Софија во еден подолг период воопшто не го почитува овој договор, кој, според однесувањето на бугарската страна, сосема слободно може да се нарекува „договор за непријателство и недобрососедство“, а ова е очигледно од постојаниот говор на омраза, перманентните клевети и измислици упатени кон Македонија и македонскиот народ од секоја страна, почнувајќи од бугарските европратеници, до актуелниот државен врв, пред сè претседателот на државата и неговата заменичка. Овие активности не само што не запреа туку напротив, уште повеќе се интензивираа, а ова беше особено видливо од искажувањата на неколку официјални бугарски
лица за македонскиот државен празник 11 Октомври, денот кога официјално започна отпорот против фашистичкиот окупатор во земјава
Бугарија продолжува со говорот на омраза, клеветите, измислиците и подметнувањата кон македонската држава и македонските граѓани, користејќи ја секоја можна пригода за испраќање нови навреди и провокации. Последни вакви примери беа пораките испратени од неколку бугарски официјални лица, кои јавно го навредуваа македонскиот државен празник 11 Октомври, посочувајќи го како терористички празник и обидувајќи се да го релативизираат значењето на македонската борба за слобода и сопствена држава.
Навредувајќи ги македонските партизани, а наедно и сета Народноослободителна и антифашистичка борба, Александар Јорданов, бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во Македонија, нагласи дека „воопшто не е добро да се слават терористи – комунисти и Србомани. Овие македонски хамасовци не треба ни по име да се спомнуваат“(!?).
Она што е повеќе од јасно е дека не само што станува збор за обиди за искривување на македонската историја туку и за нарушување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година, во кој јасно се вели дека нема да се преземаат дејствија со непријателски карактер или дека двете страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда, која поттикнува омраза.
Софија и Скопје со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година се обврзаа дека ќе преземат мерки против каква било форма на говор на омраза, како и дека двете страни нема да преземаат дејствија со непријателски карактер. Конкретно ова е санкционирано во членот 11 од споменатиот договор каде што, меѓу другото, се вели дека „ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“ или дека двете страни ќе „преземат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи“.
Меѓутоа Софија во еден подолг период воопшто не го почитува овој договор, кој, според однесувањето на бугарската страна, сосема слободно може да се нарекува „договор за непријателство и недобрососедство“, а ова е очигледно од постојаниот говор на омраза, перманентните клевети и измислици упатени кон Македонија и македонскиот народ од секоја страна, почнувајќи од бугарските европратеници, до актуелниот државен врв, пред сè претседателот на државата и неговата заменичка. Овие активности не само што не запреа туку напротив, уште повеќе се интензивираа, а ова беше особено видливо од искажувањата на неколку официјални бугарски лица за македонскиот државен празник 11 Октомври, денот кога официјално започна отпорот против фашистичкиот окупатор во земјава.
Токму на денот кога Македонија и македонскиот народ го чествуваа 11 Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ во Втората светска војна и симбол на македонската борба за слобода и држава, некои од бугарските официјални претставници не се воздржаа од говорот на омраза, клеветите, измислиците и подметнувањата кон сè што е македонско.
Поранешниот бугарски амбасадор во земјава и актуелен европратеник Александар Јорданов нагласи дека нашата држава е единствената земја во Европа, која еден терористички напад го слави како празник. Според неговата логика, произлегува дека и Европа славејќи го 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, всушност слави терористички дејности на сите сојузници што се здружија за време на Втората светска војна да се спротивстават на Тројната оска, во која дел беше токму Бугарија. Наместо да побара прошка за улогата на тогашната бугарска власт во окупацијата на Македонија и злоделата извршени од страна на бугарската војска, Јорданов продава евтина демагогија и историски наративи од кои Бугарија нема намера никогаш да отстапи, па затоа и ги вметна во преговарачката рамка на земјава со ЕУ.
Кон оваа кампања, која беше насочена против 11 Октомври како симбол на македонската антифашистичка борба, се приклучи и Андреј Ковачев, бугарски пратеник на владејачката ГЕРБ во Европскиот парламент.
Ковачев, кој е познат по својата антимакедонска реторика, во оваа пригода се согласи со својот колега, посочувајќи дека македонските граѓани слават терористички акт. Тој се прашува зошто не се спомнувал „германскиот националсоцијалистички окупатор“ или „италијанскиот фашистички окупатор“, без да провери што точно пишува во историските учебници во Македонија, кои Бугарија сака да ги менува, и во кои јасно стои кои земји окупирале македонски територии. Ковачев очигледно избегнува да одговори за теророт над македонското население ако се изјасни поинаку освен бугарско, за крвничките претепувања на илјадници селани и одземањето на нивниот добиток, на ѕверските убиства на оние што се бореа за самостојна македонска држава, без бугарска управа. Нека појде Ковачев по селата во Азот, по Тиквешијата, во Кумановско и нека раскажува и натаму приказни дека македонското население самото облекувало бугарски униформи.
Како и да е, со оваа реторика не само што не се почитува Договорот за пријателство и добрососедство од страна на Софија туку најдрско и најбезобразно се навредуваат и државотворноста на Македонија и нејзиниот носечки елемент – македонскиот народ и неговата борба за слобода и независност. Бугарските официјални лица преку своите искажувања сакаат да ја нарушат репутацијата на 11 Октомври како Ден на народното востание на македонскиот народ и да ја релативизираат македонската историја. Притоа јавно шират невистини и говор на омраза, навредувајќи ги македонските граѓани. Ако некој и натаму е убеден дека ставањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното бугарско барање, подобро да се осврне на изјавите на Ковачев и Јорданов оти тоа е вистинското лице на Бугарија.