Во тој контекст, критичарот, меѓу другото, во текстот вели: „Имав можност да погледнам претстава (конечно) и ова го пишувам само за да убедам што повеќе луѓе да ја погледнат и за време на оваа епидемија да се почестат себеси со неверојатна културна вакцина“. Е, токму таква вакцина, одвреме-навреме, и покрај околностите, ни е потребна и нам, на домашната театарска сцена
Веќе некое време во Народниот театар во Бања Лука игра претставата „Дервишот и смртта“, во режија на нашиот признаен режисер Дејан Пројковски, работена според еден од најголемите романи, прогласен за роман на векот, од перото на ненадминатиот Меша Селимовиќ. Според критичарот на порталот „Ехо“, „да се оживее романот, приспособувајќи го на театар, не е потфат што е лесно да се изведе, но на режисерот Дејан Пројковски, со неверојатната екипа на актери, сценографијата, музиката и кореографијата, му тргнало од рака такво нешто, и тоа маестрално, да направи на сцената на Народниот театар на Република Српска. Оваа претстава е продукциски мастерклас и може да му служи на чест на Народниот театар…“ Понатаму во рецензијата има пофалби за неверојатната футуристичка сценографија, актерите, костимите, одличната транзиција меѓу дијалогот и внатрешното превирање на главниот лик, за стилот и вниманието на секој детаљ и за многуте нагласени емоции и безвременските пораки што ги носи текстот…
Триесетина луѓе на сцена, полни два и пол часа, што е навистина сериозна работа. Авторот на рецензијата има право, тоа навистина е проклето сериозна работа, особено за време на пандемија, кога театрите кај нас, во регионот, па и во светот, се на работ на пропаст. Во тој контекст, критичарот на „Ехо“ во текстот, меѓу другото, вели: „Имав можност да погледнам претстава (конечно) и ова го пишувам само за да убедам што повеќе луѓе да ја погледнат и во време за оваа епидемија да се почестат себеси со неверојатна културна вакцина“.
Е, токму таква вакцина, одвреме-навреме, и покрај околностите, ни е потребна и на домашната театарска сцена. Овој месец поради високите бројки на позитивни случаи со ковид-19 во нашата земја, некои од театрите ги симнаа претставите од редовните репертоари, и покрај краткиот обид некаде во октомври работите да се мрднат од мртва точка по речиси седуммесечна пауза.
Во моментов, Македонскиот народен театар не е официјално затворен, како што беше во март, но е во мирување, исто како и Драмскиот театар од Скопје, кој, како што најави, во ноември, планира да ја постави премиерата на претставата „Хипноза на една љубов“, по текст на Душан Ковачевиќ, проект што беше почнат во јануари, а чија премиера беше планирана за март. Дотогаш и Драмскиот театар ќе нема редовен репертоар. Неодамна Народниот теaтар во Битола ги одложи на одредено време изведбите на сите претстави. Слична е состојбата и со другите театри во земјава.
Повторниот прекин со работа се случил, како што велат од театрите, поради намалената посетеност и интерес на публиката, иако тие успеаја да добијат дозвола повторно да ги отворат вратите за публиката на средината на октомври.
Триесетина луѓе на сцена, полни два и пол часа, тоа е навистина сериозна работа. Авторот на рецензијата за „Дервишот и смртта“ на Пројковски во Бања Лука, објавена на порталот „Ехо“, има право, тоа навистина е проклето сериозна работа, особено за време на пандемија, кога театрите кај нас, во регионот, па и во светот, се на работ на пропаст
Скопските театри ги одложија претставите, или, пак, изведуваат претстави со многу мал број публика. Но дали намалената посета е резултат само на колебањето на публиката да оди во театар заради безбедноста на здравјето, или затоа што во понудата нема ниедна „културна вакцина“, онаква за каква што зборува бањалучкиот критичар, особено што станува збор за претстава на македонски режисер. Да се играше оваа претстава на сцената на Македонскиот народен театар, со сигурност дозволениот 30 отсто капацитет на публика ќе беше исполнет, а со нетрпение ќе се очекуваше секоја наредна изведба. „Најдобро можеме да му се спротивставиме на она што не ни се допаѓа ако создаваме убавина. Сè можеме да победиме со убавина“, изјави и самиот Пројковски во едно интервју во кое ја најави претставата „Дервишот и смртта“ на големата сцена во Народниот театар на Република Српска.
Инаку, театрите и концертните сали се некои од најсигурните места од епидемиолошка гледна точка, затоа што публиката седи на растојание, со маска, им се мери температурата на сите при влегувањето и сл. Во моментов и кај нас се направени услови за публиката и актерите да бидат заштитени и безбедни, со тестирање и на актерите пред секоја претстава, почитување на протоколите и на мерките… Но ако нудите исклучиво „мали“ претстави, во кои играат три-четири актери, или исклучиво репризи, се разбира дека публиката нема да ја искористи „можноста“ во вакви времиња да дојде во театар, туку ќе чека подобри. Сепак, ако имате поамбициозна програма, звучно име, некоја премиера, некој врвен проект, како оној на Пројковски (познавајќи го неговото режисерско портфолио, во кое не отсуствуваат култни класици како „Браќа Карамазови“, „Ана Каренина“, „Коцкар“…, не се сомневам во врвниот квалитет и моќта на неговата најнова претстава „Дервишот и смртта“), и апетитите на домашната публика ќе пораснат. А вакцината ќе биде делотворна…