И покрај извежбаната уверливост во јавните настапи на политичарите за посветеноста на реформите во интерес на владеење на правото, европските институции и дипломатските претставници од ЕУ и понатаму во Македонија гледаат „корупција во јавните набавки, кронизам и непотизам на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сѐ до пониските ешалони каде што граѓаните се подготвени да платат поткуп за да завршат некоја работа“
Непријатноста во перцепцијата на бројката 111 може да биде во тоа што, погледната од сите страни, секогаш ја потврдува истата состојба. Притоа, воопшто не е олеснителна околност дури и кога позицијата под бројот 111 (на листа од 180) ја споделуваш со уште тројца, кога станува збор за индексот на перцепција на корупцијата. Уште кога тоа значи најниско ниво на заинтересираност на државата за борба против корупцијата, во сите досегашни мерења (од 2001 година), какви било оправдувања за причините за таквата перцепција на коруптивноста во државата се осудени на проблематична веродостојност.
Соочени со најновиот извештај на „Транспаренси интернешнел“ (ЦПИ) за 2020 година, кој ги рангира Македонија и Босна и Херцеговина (БиХ) на 111-то место, меѓу земјите во светот каде што состојбата со корупцијата најмногу се влошува (истата позиција ја делат со Панама и со Монголија), македонските власти направија обид да го објаснат тоа со поголемата видливост на корупцијата, поради зголемената слобода на медиумите да зборуваат за корупцијата. Сепак, можноста за заблуда поради субјективна перцепција беше демантирана, со информацијата дека според статистичка методологијата, за оцената на Македонија се користени седум извори на податоци, а според моменталните расположливи информации, пад е забележан во областите на владеење на правото и на човековите права и слобода.
Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешенел“ покажува дека со освоените 35 индексни поени Македонија стагнира во борбата против корупцијата, но едновремено бележи и пад од пет места на ранг-листата на земјите, но е и осум места подолу во споредба со рангирањето во 2012 година. Притоа, (заедно со Босна и Херцеговина) е најлошо рангирана во регионот.
Алармантноста на извештајот на „Транспаренси интернешенел“ за „поволноста“ на општествено-политичката клима во Македонија за раст на коруптивноста, е всушност своевидна статистичка потврда на предупредувањата што во последно време доаѓаа од официјални дипломатски претставници на земји-членки на ЕУ. Неодамна, холандскиот амбасадор Дир Јан Коп ги потсети македонските политичари дека ја запоставиле работата за исполнување на основните критериуми во преговарачкиот процес за членство во ЕУ, како што е владеењето на правото, а борбата против корупцијата е еден нејзин сегмент. Дури и изрази сомневање дека фокусираноста на идентитетските спорови со соседите (актуелниот со Бугарија) во надворешната политика на Македонија се користи како алиби за продолжување (а се покажува и за надградување) на коруптивната практика на функционирање на државата до степен на „состојба на умот на целото општество“.
Не треба да се запостави ни фактот што во секој годишен извештај на Европската комисија за напредокот на реформските процеси во Македонија не изостануваат забелешки и препораки за поголема посветеност во овозможувањето услови за владеење на правото, пред сѐ преку отстранување на корупцијата од системот. Колку и да се обидуваат македонските политичари кога се на власт да го одржат привидот дека ги остваруваат ветувањата од опозициските времиња, со текот на времето тоа станува сѐ потешко и пред домашната јавност, а пред ЕУ таквата евентуална пиар-стратегија е речиси неизводлива. И покрај извежбаната уверливост во јавните настапи на политичарите за посветеноста на реформите во интерес на владеење на правото, европските институции и дипломатските претставници од ЕУ и понатаму во Македонија гледаат „корупција во јавните набавки, кронизам и непотизам на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сѐ до луѓето што се подготвени да платат поткуп“. Гледа и постојна корупција во потребата за наоѓање политички баланс при секое назначување на државна функција, иако според европските критериуми луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност… Дури ни подготви и проект (финансиран од Холандија) со јасни и спроведливи правила, како што се 42 препораки и 151 точка за акција за намалување на ризикот од корупција и кронизам при јавните вработувања… Само треба да се спроведе!
Со таквиот долгогодишен наратив, во кој крајната поента е „сѐ е подготвено, само треба да се спроведе“, Македонија, по 15-16 години со статусот на земја-кандидат за членство во ЕУ и уверувања за посветеност на реформите за исполнување на европските критериуми, се најде на 111-то место според индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година. Тој индекс, всушност во голема мера покажува како ЕУ гледа на Македонија, односно колку е „подобна да биде во нејзино друштво“. Меѓу другото, корупцијата е еден од клучните фактори за слабата економија, лошиот стандард на граѓаните, но и скриен фактор за текот и развојот на сите други процеси во внатрешната и надворешната политика и доминира во сликата за државата и општеството. Во мигов, како и да се толкува перцепцијата на корупцијата во Македонија, за жал, – сликата е 111 (три единици, една до друга), што во училиштен жаргон значи повторување на годината!