Навивам за овој проект на градот со целата душа и целото мое срце бидејќи го сакам Скопје. Тука сум родена, тука се родени моите родители, моите баби и дедовци, прабаби и прадедовци. Да се сега живи, најверојатно не би навикнале на ова модерно Скопје, во кое секој себично крши делови од него за свои апсурдни вандалски потреби. Тие живееле во време кога за Скопје се давала душата
Почна имплементацијата на еден од најзначајните проекти за главниот град насловен „Скопје, паметен град“. Амбициозен проект што доколку се имплементира во целост, метрополата ќе личи на некој ултрамодерен европски град. Онлајн поврзувањето на граѓаните со градот, градските институции и градските услуги ќе значи пресвртница за жителите, кои преку обични мобилни апликации ќе можат лесно и брзо да се снаоѓаат во просторот. Ако досега за паркирање влегувавме во паркингот и со возилото кружевме за да најдеме паркинг-простор, со овој мегапроект тоа ќе замине во историјата. Пребарувањето паркинг-простор никогаш не било потешко. Влези на еден паркинг, па излези затоа што нема слободно место, замини на друг, па кружи, па барај… трошењето гориво што влијае на загадувањето на воздухот и трошењето време додека да се најде паркиралиште, сето тоа би заминало во историјата.
Само со една апликација, возачот точно ќе може да знае дали во близината на локацијата каде што оди ќе најде слободно паркинг-место за да го остави своето возило.
Друг момент е можноста граѓаните да се информираат во кои делови од градот има зголемен сообраќај, па со помош на обична апликација преку својот телефон ќе можат да го избегнат метежот и побрзо да стигнат до саканата дестинација. И тука придобивката е повеќе од јасна. Брзо пристигнување до целта, значи дека нема возачот со своето возило да стои во сообраќаен метеж каде што ќе создава непотребна емисија на штетни гасови со кои ќе се загадува воздухот. Кога оваа апликација би ја користеле десетина граѓани, тогаш воздухот во градот би добивал помало загадување од десет возила.
Паметното осветлување низ градските улици значи дека повеќе нема фрлање илјадници денари на градското осветлување. Лед-светилките се поевтини, но и подобро изгледаат и подобро осветлуваат. Целиот град ќе се осветлува во исто време за драстично помалку финансиски средства.
Под овој концепт спаѓаат и голем број други проекти. Комуникација со градските служби, наместо лично заминување во нивните простории и слично.
Дел од оваа идеја е и автоматската локација на автобусите и електронската наплата во нив. На почетокот кога овој проект почна да се спроведува, граѓаните беа скептици, но и даваа отпор кон проектот. Сега веќе сите се навикнаа на картичките „скопска“, сите редовно ги дополнуваат, а научија и како да плаќаат билет со мобилна апликација.
„Смарт сити“ или „паметен град“ е начин на живеење, начин на размислување на граѓаните, на институциите и подигнување на квалитетот на животот, но и на работата на надлежните.
Е, токму тука се раѓа мојот скептицизам за овој проект. Паметен град значи паметни луѓе што знаат како квалитетно да го користат своето време, во своја полза, но и во полза на сите други жители на градот.
За кој паметен град да ви зборувам?
За оној каде што на секое ќоше скопјани создаваат депонија, или за оној каде што се крадат улични светилки? Верувам, повторно ќе се најде некој што ќе успее да украде и од новите лед-светилки, за да ги стави во својот двор.
Кој е тој паметен град што градската администрација го замислила, затоа што јас навистина имам тешкотии да го замислам со вакви сограѓани. Да, кога ќе ги затворам очите го замислувам моето Скопје како модернистички град, полн со урбана опрема, детски игралишта, футуристички јавен превоз, со чист воздух, со зеленило на сите страни…, но кога ќе ги отворам очите гледам украдени садници што градските власти ги засадиле за на сите нас да ни е убаво на око. Проблем не е само тоа. Тука несомнено морам да ги споменам и крајно несовесните што кршат детски игралишта, оние што ги крадат капаците од шахтите, а ќе ги акцентирам оние што уживаат да палат диви депонии.
Тоа е нашиот паметен град, тоа е нашата црна реалност.
Навивам за овој проект на градот со целата душа и целото мое срце бидејќи го сакам Скопје. Тука сум родена, тука се родени моите родители, моите баби и дедовци, прабаби и прадедовци. Да се сега живи, најверојатно не би навикнале на ова модерно Скопје, во кое секој себично крши делови од него за свои апсурдни вандалски потреби. Тие живееле во време кога за Скопје се давала душата.
Ние денес, за жал, не живееме така. Можеби некој се обидува да нѐ опамети, да ни направи да ни е убаво за живеење, да знаеме како полесно и поквалитетно да живееме, што всушност е концептот на „паметниот град“. За жал, со огромно жалење морам да констатирам дека многу тешко ги гледам повеќето од жителите на метрополата во овој концепт, затоа што со своето однесување не покажуваат никаков капацитет, но и привилегија за да бидат дел од ваков значаен мегапроект за главниот град.