Учи ме мајко, карај ме

Некој што многу сака да се повикува на стиховите од убавата македонска песна е еврокомесарот Јоханес Хан. Тој не само што постојано нѐ учи што треба да правиме и како да се однесуваме, туку исто така нѐ пропушта можност и да нѐ искара за сѐ и сешто.
Еве последно ги искара учесниците во изборната кампања да не го користеле Преспанскиот договор. Можеби пред вториот круг ќе се потруди и ќе напише водич, што смее, а што не смее да се говори во продолжението на кампањата. Да си знаат партиите и кандидатите однапред што е проевропски и што е дозволено, да не згреши некој

Се послужив во насловот со стиховите од една стара македонска песна, која потоа имаше и свои преработки во посовремен звук и модерна верзија од неколку причини. Впрочем, преработките некако станаа тренд во музиката, (најновата нели со „Нешто ќе те питам бабо“), но поводот воопшто не ми се случувањата и трендовите во музиката, туку во политиката. А таму трендовите и преработките имаат и поинакво значење и поинаква тежина.
Објавувањето на текстов се поклопува со изборниот молк, кога нели во согласност со законот треба да се внимава да не се влијае врз одлуката на гласачите, при што замислете тоа важи за печатените и електронски медиуми, но не и за социјалните мрежи, каде што активностите токму во овој период се интензивираат и притоа остануваат несанкционирани. И токму поради тоа можеби сега е вистинското време да се укаже на одредени нелогичности и аномалии.

Па, така, ќе започнам со неколку примери, кои немаат толку врска со изборниот процес и кандидатите колку што можат да се доведат во контекст со насловот на текстот. Еве и зошто. По повеќе од две децении плурализам и демократија ние не научивме како да се справиме со прекршувањата и злоупотребите на социјалните мрежи. Како што посочив и претходно скоро во секој изборен циклус изминативе години се евидентираат редица недозволени активности најмногу на социјалните мрежи во насока на политичка пропаганда, ширење неточни информации, креирање лажни профили итн.
Феноменот на изборниот молк воопшто не ги тангира социјалните мрежи, барем не во иста мера како и другите традиционални медиуми. Се чини како сѐ да е оставено на етиката и совеста на корисниците на друштвените мрежи, кои остануваат недопирливи и секој си тера своја политика и пропаганда.

И додека регулираните медиуми, (весници, радија, телевизии) се обврзани на молк, оние нерегулираните, за кои не важи ни закон ни бутур, грмат на цел глас и со сета сила. Еве најново во предвечерјето на изборниот молк на социјалните мрежи се јави некојси „Громовникот Илија“, кој пушта снимки, таканаречени бомби, од неовластено снимени телефонски разговори помеѓу поранешни и сегашни политичари. Сајтот е регистриран надвор од државата, но намената и целта на пуштените информации се строго наменски за внатрешна употреба во нашата држава.
Со какви бомби располага Громовникот никој не знае, ниту пак колкава е нивната евентуална разорна моќ, но симптоматичен е моментот кога истите тие се објавуваат, токму во предвечерјето на изборниот молк.

Очигледно духот повторно излезе од шишето и доколку не се преземат соодветни мерки во насока на откривање и превенирање на сите вакви незаконски активности последиците и штетата може да бидат многу поголеми. Во повеќе европски држави просторот на социјалните мрежи е контролиран и не се остава незаштитен, токму заради превенција од можни злоупотреби. Во таа насока стиховите – учи ме мајко, карај ме, може да послужат и како предупредување за надлежните да го најдат Громовникот и сличните на него за повторно да не згрми во Македонија и некој да посака да им го нарушува спокојот на граѓаните.

Следен што многу сака да се повикува на стиховите од убавата македонска песна е еврокомесарот Јоханес Хан. Тој не само што постојано нѐ учи што треба да правиме и како да се однесуваме, туку исто така не пропушта можност и да нѐ искара за сѐ и сешто.

И тоа го прави со усул што би рекле, односно онака умерено, дипломатски, како што знае еден еврокомесар.
Еве последно ги искара учесниците во изборната кампања да не го користеле Преспанскиот договор. Можеби пред вториот круг ќе се потруди и ќе напише водич, што смее а што не смее да се говори во продолжението на кампањата. Да си знаат партиите и кандидатите однапред што е проевропски и што е дозволено, да не згреши некој.

Хан упати и препорака до претседателот на државата ниту на крај памет да не му паднело да носи некакви изненадувачки одлуки, ниту да потпишува некакви акти, кои можеби нема да му се допаднат на Брисел. А откаде да знае претседателот што им е по волја на оние од горе, не е јасновидец да гата. Згора на тоа нему мандатот му е доверен од страна на граѓаните пред кои носи и најголема одговорност. Но изгледа некои не мислат така.

Недостига уште еврокомесарот да му испрати нутриционистичка листа на прехранбени продукти или аеробик-вежби што треба да ги практикува до крајот на мандатот.
И сега онака спонтано ми дојде на памет една чудна идеја. Што мислите што ќе се случи некој бирократ, кој патем е и пред истекот на мандатот, да им испрати вакви препораки и сугестии на Трамп, Путин, Макрон, Ердоган или Ким Јонг-ун. Веројатно прво ќе се скинат од смеење а потоа.. е после може и да го отераат у… каде што не треба. Па ти ли бре најде да ме учиш и да ме караш како јас да раководам со мојата држава и мојот народ, ќе изреагира кој било од споменатите, но и неспоменати светски државници. Во меѓувреме нашиве спомнати политичари молчат. Па нормално – изборен молк е.
И бидејќи претходно споменав неколку примери што нѐ учат претходните искуства и што не караат евродипломатите, за крај еве уште еден пример, овој пат директно од терен, од граѓаните.

Неделава екипа на весникот беше во посета на граничната линија со Косово по повод 10-годишнината од почетокот на демаркацијата на оваа некогаш невралгична точка, од која всушност дојде и конфликтот во 2001 година. Иако границата сега е обележана со гранични камења, состојбите се смирени и односите меѓу соседите се нормализирани, тамошните жители сведочат дека и понатаму просторот околу селото Танушевци е незаштитен и често се користи како маршрута за нелегален шверц и од двете страни на границата. Тоа практично значи дека Танушевци и понатаму останува мек стомак на државата, а лекцијата од минатото воопшто не е научена.

Неповредливоста на државните граници е суштинска карактеристика на интегритетот и суверенитетот на одредена територија и симбол на државноста. Во таа насока и заштитата на границите е императив на секоја држава. Се разбира, за границите се грижат надлежните служби, но нејзин чувар е и месното население. Жителите на Танушевци, пак, сведочат дека и едните и другите ги има сѐ помалку или недоволно. И тука веројатно уште повеќе важат стиховите од насловот, со мала преработка во стилот – учи ме мајко, карај ме како да ја заштитиме границата.
За овој пат доволно. Иако за ука и поука никогаш не е доволно.

ди