По што овие избори што се пред нас ќе се разликуваат од претходните изборни циклуси. По многу нешта и по ништо, истовремено. Ќе кажете како е тоа можно. Па еве како, но и која е тајната формула за придобивање на довербата од гласачите
Откако знам за себе и особено откако се занимавам со оваа професија сум некако алергичен нa расфрлањето со прaзни зборови, излитени фрази, флоскули, тези што не кажуваат ништо, реченици без суштина, замајување и дефокусирање на јавноста, со еден збор на сеење магла. Со текот на годините и искуството осознаваш дека повеќето од споменатите методи и, веројатно, уште нешто плус, се на некој начин клучна алатка или расположив борбен арсенал што се користи во политиката. Дека политичарите за да ги реализираат своите замисли и планови многу често со боксерски жаргон кажано знаат да удираат под појас. И во односот со политичките противници, но исто така и во односот кон јавноста и граѓаните.
Во таа насока многу често на политичката сцена ни се повторува синдромот на неостварени ветувања, изневерени очекувања, прелажани граѓани и гласачи итн.
Од друга страна, страста и убавината на новинарската професија и примарна улога на медиумите се да ги детектираат, разоткриваат, демаскираат ваквите појави и практики, независно од каде и да доаѓаат. Некогаш се успева во тоа, некогаш не толку, но никогаш не треба да се откажат или да ја предадат каузата да работат во функција на вистината и во интерес на граѓаните.
И бидејќи изборите и предизборието се период кога партиите и политичарите по правило го вадат сиот расположив арсенал и се пука со сите оружја кон противникот, чувствувам должност да укажам на одредени појави.
На почеток по што изборите напролет ќе се разликуваат од претходните изборни циклуси?
И веднаш да одговорам – по многу нешта и по ништо, истовремено.
Ќе кажете како е тоа можно. Па еве како. Клучната разлика е што ова ќе бидат први избори во новоименуваната држава. Претседателот на една држава ќе му ја предаде функцијата на новоизбраниот кандидат на друга држава, која користи друго име и изменет устав. Целосна промена ќе претрпат и симболите и ознаките на гласачките ливчиња, избирачките места итн., но тоа горе-долу е веќе апсолвирана работа, чија имплементација е во тек.
Она што е исто така ново и различно за овие избори е промовирањето на поимот натпартиски кандидат. Партиите, од власта и од опозицијата, бараат и нудат натпартиски кандидати, чија кампања, логистика потоа ќе ја обработат партиската база и членството. Потоа целата партиска машинерија и коалициски партнери ќе гласаат за избраниот натпартиски кандидат.
Нели ви звучи ова по малку чудно и необично!
При толку силни и големи партии како да стана срам и понижување на домашната политичка сцена да се излезе со истакнат и докажан партиски член. Или меѓу раководството и врвот на најголемите партии можеби нема веќе луѓе без дамка, кандидати, кои може да го мобилизираат и членството и да ги обединат сите граѓани. Затоа ли се бара натпартиски. Како некаков натчовек, земски бог, спасител!!! Згора на тоа како и со што ќе се докаже и ќе се потврди неговата (нејзината) натпартиска ориентација?
Она што е исто така различно и можеби највпечатливо за овие избори е влезот на хортикултурата директно во политиката. Политичари почнаа да се споредуваат со растенија.
По веќе одомаќениот политички фикус сега добивме и потенцијален кактус или отровна дифенбахија, во најава се јавори, палми, орхидеи итн. Цела една ботаничка градина, од називи и прекари кон политичари. Некои сами си ги доделуваат, а на некои други им ги наметнуваат.
Откако ја прекрстивме државата како да стана тренд и политичарите да се прекрстуваат.
Само што никој не очекуваше преименувања во растенија.
Од каде доаѓа потребата да се етикетираат или да се идентификуваат со вегетативни организми, дали е ова во контекст со екологијата и загадувањето на воздухот, во што сме светски лидери, навистина не ми е јасно. Дотолку повеќе што повеќето досега посочени растенија – фикус, кактус, дифенбахија, орхидеја се главно украсни видови.
