И покрај тоа што Прочка е ден за простување, барем на овој ден и барем на миг вреди да се замислиме и да се запрашаме дали сите еднакво заслужуваат прошка. Има ли кантар за сите досегашни политички гревови? Која е смислата само еден ден да е за прошка, а во остатокот од годината да се прават гревови? А такви примери на грубо поигрување со судбината и иднината на македонскиот народ и државата имало и во минатото и сега
В недела е Прочка. Голем празник за македонскиот народ, празник со кој се поврзани и мноштво обичаи и верувања. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат, па тоа треба да го сторат и луѓето. Зaшто, нели, никој не е безгрешен.
Обичаите налагаат секогаш помалиот да побара прошка од постариот, иако не е исклучено и обратно. Бидејќи возраста и одминатите години можеби се некаков показател за собрано искуство и знаење, но не и за безгрешност. И повозрасните грешат исто како и помладите.
Интересно на овие простори, но и пошироко, овој празник е препознатлив и по ритуалите на маскирање, како пагански обичај. Постојат редица маскенбали во државата што имаат долга традиција на одржување токму на Прочка. Голема е веројатноста годинава маскенбалската традиција да биде прекината поради коронавирусот, но да се вратиме на празникот и верувањата. Што е заедничко меѓу прошката и маските?
Дали маскирањето е поврзано со гревот или со простувањето, бидејќи денот е таков или, пак, целта на ваквиот ритуал е исмевање на суровата реалност.
За тоа малку подолу во текстот. Имено, Прочка по многу нешта и со право може да се нарече празник или олицетворение на македонскиот народ, кој во својот идентитетски код го има втемелено духот на проштевањето, како нешто највозвишено.
Како симбол на македонската безгранична љубов кон сите, трпение, верба и традиција.
Во таа смисла дилемата во насловот на текстот е повеќе симболична, реторичка, бидејќи македонскиот народ низ историјата најмногу што знае е да простува. И на оние што го угнетувале, газеле, понижувале, обесправувале, негирале.
Народот простува, но не заборава.
Поправеден, помирољубив и помек народ тешко дека постои на Земјината топка. Можеби затоа и му е предодредено толку многу да страда и да трпи.
И сега доаѓаме до вториот елемент, или своевиден симбол на празникот, а тоа се маските. Која е нивната намена. Дали можеби тие се користат за од една страна да се покрие и заштити чистото, правдољубиво и чесно лице на народот и истовремено, од друга страна, преку симболот на маските да се посочи на злото, неправдата што поединци или структури му ја прават на целиот народ. И во минатото и сега. Затоа, за Прочка обично се вели дека вистината е во маските. Преку нив најверодостојно и најсликовито се одразува реалноста. Колку и да е таа болна и непријатна.
Затоа и покрај тоа што утре е Прочка и ден за простување, барем на овој ден и барем за миг вреди да се замислиме и да се запрашаме дали сите еднакво заслужуваат прошка. Има ли кантар за сите досегашни политички гревови?
Христијански е да се прости, бидејќи проштевањето е духовно миење и очистување на душата, и на тој што дава и на тој што прима прошка.
Но исто така христијански е и да не се лаже, да не се краде, да не се сведочи лажно, да не се злоупотребува и манипулира сопствениот народ и сопствената држава. Која е смислата само еден ден да е за прошка, а во остатокот од годината да се прават гревови?
А токму такви примери на грубо поигрување со судбината и иднината на македонскиот народ и државата сме имале и во минатото и сега. Еве да се потсетиме само на некои од нив.
Може ли да им се прости на политичарите за изневерените очекување, за неостварените ветувања, за распродажбата на државните и националните интереси, за масовниот и незапирлив одлив на мозоци и белата чума во државата. Одиме понатаму.
Како да се простат погазувањето на правната држава и скрнавењето на правдата, трговијата со името и идентитетот на народот и државата, за украдените милијарди народни пари и за тоа што граѓаните се доведени до просјачки стап. В недела е Прочка, но има ли прошка за толку многу наталожени гревови. Но може и обратно да се постави прашањето. Има ли доблест кај политичарите да побараат прошка за урнисаната економија, за безнадежноста и бесперспективноста што ја создадоа со нивните политики, за загадувањето на воздухот и труењето на граѓаните, за хаосот во образованието, здравството, екологијата, за дното во правосудството…
Побарал ли некој од нив прошка од народот досега за сето ова. Било од власта, било од опозицијата. Зашто ако се собере и одземе, и едните и другите речиси еднакво беа и власт и опозиција. И тоа не еднаш, туку неколкупати. И на едните и другите (и на оние околу нив) им беше дадена можност, имаа шанса, ги имаа сите расположливи ресурси, имаа време, имаа сѐ да направат нешто за Македонија. Но што направија? Или уште подиректно, што добија граѓаните од сето тоа? Можеби само покачен притисок и чир на дванаесетпрсното црево.
И сега политичарите повторно се подготвуваат за кампања, со нови, уште поголеми ветувања. Прошка никогаш не побараа и не бараат од народот, но гласови секогаш бараат. Подготвени се и маските, како задолжителен политички реквизит, особено во екот на кампањата.
Не знам кој од политичарите како планира да се маскира за Прочка, но веројатно најдоброто решение, барем за некои од нив, е доколку се појават маскирани во самите себе, поточно без каква било маска на главата. Така ќе изгледаат најприродно и ќе се чувствуваат најсвои. Зашто од толку многу маски што ги ставаат и менуваат во текот на годината, за секакви пригоди и потреби, едноставно веќе не може да се препознае кое е всушност нивното вистинско лице. Ако воопшто имаат лице и образ.