Повеќе од очигледно е дека педантното законско постапување на раководителите во државните институции (РКЕ и Царината) и натаму е несфатливо за многумина во оваа земја, па старата навика да се вртат телефони до „некаде од горе“ и да се притиска за нечија смена, затоа што ќе им пропадне бизнисот, останува да функционира. Се оди и дотаму луѓето што работат законски, буквално да бидат медиумски линчувани и прикажани како „кочничари“ на реформи, а кои реформи токму ваквите компетентни, стручни раководители, со исклучително знаење и вештини од соодветната област, а згора на тоа и вонпартиски личности, треба да ги изнесат и спроведат во дело! Реформите, се разбира. Токму оние длабински и системски реформи што ги сакаме! Или можеби не?!
Последните неколку дена јавноста е сведок на медиумски, па дури и физички напади врз личности што раководат со клучни институции, само затоа што се обидуваат да работат според словото на законот и на некој начин се столбови на владеењето на правото и функционирањето на правната држава.
Сепак, последните настани покажуваат дека отстрелот на легалистите во оваа земја сè уште поминува, а јавниот медиумски линч преку непрофесионалните квазимедиуми, како и толеранцијата на безредието и силата на тупаниците, сè уште се „матрица“ за тоа како одредени центри на моќ и личности надоврзани на нив го „применуваат“ законот.
Најсвеж пример дека во оваа држава дека треба да му се стави крај на „законот на улицата“ е завчерашниот физички напад врз првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимовски, само затоа што институцијата со која раководи, на одредена компанија, по сила на законот, ѝ ја одзела лиценцата поради нарушување на конкуренцијата и фер однесувањето на пазарните учесници. Уште повеќе што со своето работење таа ја загрозува стабилноста на електроенергетскиот систем и може цела земја да ја остави без струја. Од РКЕ, истотака во согласност со законот, на оваа компанија ѝ дале рок од 30 дена да ја обжали одлуката за укинување на лиценцата, но наместо жалба, сопственикот на компанијата ги употребил тупаниците врз првиот човек на РКЕ за да го изрази своето мислење за одземената лиценца.
И додека првиот човек на РКЕ беше нападнат физички, деновиве се одвива медиумски линч врз помошник-директорот во Царинската управа, Златко Ветеровски, и се бара негова смена, исто така затоа што законски одзел лиценци за работа.
Имено, против Ветеровски изминативе денови се води вистинска медиумска хајка од страна на одредени интернет-портали, кои го етикетираат како „главен кочничар во позитивните реформи во Царинската управа“.
Она поради што Ветеровски всушност е на удар, според медиумските хајкачи, е одземањето лиценци на лиценцираните застапници поради неучество на дополнителна обука, што е нивна законска обврска, без оглед на пандемијата, бидејќи Комисијата за заразни болести има утврдено протоколи како да се одвиваат сите настани, вклучувајќи ги и обуките.
Повеќе од очигледно е дека педантното законско постапување на раководителите во споменатите државни институции и натаму е несфатливо за многумина во оваа земја, па старата навика да се вртат телефони „до горе“ и да се притиска за нечија смена затоа што ќе им пропадне бизнисот останува да функционира. Се оди и дотаму луѓето што работат законски буквално да бидат медиумски линчувани и прикажани како „кочничари“ на реформи, кои реформи токму ваквите компетентни, стручни раководители, со исклучително знаење и вештини од соодветната област, а згора на тоа и вонпартиски личности, треба да ги спроведат во дело. Реформите, се разбира. Токму оние длабински и системски реформи што ги сакаме! Или можеби не?!
Колку е искривена перцепцијата за почитувањето на законот покажува и еден пример од пред три години, кога полицајка се обиде да напише казна за неправилно паркирање, па беше физички нападната од партиски функционер.
Сето ова говори за еден длабок системски проблем во оваа држава, дека луѓето од најнискиот до највисокиот ешалон се едноставно оневозможени да го спроведуваат законот, бидејќи доаѓаат во конфликт со многумина на кои законското работење им е непознат поим.
Тоа целосно го девалвира владеењето на правото и со тоа се испраќа порака и до другите раководители на државните институции дека ако премногу инсистираат на законите, може да завршат претепани или медиумски линчувани.
Во сето ова има една парадоксална ситуација. Имено, во време кога земјава ги вложува сите напори и поднесува огромни жртви да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, внатре наместо да владее правото и да се гради Европа дома, некои одметнати структури го наметнуваат законот на улицата. А токму поглавјето за владеење на правото и почитување на законите е главно во преговорите со ЕУ. Вака, не треба Бугарија да ни става сопки, бидејќи со ваквите постапки самите ќе се сопнеме уште на првото поглавје.
Наместо луѓето што инсистираат на спроведување на законот да бидат стимулирани уште повеќе да работат на тој начин, државата тоа да го цени и тоа да биде репер за сите идни функционери, таа ги менува „неподобните“ и поставува луѓе што имаат „пофлексибилен пристап“ кон она што значи почитување на законот.
Токму таквите подобници сите овие 30 години ја оставија државата заглавена во калта на корупцијата и неспособноста, со партизирани институции на кои народот не им верува и кои служат само за пополнување на партиските квоти за вработување ветени пред секои избори.
Она што државата треба да го направи сега, ако навистина е посветена на европските вредности, е веднаш драстично да го казни напаѓачот на Бислимовски и да испрати порака дека секој што работи спротивно на законот, ќе мора да се соочи со своите постапки. Истото тоа важи и за барањето смена на Ветеровски. Има независни државни тела што можат да утврдат дали некој работел незаконски и, во согласност со она што ќе го утврдат, да го разрешат или да го остават на функција.
Едно е сигурно, спроведувањето на некои свои закони со тупаници беше одлика на фиктивните ликови во филмовите за американскиот Див Запад. Тука треба да владеат правната држава, редот и законот, еднакво за сите, во спротивно далечниот Див Запад ќе ни стане многу поблизок. А никој не го посакува тоа.