Младите се насочени кон иднината, средовечните помеѓу времињата, а старите живеат во светот на спомените. За вкоренување на културната свест е неопходно да се обнови сликата на минатото во контекст на денешното време, односно да се искористи она што минатото ни го оставило и тоа да се обликува за нашите поколенија. Монографијата „Скопскиот симбол на хуманоста“, која излезе по повод 60-годишнината од зачетокот на идејата за изградба на Универзалната сала во Скопје, има токму таква цел
Терминот солидарност денес добива особено големо значење, токму затоа што сè уште сме далеку од неговата вистинска потврда. Кризата во која запаѓаат идеологиите како последица има длабоко вкоренета недоверба, силен фокус на себе, рамнодушност кон другиот и кон општото добро. Преовладуваат стремежот кон личниот интерес и недоволната отвореност за доброто на заедницата, што е надвор од секоја логика на солидарноста, која, се чини, е во длабока криза. Низ концептите како што се слобода, еднаквост, братство, единство, заедништво, толеранција, хуманост… во голема мера се открива она што денес го разбираме како солидарност. Тоа се прашања што се отвораат пред секоја генерација и таа мора одново да ги поставува и да дава одговори, бидејќи без тоа не е можен развој на едно хумано општество.
Еден од најсилните докази за таква, вистинска, солидарност е Универзалната сала во Скопје, а тоа го потврдува и пораката што е запишана на таблата, која долги години ја пречекуваше публиката на многубројните настани, фестивали и други манифестации пред влезот во објектот: Овој објект ќе остане како траен симбол на меѓународната човечка солидарност во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес, 26 јули 1963 година. Објектот е подигнат со помошта што на Скопје му ја упатиле граѓаните, хуманитарните организации и владите на вкупно 35 земји.
Оттука, Универзалната сала е незаобиколен дел од културата на паметењето, културниот идентитет и колективното сеќавање како начин за јакнење на припадноста на еден народ. Минатото треба да се користи за да се креира посветла иднина. Како дел од колективното паметење на скопјани таа ги поврзува носителите на овие сеќавања во една жива и сѐ уште витална заедница, која негува посебен однос кон историјата и минатото. Таа се спротивставува на културата на заборавот, која пак настојува да создаде низа од историски празнини за да се создаде нова слика на минатото. А за човек да има однос кон минатото, тоа како такво мора да влезе во неговата свест. За тоа се неопходни два предуслова – минатото не смее во целост да исчезне, неопходно е да постојат докази; а доказите мора да поседуваат јасна диференцираност во однос на она што е денес.
Сеќавањето на минатото и неговото негување се основна задача на еден народ во неговото време на постоење, затоа што неговиот заборав претставува загуба на благодарноста, одговорноста, солидарноста, правдата. Ако се откажеме од минатото, ќе го изгубиме и моралот. Тесната поврзаност на паметењето, идентитетот и создавањето на традицијата најдобро се огледува во т.н. места на сеќавање (музеи, архиви, споменици, објекти), кои се симбиоза на историографијата и националното паметење и обезбедуваат присуство на минатото во сегашноста. Затоа е неопходно да се реконструира и да се оживее минатото, за нашите потомци да можат да се разберат себеси и да го реконструираат сопствениот културен идентитет.
Младите се насочени кон иднината, средовечните помеѓу времињата, а старите живеат во светот на спомените. За вкоренување на културната свест е неопходно да се обнови сликата на минатото во контекст на денешното време, односно да се искористи она што минатото ни го оставило и тоа да се обликува за нашите поколенија. Монографијата „Скопскиот симбол на хуманоста“, која излезе по повод 60-годишнината од идејата за изградба на Универзалната сала во Скопје (1963 – 2023 г.), има токму таква цел.