- Правна и законска рамка постои, Македонија е потписник на Конвенцијата од Истанбул и имаме законско решение засновано врз обврските од Истанбул, но да одиме и побрзо и чекор понатаму: со сите можни сили да ја вратиме жената на местото во општеството што ѝ прилега – на пиедесталот на живо божество
Неодамна додека одев кон мојот дом, слушнав вресоци и врева кај соседите, не стануваше збор за обична кавга бидејќи беше очигледно дека некој ја уништува покуќнината, а жената врескаше и плачеше на сиот глас. Кај мене веднаш проработи совеста и најбргу што можев се упатив кон најблиската полициска станица за да го пријавам немилиот настан. Пред надлежните го објаснив настанот, но го добив следниот одговор – не е првпат и другпат сме имале пријава по таа основа… Каков апсурд! Надлежните институции ги прифатиле како баналност семејното насилство и насилството врз жената во минатото?! Како секојдневие!? Сме отапеле за сензации од областа на семејното насилство? Или воопшто сме отапеле на секаков вид асоцијални, антисоцијални или, пак, криминални појави и живееме во прифатена општествена анархија?!
За истиот настан разговарав со еден мој пријател кому му ја нагласив стекнатата институционална инертност. Имено, мојот пријател е постар човек што својот работен век го мина низ Европа. Тој ми посочи дека пред околу деценија додека работел во Русија, негов колега исто така Македонец ѝ удрил шлаканица на својата руска девојка, а таа веднаш го пријавила случајот кај надлежните. Рускиот суд во итна постапка го осудил на еден месец затвор, а платата што требало да ја прими од руската фирма ѝ била доделена на жртвата, како отштета. Нашинецот што работел во Русија по одлежувањето на месечната казна веднаш бил протеран од руската територија, а мојот пријател во разговорот исто така ми посочи дека неговиот колега имал среќа бидејќи бил туѓинец, односно доколку бил Русин, затворската каза била две години.
Зошто треба исклучително сериозно да го сфаќаме насилството врз жените? Тоа е чин на родово базирано насилство што може да резултира со физичка, сексуална или психолошка штета и страдање на жената во семејството или партнерскиот однос, како што е последниот немил настан во Велес. Европа и светот одамна разбраа дека насилството врз жените предизвикува долгорочни здравствени, економски и социјални последици, а жртвите често се соочуваат со трауми, хронични заболувања, нарушување на менталното здравје и ограничени можности за лична и професионална реализација, па оттука и се преземаат превентивни мерки и се засилуваат казните.
Не случајно државите членки на Европската Унија ја ратификуваат и спроведуваат Конвенцијата од Истанбул, со што секоја форма на семејно насилство е кривично дело и се воведуваат итни привремени мерки, како што е забраната за приближување или иселувањето од домот во рок од 48 часа од пријавата. Институциите во ЕУ создаваат мултидисциплинарни тимови (полиција, социјални работници, здравствени установи, невладини организации) со јасни протоколи за упатување и следење на жртвите. Овие тимови координираат пристап до бесплатни телефонски линии, засолништа и правна помош. Во овој правец се и европските буџети, кои предвидуваат средства за државни и приватни прифатилишта, осигурувајќи престој од најмалку 90 дена по пријавата, со можност за продолжување. Истовремено полицијата, обвинителите, судиите и социјалните работници во ЕУ поминуваат задолжителни годишни тренинзи за препознавање родово базирани предрасуди и неформална комуникација со жртвите, а паралелно во училишта и преку медиуми се водат континуирани кампањи за разбудување на јавната свест и одбивање на насилството. Мора да нагласиме дека постои и централизирана европска база на податоци за семејно насилство, која е достапна за сите членки на Советот на Европа, а годишните извештаи вклучуваат квантитативни и квалитативни податоци и процени од жртвите, со што се овозможуваат навремени приспособувања на политиките и практиките. Во овој контекст е и француското законодавство, кое предвидува изјавата на жената жртва да се третира како физички доказ, со што судот може веднаш да изрече притвор за насилникот.
Доколку сакаме да ги промениме нештата, секако дека ни е потребна превенција. Таа е суштинска бидејќи го запира насилството уште во најрана фаза и ги заштитува потенцијалните жртви. Истовремено ги намалува штетните последици по физичкото и менталното здравје на жените, преку рано препознавање и интервенција, а го намалува циклусот на повторувачко насилство и го ништи моделот насилник–жртва, нешто што позитивно се одразува и врз идните генерации, како што се децата во бракот или партнерските односи.
Институциите треба сериозно да се занимаваат со оваа проблематика. Република Македонија на 8 јули 2011 година ја потпиша Конвенцијата од Истанбул, а македонското собрание ја преточи во законот во декември 2017 година. Со оваа конвенција Македонија како држава и општество е обврзана да дејствува на превенција, заштита и поддршка на жртвите и гонење на сторителите, како и интерсекторска соработка, мониторинг и механизми за следење. Македонија како земја потписничка на оваа конвенција е должна да воспостави програми за едукација, јавна свест и обука на професионалци во образованието, здравството и правдата, но и да обезбеди лесен пристап до правната и здравствената заштита, како и да понуди поддршка и засолништа за жртвите. Исто така македонската држава е обврзана да ги криминализира сите форми на насилство (физичко, сексуално, психолошко, економско) и да воведе рестриктивни мерки (забрани за приближување). Исто така споменатата конвенција ѝ наложува на македонската држава да воспостави регистри за случаите на родово базирано насилство и да обезбеди собирање податоци за ефикасно следење на насилството врз жената.
Да повториме, правна и законска рамка постои, Македонија е потписник на Конвенцијата од Истанбул и имаме законско решение засновано врз обврските од Истанбул, а сега на ред сме ние. На крајот ќе завршиме со Конфуциј, кој ги проповедаше принципите на човекољубие и хармонија, со што го критикуваше секој чин на насилство. За него, општествената и семејна хармонија се засноваат врз заемната почит, а агресијата врз жена е чин што ја разорува општествената рамнотежа.