Ако на почетокот на пандемиската криза декларираната грижа за јавното здравје можеби и можеше да се толерира како форма на изборно политичко кокетирање, по тримесечно спроведување заштитни рестриктивни мерки и негативен пресврт на состојбите со заразеноста по нивното укинување, предупредува дека несериозниот политизиран пристап на ситуацијата оди само во корист на несаканите штетни последици
Беше прашање на време кога политиката повторно ќе ги наметне своите суетни потреби како приоритет пред сите други компоненти на општественото живеење во Македонија. Или, во превод, беше прашање на време кога ќе се постави како судбинска дилемата: дали се приоритет изборите или справување со ширењето на пандемијата на коронавирусот. Најновиот развој на настаните на здравствен план во земјава, т.е. прогресивноста на трендот на новозаразени од коронавирусот, што сѐ повеќе личи на нов врв на пандемијата, се чини дека сѐ повеќе претставува факторот што ѝ дава хамлетовски тон на актуелната македонска политичко-здравствена дилема.
Ноторен е фактот дека светската пандемија ја затекна Македонија во уште една од специфичните фази на нејзиното тридецениско политичко функционирање: започнати изборни активности, самораспуштено собрание, техничка (пржинска) влада… Кога беше прогласена првата вонредна состојба, од изборните рокови за изборите што требаше да се одржат на 12 април, остануваа уште 21 ден, но политичките лидери тогаш консензуално ја прифатија реториката дека јавното здравје и животите на граѓаните за нив се секогаш пред интересите на политиката.
Оттогаш поминаа три термини со вонредни состојби, повеќе од два календарски месеци, веќе ја ситниме и четвртата вонредна состојба…, а реториката на политичарите сѐ повеќе се враќа на познатиот модел на предизборни вербални престрелки, со дополнителна тема за меѓусебно обвинување – кој е виновен (заслужен) за развојот на ситуацијата со коронавирусот. Но ако на почетокот на пандемиската криза декларираната грижа за јавното здравје можеби и можеше да се толерира како форма на изборно политичко кокетирање, по тримесечно спроведување заштитни рестриктивни мерки и негативен пресврт на состојбите со заразеноста по нивното укинување, предупредува дека несериозниот политизиран пристап на ситуацијата оди само во корист на несаканите штетни последици.
Во деновите непосредно пред претседателот на државата да ја донесе одлуката за прогласување нова вонредна состојба од 14 дена, во јавната меѓупартиска комуникација доминираше лицитацијата за одредување нов датум за одржување на одложените парламентарни избори. Иако не беше постигнат партиски консензус по ова прашање на лидерската средба кај претседателот Пендаровски, двете доминантни македонски партии во јавноста и понатаму не отстапуваа од своите позиции и апелите кон опонентите да ги преиспитаат своите аргументи. Владејачката СДСМ упорно настојуваше на ставот дека ако нема лидерска средба, на која ќе се договори брзо спроведување на изборите до крајот на јуни, изборните рокови да почнат да течат со завршувањето на третата вонредна состојба на 30 мај, односно изборите да се одржат на 21 јуни. Аргумент за ваквата позиција на СДСМ беше процената дека се очекува втор бран на пандемијата од есен.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, главно ја манифестираа процената дека изборите би требало да се одржат на крајот на летото, иако лидерот Мицкоски изјави дека „постои комуникациски канал“ за приближување на датумите… Во меѓувреме, во јавните партиски престрелки со соопштенија доминираа обвинувања за неодговорност и несериозност на другите и меѓусебно провоцирање за изборно тактизирање… Секако, во непандемиски услови таквите „комуникации“, па и „протекувањето“ на термини за изборите во Македонија од политичари од соседството, би биле прифатени како стандарден предизборен фолклор, доколку не демнеше опасноста од ковид-19.
Постојаното прогресивно зголемување на новозаразени од коронавирусот, и тоа веднаш по укинувањето на мерките за временско ограничување на движењето и отворањето на угостителските објекти, оди во прилог на процените дека здравствената превентива и заштита подлегнаа на политичките притисоци.
Притоа, како дополнително фрустрирачко сознание доаѓаат информациите од соседството и регионот за намалување на бројот на заразени од коронавирусот, па дури и броење на сѐ поголем број денови без новозаразени. Можеби во однос на статистиките на заразени и починати од ковид-19 Македонија сѐ уште е далеку од европските земји што беа прогласени за жариште на пандемијата (Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија), но не треба ни да се помисли таквата споредба да биде каков било политички аргумент, зашто сечиј живот е повреден од каква било педантна статистика и политички аргумент.
Имаме сериозно предупредување со растот на бројот на новозаразени во земјава дека воопшто не е време за политичко кокетирање и тактизирање со грижата за јавното здравје и животот на граѓаните. Сега е време политичарите да ја докажат својата умешност во овозможување политичка функционалност на државата до погодниот термин за одржување избори. Сѐ уште може да се зборува за предупредувачки бројки на новозаразени, кои од политичарите треба да бидат сфатени сериозно и да размислат дали е време да се оди на „ура“ на избори.