емитираа содржини за пошироката јавност. Беа тоа емисии со народна музика, емисии од образовен карактер, спорт многу поретко од она што го имаме денес, а за филмската програма беше резервирана саботата навечер. Сите беа собрани пред малечките екрани, во буквална смисла екраните беа малечки, за разлика од денешните огромни лед-дисплеи по метар и кусур, чекајќи го омилениот филм. А сабота како сабота, не можеше да помине без легендарните вестерн-филмови со Џон Вејн, Гари Купер, Хенри Фонда, Чарлс Бронсон, Берт Ланкастер, Одри Хепберн, Клаудија Кардинале, а подоцна и нешто помладиот Клинт Иствуд, човекот со накривениот шешир, кој пурата ја имаше цврсто гризнато со забите, и со култната фацијална експресија, која можеше да ја долови само објективот на Серџо Леоне.
Во сите тие филмови проблемите се решаваа така што секогаш победуваше оној што прв ќе го извлече револверот и ќе го застрела соперникот. Паралелно со тоа одеше приказната за борбата на доброто против злото, борба во која сите потегнуваа пиштоли, без оглед на цената.
И ние како гледачи, првиот впечаток што го имавме е дека тоа било некаде на Дивиот Запад, таму сите се пукале, носеле пиштоли, додека кај нас пиштол, и тоа во футрола, можеше да се види единствено кај педантните позорникари, кои на секои два часа во пар патролираа по маалските улички. А да се слушне, пак, дека некој пукал или не дај Боже убил некого со огнено оружје, тоа не паметам. За нас Дивиот Запад беше некаде далеку, а тоа што се случуваше во филмовите, едноставно беше незамисливо да се случи во реалноста. Нашата врска со употребата на оружјето беше борба против фашизмот, со благородна слободарска идеја, да се одбрани родната грутка и да се изгради држава Македонија.
По неколку децении како федерална единица во поранешна Југославија, Македонија ја дочека независноста, а со тоа почнаа да се зголемуваат телевизиските канали, исчезнаа образовните канали, вестерн-филмовите станаа поретки, а она што почна да се случува во реалноста, сѐ повеќе почна да наликува на Дивиот Запад инсталиран кај нас. Се појавија некои нови момци на кои поседувањето оружје им стана престиж и општествен статус, па сето тоа низ годините само прогресираше од генерација на генерација. Сите станаа и судии и извршители, оти кога го имаш оружјето во рака, можеш да му пресудиш и на оној што не те пуштил во сообраќајна лента, на оној што случајно ти стапнал на жуљ, некој што не ти вратил пари, некој што ти влегол во територија и слично.
Тој Див Запад од филмовите стана реалност во македонското општество. Сега го живееме нашиот див запад секој ден. И ова не е само моја лична констатација изнесена онака од ракав без факти. Напротив. Податоците од неодамнешната анализа на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на меѓународниот Институт за мерење и процена на здравјето со седиште на Универзитетот во Сиетл, покажуваат дека со 12,25 случаи на милион жители, Македонија е трета во Европа според стапката на смртни случаи од огнено оружје. И додека се обидувам да откријам дали е ова уште една „лажна вест“ што некој од некаде намерно сака да ја протурка само за да нѐ прикаже намерно како некаков див запад, вчера стигна нова страшна вест за убиство во скопско Батинци со огнено оружје. Народски кажано, се пукало од две коли во движење.
Ден претходно во Ченто се случи нов див запад, овој пат од млада група насилници, кои употребиле огнено оружје и ножеви за да издејствуваат ослободување насилник, кој претходно заедно со други лица нападнал деца што седеле пред својата зграда.
Ова се загрижувачки индикатори што покажуваат дека го живееме Дивиот Запад во нашето секојдневие и дека крајно време е институциите да почнат да постапуваат. Тоа значи дека треба да се воспостави ефикасен систем што ќе превенира и обесхрабрува поседување и користење оружје воопшто. Практично, тоа ќе значи промена на казнената политика или високи затворски казни за секој што ќе биде фатен со нелегално оружје. Ако таа затворска казна е 20 години, не е сеедно за еден 18-годишник најубавиот дел од животот да го помине зад решетки и да излезе подоцна на 40 години, гледајќи ги своите врсници со семејства, бизниси и со исполнет живот.
Тогаш веројатно ќе се запраша дали вредеше правењето фраер на пет минути. И оние повозрасните треба да се замислат, оти слободата нема цена. Но се покажа дека кога казните се симболични или никакви, стимулот да се набавува нелегално оружје и да се употребува е многу поголем. Институциите треба посериозно да ја заострат политиката за издавање дозволи и за легално оружје, само во краен случај. Можеби размислувам ограничено, но мојата перцепција подразбира само полицијата и армијата да имаат оружје. Па дури, ако институциите профункционираат и се одземе нелегалното оружје, тогаш можеби и полицијата ќе шета без оружје по улиците, исто како британскиот „боби“ или норвешките полицајци. Ако не се преземе нешто, тогаш некоја следна анализа ќе нѐ направи лидери во Европа според бројот на смртни случаи предизвикани од употреба на огнено оружје. Или ќе нѐ направи вистински Див Запад во Европа, а не фиктивниот холивудски што го гледавме во сабота навечер собрани покрај малите црно-бели телевизори. За да не се случи тоа, завчерашниот и вчерашниот инцидент можеби се последните опомени. Сега сѐ зависи од нас каков филм сакаме да гледаме во иднина.