Сега е време кога треба фокусот да биде ставен на решавањето на критичните точки. Појдовна точка треба да е образованието, бидејќи тоа е темелот и таму треба да почнат промените. Урнисаниот систем мора да се исправи ако сакаме прогресивна иднина. Како што вели и министерката за образование и наука Мила Царовска, обврската е огромна, а одговорноста уште повеќе. Промените треба да се внимателно одбрани, темелни и трајни
Изминатиов период во сите општествени сфери се доцнеше со работата и со остварувањето на планираните обврски. Една од клучните причини беше и битно намалената функционалност на егзекутивната власт, креирана по пржинскиот рецепт на „меѓународната“. Замислена како преодна, во пресрет на нови избори, пржинската или техничка влада сама по себе ниту беше предвидена да менаџира со сите предизвици во државава, дури и во „обична, некризна“ ситуација. Предизвик ѝ беше само „подготовка на избори“. Кратко и јасно! Исто како што требаше да биде периодот на нејзиното владеење. Но животот не би бил интересен доколку не ги компликува работите… Токму на таквата влада хибридноста ѝ го намали полниот капацитет на владино менаџирање, извршност и контрола и сите ние бевме ставени во лер. И економски, и финансиски, и здравствено, и образовно, и како уште не…
За да биде бељата уште поголема, имавме нефункционално собрание, а многу закони, одлуки и новини не можеа да се донесат, а потоа и имплементираат во практиката, бидејќи беше закочен целиот процес на функционирање на работите речиси во сите области.
Најактуелен и во фокусот периодов е образованиот систем. Првпат во историјата новата учебна година ќе започне на 1 октомври, а и покрај многуте месеци во кои надлежните имаа доволно време да го усогласат и да го подготват системот навреме и во детали, сепак, тоа не се случи. Иако уште од почетокот на пандемијата се знаеше дека многу е извесно наставата од новата учебна година да продолжи да се изведува онлајн, сепак, ние и на 15 дена до почетокот гледаме дека државата сѐ уште не е подготвена за ваков вид настава. Цело лето се зборува за национална онлајн платформа, која родителите, наставниците и учениците немаат поим како ќе функционира. Прашање е и како властите ќе успеат дури и сега, во тесен рок од 15 дена, да обучат 20.000 наставници да ја користат таа платформа, а пак потоа тие истото тоа да им го објаснат и на нивните ученици. А добро упатени во користењето на платформата треба да бидат и родителите.
Кога станува збор за образованието, се изнагледавме многу неодговорно однесување во изминативе технички месеци. Додека државите околу нас правеа акциски планови и се подготвуваа за сите можни сценарија, нашите власти не беа нешто особено загрижени за системот, немаше интерес и грижа за неговото функционирање во иднина на сите нивоа – основно, средно и високо образование. Образовните експерти со кои располагаме како држава им нудеа помош на властите, апелираа да се формира стручно тело составено од здравствени и образовни експерти, кое би направило сериозен план за функционирањето на системот во иднина, но никој не ги послуша и такво тело никогаш не беше формирано. Тоа само докажа колку навистина беше приоритет темелот на државата, тоа ја еродира уште повеќе и онака кревката доверба што граѓаните ја имаа во образовниот систем.
А образовниот систем не е мал, го сочинуваат 200.000 основци и средношколци, 50.000 студенти, 20.000 наставници, околу 4.000 универзитетски професори, илјадници родители. Грубо земено, безмалку половина милион население е дел од системот што по правило треба да е стабилен и подготвен. Наместо тоа, тој е дел од куп експерименти низ годините, лабилен е и од година на година произведува сѐ помалку квалитет
А образовниот систем не е мал, го сочинуваат 200.000 основци и средношколци, 50.000 студенти, 20.000 наставници, околу 4.000 универзитетски професори, илјадници родители. Грубо земено, безмалку половина милион население е дел од системот што по правило треба да е стабилен и подготвен. Наместо тоа, тој е дел од куп експерименти низ годиниве, лабилен е и од година на година произведува сѐ помалку квалитет. Техничката влада, во комбинација со кризата поради ковид-19, на површина ги исфрли сите недостатоци. На две недели пред почетокот на новата учебна година нема најави за набавка на ИТ-опрема за децата што ја немаат, односно чии родители немаат можност да им купат за да можат да следат настава онлајн. Малку се зборува и за децата со посебни образовни потреби и како ќе биде организирана наставата за нив. Државата не ги вработи личните и образовните асистенти што работеа со овие дечиња, а во моментов немаат ангажирано нови, иако 1 октомври е зад врата.
Иако образованието се наметна како најактуелен проблем, се доцни во сите области за кои граѓаните очекуваат решителност и подготвеност. Се доцни со работата речиси во сите министерства, агенции, институции. Ниедна техничка влада не може да прави реформи. Но сега би требало да завртиме нов лист. Сега имаме политичка влада, која треба да покаже енергичност, одлучност, решителност и да влезе во бескомпромисно решавање на сите работи што останале незавршени, а за кои претходно „пржинците“ се обврза пред граѓаните дека ќе ги исполнат. Она што е неопходно е инстантно менување во „поголема брзина“ и со полн капацитет да се решат сите економски, образовни, социјални прашања што ги засегаат граѓаните. Toa го бара и Eвропа, исполнувањето на овие реформи и ЕУ го бара од нас како држава. Ако Владата сака да остави впечаток на сериозност, посветеност, знаење и умеење, она што се очекува сега е промените да тргнат во правилната насока во сите области.
Сега е време кога треба фокусот да биде ставен на решавањето на критичните точки. Појдовна точка треба да е образованието, бидејќи тоа е темелот и таму треба да почнат промените. Урнисаниот систем мора да се исправи ако сакаме прогресивна иднина. Како што вели и министерката за образование и наука Мила Царовска, обврската е огромна, а одговорноста уште повеќе. Промените треба да се внимателно одбрани, темелни и трајни! Да почнеме сите заедно!