Има една стара максима што вели „ако не можеш да помогнеш, не одмагај“, која во последно време не ја слушаме толку често кај нас, а во себе носи една благородна идеја, да не го попречуваш оној што решил да направи нешто убаво.
Деновиве македонската јавност сведочи на обидите на новите македонски власти барем некако да ги амортизираат последиците од исклучително лошиот француски предлог, со кој претходната влада ја втурна земјава во ќор-сокак и, што е уште полошо, ја стави во подредена улога кон Бугарија. Тоа значи дека официјална Софија сега е нашиот „администратор“ на европскиот пат, онака како што еден претходен премиер ја ословуваше бугарската окупација врз земјава, како некакво администрирање.
Во тој контекст, од страна на актуелниот премиер се најавува некакво писмо со предлози и решенија за излез од пат-позицијата, односно презентирање на македонските позиции пред ЕУ. Тоа е сосема легитимен и разумен потег за да се санираат штетите, за кои сите се свесни дека постојат, но оние што ги предизвикаа не сакаат да го признаат тоа.
И додека се крчкаат некакви решенија и идеи, евроамбасадорот Михалис Рокас во првото интервју по стапувањето на функција, уште на почетокот ги минира ваквите обиди, тврдејќи дека малку е веројатно Брисел да прифати какви било промени во досегашниот став околу уставните измени.
Колку што нѐ служи паметењето, она врз што постојано инсистирала Европската Унија во минатото, но и сега, е изнаоѓање креативни решенија за сите проблеми, дури и тогаш кога решенијата се чинат невозможни. Имено, немаше решение за словенечката блокада на Хрватска своевремено, но некој излезе со креативен предлог за арбитража. Немаше решение ниту за поделениот Кипар, но и тука креацијата проработи и половина остров влезе во ЕУ. За жал, ваквите „креативни решенија“ беа на штета на Македонија, кога поранешниот комесар за проширување Јоханес Хан советуваше со „балкански методи“ да се обезбедат осум пратеници во македонското собрание потребни за промена на државното име. И го послушаа и со уцени и закани поминаа тогашните уставни измени со кои започна идентитетското обезличување на македонскиот народ.
Изјавата на евроамбасадорот Рокас дека се мали шансите Брисел да ги слушне нашите аргументи уште еднаш ги потврдува двојните европски стандарди, односно кога се работи за европските интереси тогаш се можни секакви креативни решенија и секогаш постои шанса, но кога станува збор за одбрана на македонските интереси и за изборување рамноправна позиција, тогаш работата е завршена и нема потреба од нови дополнителни предлози и решенија.
Она што е вообичаена практика на секој евроамбасадор е да ги следи процесите поврзани со евроинтеграциите тука во земјава, кои исклучиво се однесуваат на имплементација на Копенхашките критериуми, усогласеноста на домашните со политиките на ЕУ, да ја следи и имплементацијата на средствата од фондот на ЕУ наменет за земјите од Западен Балкан и толку.
Може да се појавува на одредени настани, манифестации, да ја промовира европската идеја, да ужива во македонските природни убави и храна и да се држи до тоа. Со други зборови, ако не може да ни помогне на евроинтегративниот пат, тогаш нека не одмага така што ќе оценува дали имало или немало шанси за некакво креативно решение за проблемот со уставните измени. Најмалку што треба да направи, ако веќе не помага, е барем преку дипломатски манири да даде поддршка за секакви обиди за излез од ќор-сокакот, макар нему му се чинеле и невозможни.
Од друга страна, на иста линија е и бугарскиот претседател Радев, кој вели дека нема ни преговарање, ни дијалог, ни ништо, сѐ е завршено, а ако има некакви поплаки, Македонија да се обрати до Брисел, оти Софија не била вистинската адреса.
И нормално дека не е, откако претходно си ја заврши работата така што начека, што вели нашиот народ, село без кучиња, па си ја наметна асимилаторската агенда со сите нишани, спастрена во убави два протокола од кои нема глава да кренеме сѐ додека не се остварат сите точки од бугарската декларација усвоена во народното собрание во 2019 година.
Уште Радев држи предавања дека со Брисел треба да разговараме. Со истиот Брисел, кој не гледа дека негова земја членка не спроведува пресуди на Судот за човекови права и која од Советот на Европа е посочена дека го угнетува македонското малцинство? Со тој ли Брисел да разговараме? Ние, или можеби и Софија треба да поразговара?
Па ние мислевме ќе преговараме за Копенхашките критериуми, односно како треба да ја донесеме Европа дома, а не како не треба преку бугарските примери.
Несомнено Европската Унија не е подготвена да води пристапни преговори со Македонија во согласност со условите што беа поставени пред сите други актуелни земји членки, односно во согласност со Копенхашките критериуми, туку главен услов за продолжување на преговорите е целосно идентитетско обезличување. Брисел застана зад тоа.
Ако впишувањето на Бугарите во Уставот е европски критериум за почеток на преговорите со ЕУ, тогаш истата судбина ќе ја снајде Албанија, која под притисок на Софија замижа над пописниот инженеринг и дозволи македонското малцинство прекуноќ да се претвори во бугарско, па сега и таа, кај и да е, ќе мора да ги впише „Бугарите“ во албанскиот устав. Оти Бугари во Уставот стана дел од Копенхашките критериуми, се разбира според Брисел. Тоа утре ќе важи и за Србија, за Косово, за Црна Гора, за Босна, оти секаде има Бугари, нели?
Како и да е, задача на домашните политичари е да се изборат за подобри позиции на земјава, без оглед на направената штета. Решенија секогаш има, дури и тогаш кога се чинат невозможни. Ако вистинските борци се откажуваа по првата пречка, никогаш немаше да ја имаме оваа наша Македонија. Можеби сега ѝ го нагрдија името, но борбата продолжува. Оние што не можат да помогнат, барем нека не одмагаат, доволно штета направија.