Грција толку отворено и без срам цело време се меша во нашите внатрешни работи што веќе се плашам и фрижидер да отворам, да не излезе однатре некое ново грчко предупредување? Ни го сменија името, ни го сменија Уставот, ни ги преименуваа институциите, ни ги сменија личните документи, регистарските таблички, имињата на трговските брендови… Ма ни сменија сѐ што можеше да се смени. И тоа не е мешање во внатрешните работи. А пази богати ние не смееме да зуцнеме на кој јазик зборуваат Македонците во Грција
Постпреспанска Македонија како да запловува во едни матни води на опасна и постојана себенегација, немање став за суштински прашања, преку избегнување па дури и бегање да се споменат јазични, идентитетски, национални одлики, па до квазитолкување и заплеткување во некакви одредби на штета на граѓаните и државата.
Ограничена и омеѓена со спогодбата од Нивици, која требаше да реши децениски спор, се чини како државата и нејзините функционери сами на себе секојдневно да си креираат и создаваат нови и поголеми проблеми. Еден ден тоа се правата на малцинствата, внатре и надвор од државата, потоа употребата на јазикот, па имињата на институциите, потпишување укази на законите, брзоплети и неодмерени изјави, од власта и од опозицијата и така до недоглед. Постојано се вртиме во круг и пропаѓаме во сопствената неспособност, незнаење и безидејност.
Уште еднаш се потврди и старата изрека дека човек на човека му е волк или парафразирано Македонец на Македонецот му е волк.
Кога на ова ќе се додадат постојаните обиди за изигрување на правната држава и владеењето на правото, сѐ поевидентните политички поделби како и повторно изразената етноцентричност кај албанскиот блок, наместо граѓанскиот концепт, сликата е комплетна.
Но да се вратам на политичките случувања што изминативе денови предизвикаа и најголеми реакции и интерес во јавноста.
Замислете наши функционери немаат став (или се плашат отворено да кажат) за тоа на кој јазик зборуваат етничките Македонци во Грција, зашто тоа ќе било мешање во внатрешните работи на јужниот сосед. Браво. Каква ли само префинетост и учтивост, од наша страна. Како да сме Финци, а не Балканци.
Од друга страна, нашиот јужен сосед направи каша-попара од нашиот устав и од нашата држава. Притоа најавува и дека ќе продолжи да си игра мачка и глушец до нашето членство во ЕУ, што значи и наредните десетина години.
Грција толку отворено и без срам цело време се меша во нашите внатрешни работи што веќе се плашам и фрижидер да отворам, да не излезе однатре некое ново грчко предупредување.
Ни го сменија името, ни го сменија Уставот, ни ги преименуваа институциите, ни ги сменија личните документи, регистарските таблички, имињата на трговските брендови…
Ма ни сменија сѐ што можеше да се смени. И тоа не е мешање во внатрешните работи.
А пази богати ние не смееме да зуцнеме на кој јазик зборуваат Македонците во Грција.
А кој да ги знае можеби досега научиле и свахили, па што има сега ние да се дообјаснуваме и да се мешаме во туѓа манџа. Навистина добра манџа ни зготвија во која главна мирудија да ти бил членот 7. Тој му доаѓа нешто како седумка на лото. Само за кого како. За некого можеби е лото, но за други веројатно само празно губитничко ливче. Зашто на таква констатација едноставно нѐ наведува однесувањето на некои државници и функционери.
Па од нив добиваме објаснување дека договорот од Преспа воведувал, врз основа на нашето право на самоопределување, едно разбирање дека идентификацијата со Македонија и македонски, значела една работа во оваа земја, (се мисли на Македонија иако не се споменува), а друга работа во Грција. И сега внимавајте, бидејќи во изјавата се споменуваат различни разбирања и толкувања, може да се извлече констатација дека има и различни видови и подвидови Македонци, различно дисперзирани во времето и просторот или, пак, дека воопшто нема Македонци. Сѐ е различно и релативизирано до степен на непрепознатливост, во однос на Македонија и Македонците. Притоа вистината и фактите се игнорираат и воопшто не се ни споменуваат.
Еден вековен народ и нација, како македонскиот, кој има своја богата историја, јазик, култура и традиција се сведува на нечие индивидуално различно разбирање или толкување?!
Дајте бре луѓе, доста си играте политика. Србите велат „испеци па реци“, ние имаме наша убава изрека, „јазик клука, глава пука“. И навистина аман веќе, ни пукна главата од вашите јазични и други видови акробации и егзибиционизам. Од политички толкувања на историски факти, правни начела, со еден збор на сѐ и сешто.
Кога веќе некој сака да се повикува на правото на самоопределување тоа е сосема јасно дефинирано и во правната норма јус когенс, според која суверено и неприкосновено право на секоја држава е самата да си избере име по кое ќе се именува и идентификува пред светот.
И точка. Во случајот со Македонија ова меѓународно начело е прекршено. Нам други, под присила и уцена, ни наметнаа ново име, нов устав, нови ознаки, нови налепници…
Единствено што ние самите измисливме е нашата нова политичка доктрина никој да не се меша во својата работа. Власта се однесува како да е опозиција, додека опозицијата заборава дека веќе не е власт.
Повеќе нѐ интересира туѓата мака и како нашите зборови ќе одекнат надвор, како ќе нѐ разберат другите. Па, така, политичари се расфрлаат со изјави за холокаустот, се прават паралели со нирнбершките процеси, шефот на Собранието одамна е заминат на некаква европска турнеја. Човекот сам си задал задача да присуствува на ратификација на протоколот за НАТО во секоја земја-членка. Потоа може ќе продолжи и со посета на земјите-членки на Обединетите нации, па на ОБСЕ, ФАО, може да тркне и до ФИФА итн.
И додека првиот парламентарец ни се рашетува по белиот свет кај нас дома повторно има незадоволство од примената на правичната застапеност на Албанците во државните институции. Опа. И други изгледа сакаат да шетаат на државен трошок. Читам и не ми се верува. Алијансата за Албанците реагира дека Агенцијата за храна и ветеринарство ги дискриминирала Албанците. Прво што помислив е дека е нешто со расипана храна, изминат рок, труење, зголемено ниво хербициди, пестициди и слично.
Но работата да ти била во вработувањата. Од Алијансата за Албанците пресметале дека претходно Агенцијата за храна имала над 15 отсто кадри Албанци, а во моментов има помалку од 13 отсто кадри Албанци, и тоа само како процент, бидејќи на водечките позиции немало Албанци. Агенцијата имала четворица (4) државни советници, но ниеден Албанец, девет (9) раководители на сектори, но ниту еден Албанец.
Аууу ова е навистина сериозна дијагноза?
Овие изгледа навистина мислат дека политиката е лото. И дека токму тие се добитната комбинација. Забелешката, се разбира, се однесува на сите политички партии, без разлика дали се дел од власта или од опозицијата.