Во целата оваа новооткриена ситуација, по објавувањето на снимките поврзани со аферата „Рекет“, од страна на италијански медиум, со секој изминат ден на нереагирање на надлежните институции со оправданието за годишен одмор, јавноста е уште поизреволтирана и со помалку надеж дека правдата во Македонија е достижна
Македонската јавност го доживеа и преживеа првиот шок, па и уште два афтершока предизвикани од снимките (и флагрантни докази) поврзани со случајот на уцена и висока корупција „Рекет“, кои главно ги тресеа социјалните мрежи и медиумите, барем пет дена, пред официјално да изреагира некоја државна институција. Веројатно чекајќи брзо да реагираат судската, извршната, па и законодавната власт во Македонија, претседателот Стево Пендаровски согледувајќи дека „брзата реакција“ од сите одговорни институции се толкува сосема релативно, вчера ги повика да ги прекинат годишните одмори и да се зафатат со практикување на правната држава. Како прва да го послушала специјалната јавна обвинителка со оставка во најава Катица Јанева, која токму вчера се појавила на работа во СЈО. Не е познато дали до крајот на вчерашниот работен ден се појавиле на работа и другите обвинители: Вилма Рускоска, која од обвинителството за организиран криминал всушност ја води истрагата за случајот „Рекет“, како и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески… Но се очекува да се појават – со текот на времето… А во меѓувреме, од сите принципи на правната држава, се чини дека во државните институции најдоследно се почитува и се користи – правото на годишен одмор!
Владеењето на правото и правната држава е неприкосновениот принцип на кој инсистира Европската Унија кај секоја своја членка, а уште поригорозно тоа го бара и го следи кај земјите-кандидатки. Всушност, и процесот на преговарање е усогласување на правото на земјите-кандидатки со правото на ЕУ. И на теоретско ниво тоа звучи логично и лесно за спроведување, сѐ додека принципите на правото и правдата не бидат ставени во позиција да се адаптираат, или принудени на компромис со политичките, па и со бизнис-интересите. А секоја адаптација и компромис со принципите го содржат ризикот за компромитирање, а потоа и девастирање на темелните вредности на општеството и на државата.
Македонија, уште од почетокот на транзицијата во деведесеттите години на минатиот век, никако не може да ги надмине искушенијата на компромисите со правната држава во интерес на политичките и бизнис-елитите, како што самите сакаат да се нарекуваат. Интересно е што за целиот овој тридецениски период, секоја политичка гарнитура кокетираше со ветувањата за враќање на правната држава, кои набргу се покажуваа како манипулација со довербата на гласачите. Поразителниот момент во континуираното поигрување со владеењето на правото е сознанието дека една кулминација во разоткривањето на оваа појава не значи и дека понатамошниот тек на настаните води кон расчистување со сите негативности и штети направени во текот на дерогирањето на правната држава.
Актуелниот скандал „Рекет“, во кој се содржани елементи на корупција, уцена, трговија со влијание, во кој се инволвирани обвинители, бизнисмени, естрадни ликови, политичари…, од медицински аспект би можел да се дијагностицира како враќање на болеста со сериозна дијагноза, во уште поизразен стадиум. Ситуацијата е уште позагрижувачка, затоа што има сериозни индиции дека главните актери во неа се токму оние во кои беа полагани најголемите надежи за бескомпромисно воспоставување и придржување на принципите на правната држава. Имено, токму ова СЈО, чие постоење сега е сериозно компромитирано со аферата „Рекет“, покрај другите политички причини поврзани со законските рокови, беше формирано токму поради констатацијата за нефункционалност на правната држава, во времето на претходната владејачка гарнитура. Токму постоењето на ова СЈО беше причина за придвижување на многу политички процеси, кои доведоа до значителни промени на македонската држава… Разочарувањето на јавноста е уште поголемо поради тоа што причината за губење на кредибилитетот на СЈО е идентична со причините за неговото создавање – објавување незаконски прислушувани разговори, во кои се разоткрива дека заразеното ткиво на правната држава не само што не е заздравено, туку болеста и напреднала.
Во целата оваа новооткриена ситуација, по објавувањето на снимките поврзани со аферата „Рекет“, од страна на италијански медиум, со секој изминат ден на нереагирање на надлежните институции со оправданието за годишен одмор, јавноста е уште поизреволтирана и со помалку надеж дека правдата во Македонија е достижна.
Претставниците на власта и обвинителите вклучени во истрагата (или како истражители или како сведоци) веројатно сметаа дека се доволни нивните објави на социјалните мрежи, како доказ дека ја следат ситуацијата, или можеби дека состојбата не е толку сериозна. Но, дури и за создавање привид за загриженост и посветеност во градењето на правната држава, соопштенијата со фејсбук и твитер-дистанца изгледаат несериозно. А недовербата во правната држава во овој миг во Македонија е навистина – пресериозна!