Белким не мислат и нашите натпартиски претседателски кандидати да служат само како нечиј декор!
Затоа во продолжение ќе се задржам малку повеќе на она ништо, односно дека претстојните избори по ништо нема да се разликуваат од претходните. Барем првичните индиции и постапки се токму такви. Еве и зошто.
И во овој изборен циклус како и со години, апсењата се главен политички џокер и занимација за граѓаните. Се очекува започнатиот тренд да продолжи и затворите да се полнат со поголеми и позвучни имиња. Колку тоа ќе мотивира и ќе донесе гласачи на едно или на друго конто, останува да се види, но картата на која се игра е токму таа.
Понатаму. И пред овие избори како и претходно има масовни полициски акции за сузбивање тероризам. На јавноста сѐ уште ѝ се свежи сеќавањата од вакви фингирани акции, во минатото. Тероризмот е сериозна глобална закана со која нема шега, и во таа насока какви било половични или нецелосни информации само ги подгреваат стравот и сомневањата.
Во таа смисла сите безбедносни мерки за сузбивање на тероризмот се за поздравување и се добредојдени, но јавноста сепак очекува многу повеќе одговори.
За политичките апсења, одземањето имунитет, веќе да споменам дека се веќе видена и рециклирана метода од некои претходни времиња.
И за овие избори како и многупати претходно ќе се игра и на картата на кратко паметење и празни ветувања. Едните ќе говорат за европски вредности додека внатре меѓу нив не можат да се справат со непотизмот и роднинските вработувања, другите, пак, ќе го враќаат името иако знаат дека ниту можат да го вратат ниту пак реално го посакуваат тоа. Само ги залажуваат граѓаните надевајќи се на некој разочаран глас повеќе.
На времето и референцата ПРЈМ требаше да трае само три месеци, па остана повеќе од две децении. Промената на името е свршен чин, тоа премолчено го прифати и опозицијата, и секој понатамошен обид да се поентира на оваа тема е само очаен обид за манипулација со граѓаните. Тоа што преименувањето на државата се спроведе на крајно сомнителен, незаконски и недемократски начин и спротивно на меѓународните правни норми е сосема друго прашање за кое е нејасно дали, кога и како ќе се реши. Ако воопшто се реши?
Сега веројатно некој со право ќе се запраша, па добро но што е со насловот на текстот.
Каде се рецептот или формулата за победа на избори. Па токму тоа е трикот.
Формулата е тука и таа цело време е присутна и провејува меѓу редовите погоре.
Секоја од политичките партии се надева дека со споменатите методи што ги применува ќе стигне до посакуваниот резултат. Во недостиг, барем засега, да се понуди нешто ново, освежувачко, како идеја, програма или политичка понуда се рециклираат стари и испробрани практики. И со тоа секој се надева на победа? Дали и колку ќе поверуваме останува на секој од нас. И за да не биде дека сепак нема проверен рецепт за придобивање на довербата меѓу граѓаните, ќе посочам еден феномен за кој неодамна пишувавме.
Во сите истражувања на јавното мислење, веќе со години, најголема доверба меѓу граѓаните уживаат војската, полицијата, црквата и верските заедници или практично институции, кои буквално не прават ништо на полето на себепромовирање, пропаганда или популизам. Објаснувањето на граѓаните зошто е тоа така и зошто токму ним најмногу им веруваат е бидејќи почувствувале дека таму има дисциплина, ред, одговорност и се почитуваат одредени правила.
Ете го рецептот и за партиите и за политичарите. Кога и меѓу нив ќе завладеат ред, дисциплина, одговорност почитување во вистинска смисла на зборот, и меѓу себе и кон другите, и се разбира најмногу кон гласачите, тогаш ќе можат да се надеваат на подобри резултати.