Подобро е секој сам да си ги чествува датумите од историјата онака како што со векови го правел тоа. За нас Гоце Делчев бил апостолот на македонската државност, за Бугарите нека биде она што тие сакаат и никому ништо. Нека организираат научни академии, концерти, манифестации, поздравни обраќања, нека доделуваат и државни награди, но нека го прават тоа кај нив дома. Тука ние ќе си го одбележуваме онака како што и досега сме го одбележувале со години. Скромно, достоинствено, онака како што му прилега на македонскиот великан бидејќи ниту една манифестација никогаш нема да биде доволна за неговото големо дело. Но, од друга страна, почитта се искажува така што никогаш не се заборава неговото дело. А тоа е всадено во нашата колективна меморија
Македонија денеска одбележува 153 години од раѓањето на најголемиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, апостолот врз чија идеја е изградена македонската држава, човек чиј светоглед им е водилка на сите оние што го гледаат светот како место за соработка, размена на идеи, меѓусебна почит и разбирање.
Тоа е тој космополитизам со кој зрачеше и продолжува да зрачи Гоцевата аура кај сите оние што живеат на ова парче македонска земја. Затоа е и кроткиот македонски пристап, да се разговара, да се наоѓаат решенија и да се надминуваат разликите со сите, без некој да се почувствува навреден или оштетен.
За жал, оваа аура на Гоце Делчев, кога некој се обидува насилно да ја присвои, не зрачи со истата светлина, оти е туѓа, несвојствена, недомородна…
Но нејсе. Пред извесно време државната бугарска телевизија пренесе инсерти од училиштен квиз организиран меѓу основците во едно училиште во Бугарија. Учениците беа прашани за името и презимето на човекот чија фотографија им беше прикажана, но ниту еден не одговори дека тоа е Гоце Делчев. И како ќе одговорат кога во нивната свест Делчев никогаш не бил присутен, оти тие растеле со некои други херои што се бореле за бугарската кауза. Нема Гоце во нивните имиња. Едноставно во нивната колективна меморија, макар и детска, ниту еден родител, дедо, баба, не им пренел ништо за Гоце Делчев, оти знаеле за што тој се борел, а тоа било целосно спротивно од бугарскиот сон за голема држава. И сето тоа е во ред, си граделе сопствен историски наратив, си величале свои херои, си одбележувале свои датуми и работите си функционирале.
Од друга страна, кај нас митот за Делчев е присутен уште од најмали нозе. Дури и во времето на СФРЈ, кога се градеа наративи во кои се величаа југословенските херои, Гоце Делчев повторно беше првиот на кој помислуваа Македонците. Училишта, булевари, лични имиња, секаде е присутна аурата на Гоце, неговите дела, неговите зборови, неговите соништа за Македонија…
Тоа се два целосно различни концепти, оној во Бугарија и нашиот, кои немаат никакви допирни точки меѓу себе. Беше така сѐ до оној момент кога некој помисли, а потоа и потпиша Договор за пријателство и соработка со Бугарија, со фамозен член дека сме имале заедничка историја. Од тој момент почна македонската голгота. Почнаа притисоци за заеднички чествувања на кои како по дифолт се истакнуваше бугарскиот наратив околу улогата на Делчев. Работата дојде дотаму да среде Скопје македонските граѓани да не можат да му се поклонат на гробот на великанот поради силното полициско обезбедување, кое се обидуваше да спречи инцидент што го планираа бугарските провокатори дојдени тука за провокации, а не за оддавање почит на Делчев. Се виде дека со сила убавина не бидува, дека тешко е заеднички да чествуваш нешто кога со истиот тој не делиш заеднички чувства, уште повеќе кога тој те негира, ти ги негира јазикот, историјата и културата, згора на тоа ти ги блокира и европската перспектива и иднината на младите генерации.
Да го чувствуваа Гоце вистински за свој, такво нешто немаше никогаш некому да му направат, туку напротив, ќе го помагаа и дополнително ќе го мотивираа да чекори напред, оти нели „светот треба да биде поле за културен натпревар меѓу народите“, а не поле на кое постојано ќе се испорачуваат нови и нови барања и условувања. Тоа не е во генот на вистинските Гоцеви наследници и поклоници.
Во една таква атмосфера пропадна и неодамнешната идеја за заедничко чествување на овој важен датум во Софија бидејќи некој сметаше дека е доволно да ги викне македонските уметници, без да достави официјална покана до македонските власти, како чин на почитување на соседната држава.
Затоа подобро е секој сам да си ги чествува датумите од историјата онака како што со векови го правел тоа. За нас Гоце бил апостолот на македонската државност, за Бугарите нека биде она што тие сакаат и никому ништо. Нека организираат научни академии, концерти, манифестации, поздравни обраќања, нека доделуваат и државни награди, но нека го прават тоа кај нив дома. Тука ние ќе си го одбележуваме онака како што и досега сме го одбележувале со години. Скромно, достоинствено, онака како што му прилега на македонскиот великан бидејќи ниту една манифестација никогаш нема да биде доволна за неговото големо дело. Но, од друга страна, почитта се искажува така што никогаш не се заборава неговото дело. А тоа е всадено во нашата колективна меморија.
Кога секој во својот двор ќе си ги одбележува настаните, ризикот од инциденти го нема, а со тоа полека ќе почнат да се нормализираат работите меѓу двете земји, за да се создаде атмосфера на меѓусебна доверба и почит. Тогаш кога Бугарија ќе биде подготвена за такво нешто, можеби и вистински ќе ја види светлината од аурата на Делчев, како што ние постојано ја гледаме. Во спротивно, темнината од минатото ќе продолжи да се надвива над бугарската страна.