Помина уште еден самит на ЕУ, на кој повторно бевме сведоци на уште еден млитав договор и на многу мрачни сценарија за судбината на Унијата. Пред самитот во Брисел, на кој главна тема одново беа имигрантите, германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека средбата на европските лидери е клучна за решавање на иднината на ЕУ. Некогаш политички недопирливата канцеларка на средбата замина со императив да осигури каков-таков договор, зашто од него зависеше и нејзината разнишана владина коалиција. По повеќечасовни преговори и закани за блокади, лидерите со првото сонце излегоа со триумфална објава дека е постигнат договор за имигрантите.
Општа стратегија – можеби, ама конкретни мерки сигурно не, а и тоа што е „договорено“ е всушност на доброволна основа. Конечната резолуција беше полна со напори, а празна со детали. Во неа се зборуваше за „заеднички напори“ на ЕУ да се намали товарот на јужните членки со имигрантите, без точно да се каже што вклучуваат тие. Беше ветено и дека ќе се градат прифатни центри во Европа и во Африка, ама повторно без многу детали. Тоа само ги разгори шпекулациите дека земјите надвор од ЕУ ќе бидат принудени да прифатат имигранти. Како што посочува една колумна во „Гардијан“, во целата работа се игнорира иронијата што европските држави бараат да им се гарантира правото за заштита на суверенитетот иако истите тие немаат проблем да извршат притисок врз африканските (а можеби и врз балканските) земји и да им ја префрлат одговорноста за ова тешко и сложено прашање.
Таканаречениот договор на ЕУ можеби накратко ќе ја задоволи Италија и можеби дури и ќе ја спаси коалицијата на Меркел, но сигурно нема да ја реши „мигрантската криза“ во ЕУ, а уште помалку ќе ги реши поделбите во Унијата, кои не се сведуваат само на прашањето за имигрантите. Во однос на мигрантската криза, досега има голем број толкувања за тоа кој е во право, кој треба да го понесе товарот, а кој треба да биде изземен од каква било одговорност, зашто, како што оди аргументот, ниту ја предизвикал кризата ниту сега сака да вдомува мигранти, бидејќи некој поголем и помоќен решил да не ги прима. Според оваа позиција, големите сили предизвикуваат војни и осиромашуваат трети земји, експлоатирајќи им ги ресурсите, додека тие енормно се богатат, а со тоа и предизвикуваат масовни миграции (поради војни, недостиг од ресурси и огромна сиромаштија), а потоа градат ѕидови за да ги држат осиромашените подалеку од нивните територии додека ги уживаат благодатите од големата глобална кражба. Ваквиот систем е всушност неоколонијализам.
Друг аргумент е дека мигрантската криза и нема никаква врска со мигрантите, туку со општото незадоволство на граѓаните, па затоа и новиот договор за мигрантите на ЕУ нема да реши ништо. Социјалните научници посочуваат дека Европа во претходните децении се соочувала со драматично повеќе мигранти отколку во изминатите години, но непријателството кон нив денес е многу поголемо и е предизвикано од фактори што баш и немаат директна врска со нив. На пример, едно социолошко истражување во 20 земји покажува дека причина за непријателството не е присуството на имигрантите туку се перцепциите за доверба и општествена кохезија. Накратко, ставовите против имигрантите не се директно поврзани со нив. Луѓето во земјите во кои има поголема доверба кон институциите, пониски нивоа на корупција, стабилна економија и висок степен на социјална кохезија и инклузија, помалку стравуваат од присуството на имигрантите. Од друга страна, луѓето во земјите во кои не им веруваат на институциите и на другите луѓе, во кои има високи нивоа на корупција, а социјалната кохезија и солидарноста се слаби, изразуваат поголемо непријателство кон имигрантите. Тоа денес е забележливо и во развиените земји, бидејќи и таму има голема недоверба кон институциите и кон традиционалните партии, а тоа го користат популистите и ултрадесничарите. Не помага ни фактот што левичарските партии ги напуштаат традиционалните политики на заштита на социјалниот систем и во битката за гласови се изедначуваат со партиите од другата страна на политичкиот спектар.
Затоа, за да се најде решение за т.н. мигрантска криза, прво треба да се најде решение за многу подлабоките проблеми што ја мачат Европа. Всушност, мигрантската криза е само еден дел од сложените прашања со кои се соочува ЕУ, а кои веќе подолг период предизвикуваат огромни поделби во Унијата. Затоа и иднината на европскиот проект не зависи само од прашањето дали ЕУ може да се справи со имигрантите, како што пред самитот предупредуваше Меркел, туку и од прашањето дали ЕУ може да најде компромис меѓу драматично различните визии за нејзината иднина.
Во изминатите години се појавија најмалку три визии за иднината на ЕУ. Првата е на Меркел и тоа е визијата за конкурентна Европа, заснована на германскиот модел, која канцеларката се обидува да ја спроведе уште од почетокот на еврокризата во 2010 година. Таа визија бара голема финансиска дисциплина и штедење од членките, особено од оние со големи долгови. Втората визија е на Франција на Емануел Макрон, која по подолго време гледа можност да ја преземе лидерката позиција од Германија на Меркел. Визијата на Макрон е Европа во која има поголема солидарност меѓу граѓаните и државите на ЕУ, што всушност значи поголема редистрибуција и поделба на ризиците, нешто на што се противи Германија. Самиот Макрон тргна со голем политички капитал дома, кој брзо се раситни, па сега се обидува да ѝ го одземе европскиот трон на Меркел во моменти кога германската канцеларка е ранлива дома.
Третата визија е визија на поновите членки од Централна и од Источна Европа, кои во обидот да се спротивстават на притисоците од Германија и од другите западни земји да прифатат мигрантски квоти, бараат во ЕУ повеќе да се почитува националниот суверенитет. Секоја визија е обид на лидерите да ја засилат врската меѓу граѓаните и ЕУ, нешто што не им успеа изминатите децении. Проблемот е што овие визии се противречни и прашањето е дали може да се најде некаков компромис меѓу нив. Додека не се најде одговор, опстанокот на ЕУ секогаш ќе биде оспоруван.
Македонија минатата недела доби условен датум за почеток на преговорите со ЕУ, кој власта го претстави како голема победа, а опозицијата како тотална катастрофа. И ЕУ доби условен опстанок по последниот самит во Брисел. Додека едни го прогласуваа за триумф договорот за имигрантите по маратонските преговори, други посочуваа дека всушност европските лидери не договориле ништо конкретно туку, како безброј пати досега, само дале општи заклучоци, со што практично го пикнале проблемот под тепих. Тоа, пак, нуди можност за илјадници интерпретации, па и за директни негирања дека нешто воопшто е договорено во Брисел. Затоа, исто како и датумот за Македонија, така и опстанокот на ЕУ е само условен. Многу работи треба допрва да се случат и решат, ракавите да се засукаат, условите да се исполнат, па дури тогаш да се зборува за некакво вистинско, сеопфатно решение на клучните прашања. Наредната година е изборна година во ЕУ и уште сега се најавуваат големи триумфи на евроскептиците, ултрадесничарите и на партиите против естаблишментот, како и порази на традиционалните партии што со децении ја држеа власта во свои раце. Сето тоа навестува драматични промени на европската политичка сцена. Пикањето на проблемите под тепих сигурно не помага.