Веќе никој не може да ми каже како стојат работите. Самата се уверив. Лично и персонално. Она што најмногу ми го привлече вниманието беше фактот што на сите локации што намерно ги посетив, за да можам да ги дадам моето мислење и став, речиси половина од посетителите воопшто не носеа заштитна маска преку носот и устата. Од другите 50 проценти, 25 проценти носеа само на устата, а преостанатите ги почитуваа мерките, па шетаа заштитени. И тука веќе ми стана морбидно застрашувачка глетката, која во поинакви услови би ми била преубава
Убавото време и пролетните температури не ги оставија рамнодушни жителите на главниот град, кои ги искористија викендот и сонцето за да излезат на воздух и да прошетаат. Излетничките места во и околу Скопје беа преполни со посетители. Водно, Марков Манастир, Кучково, Скопска Црна Гора, Матка, Градски парк, кејот покрај Вардар, парк-шумата Гази Баба, локалните плоштади и локалните паркови во населбите беа преполни со возрасни и со мали деца. Некој на тротинет, некој на велосипед, други на ролерки, трети пак на пешачење и прошетка со семејството, се чини дека цело Скопје беше излезено надвор.
На Водно некои се качуваа, некои пристигнаа со возила, додека на Скопска Црна Гора пак и на Марков Манастир се вртеше скара покрај распосланите ќебиња за одмор. Автомобили паркирани насекаде, па дури и на зелените површини. Особено на оние места лоцирани покрај реките, но и во Гази Баба. Тука автомобилите беа паркирани на зеленилата, а од нив трештеше музика за подобар амбиент на пролетната седенка.
Деца измешани едни со други играа насекаде, родители пиеја кафиња на клупи, некои седеа во парковите со соседите, трети, пак, се дружеа со по неколку семејства.
Она што најмногу ми го привлече вниманието беше фактот што на сите локации што намерно ги посетив за да можам да ги дадам моето мислење и став, речиси половина од посетителите воопшто не носеа заштитна маска преку носот и устата. Од другите 50 проценти, 25 проценти носеа само на устата, а преостанатите ги почитуваа мерките, па шетаа заштитени.
И тука веќе ми стана морбидно застрашувачка глетката, која во поинакви услови би ми била преубава.
На социјалните мрежи сите сили на збор. Те им се виновни властите, те здравството, те институциите, те докторите… Сите се виновни, само ние не сме. Зарем во вакви услови, кога секојдневно имаме повеќе од 40 починати лица, потребно е до овој степен да се опуштате и да се однесувате како воопшто ништо црно да не ни се случува во државава?
Воопшто ли не се плашите од вирусот, кој секојдневно зацрнува огромен број семејства, а сигурна сум дека двојно поголем е бројот на оние што секојдневно завршуваат со критична состојба во болница?
Не, на нашиот народ воопшто не му доаѓа памет, за жал. Она што е трагично е тоа што меѓу викендашите имаше и средовечни лица, но и голем број деца, па и на возраст од две години. Тие што се најкревки, тие беа и најизложени во текот на викендот да се заразат со ковид. Зошто? Затоа што не знаеме ништо да почитуваме. Не знаеме да испочитуваме една најосновна мерка, која вели дека од човек до човек мора да има растојание 1,5 до два метри. Тука воопшто не ни може да се зборува за почитување, со оглед на тоа што сите мислат дека групирањето на отворено не е ризично, што е целосна спротивност ако се земе предвид изминатиот период, откако почна да се подобрува времето. Тоа е доволен доказ дека е потребно строго почитување на мерките за да се заштитите себеси и другите.
А на сите им пречи полицискиот час. Со право. Да бидам искрена, и мене ми пречи. Не сакам што сум ограничена да седам дома од 20 часот. Меѓутоа, сфаќам и зошто е направено истото тоа. Токму поради ваквото несовесно однесување.
Она што ме плаши најмногу е да не дојдеме до полициски час од 16 часот, а како што го гледам однесувањето на сите, натаму итаме со забрзано темпо.
Во услови кога немаме вакцини за сите или барем за мнозинството население, во услови кога болничките капацитети ни се преполни, а докторите машки се борат за секој живот што им пристигнува на лекување, многу е себично ваквото однесување.
Министерството за внатрешни работи секојдневно санкционира повеќе од 400 лица за неносење заштитна маска. Сега, во услови кога речиси сите здравствени фактори говорат дека е потребно дури да се носат по две маски за заштита од вирусот, некој не се осудува да стави ниту една.
Доколку сакаме да се спасиме од ова вирусно лудило и да си го вратиме животот во нормала, мора да ги почитуваме правилата, колку и да не ни се допаѓаат тие.
Ние покажавме дека немаме свест ниту пак совест, и тоа секојдневно го докажуваме.
Сите зборуваат за европските развиени држави, но тие таму имаат многу поинакви услови за живот и нивната свест работи поинаку. Кај нас тоа не е така и поради тие причини не можеме да имитираме туѓи системи.
Она што е трагично е што самите си забиваме нож во грб. Самите си правиме да одиме кон полошо.
Да, времето е преубаво и јас сакам да шетам со моето семејство. Тоа и го правам, но секогаш гледам да сум подалеку од групата луѓе што решила да прави скара, од стотиците лица во паркот во Чаир и во Градскиот парк, и од детските лулашки каде што се лулаат дваесетина деца.
Доколку сите почитуваме, ќе успееме да го победиме ова зло. Но се прашувам дали воопшто имаме капацитет и волја да го направиме тоа.