Македонската официјална политика, конечно бескомпромисно и недвосмислено треба да презентира став дека т.н. „бугарски компромис“ од Брисел е неприфатлив за Македонија, но и за ЕУ. Таквиот „европски“ однос спрема Македонија, кој бирократски ја принудува на трагично и погубно самооткажување од сопствениот национален идентитет, ѝ се заканува и на самата ЕУ да се компромитира како организација што поддржала, или барем замижала пред нехумани и нецивилизациски намери на своја членка. Затоа, Софијо, Брисел, за ова што гласно или премолчно го барате, одговорот го знаете: Но пасаран!
Заканата за жртвување на македонскиот идентитет, македонската историја и јазик, со еден збор леталниот удар врз темелот на државноста на Македонија, како последица на европскиот конформизам и дистанцирање од „балканските проблеми“, сѐ повеќе добива контури на извесност во администрацијата на ЕУ. Таков впечаток се добива според информациите на „Политико“ за постигнатиот „бугарски компромис“ на состанокот на амбасадорите на ЕУ во Брисел. Предложениот т.н. „бугарски компромис“ предвидува официјална Софија да ги признае македонскиот идентитет и македонски јазик, како еден од официјалните јазици во земјата, а за возврат Скопје да признае дека идентитетот и јазикот имаат бугарски темели. Дури и да се покаже понатаму дека предлогот бил „лошо пренесена информација“, „работна верзија“ или само „шпекулација“, останува неоспорно дека ЕУ ги стави на гилотина своите принципиелност и праведност како темелни европски вредности и влегува во историски авантуризам поради националните (па и територијални) аспирации спрема Македонија на една нејзина земја-членка. Досега Бугарија успеа своите историски комплекси и фрустрации од нереализираниот санстефански сон да ги издигне до степен на уцена за поддршка на евроинтегративниот процес на Македонија, дрско злоупотребувајќи ја својата позиција на земја-членка во Унијата, а притоа лицемерно повикувајќи се на почитување на добрососедството како европска вредност.
Инсистирањето преку повеќе меморандуми и декларации моментот на спроведувањето на договорот за добрососедство да биде вграден во главниот кластер на преговарачката рамка за Македонија, всушност претставува злоупотреба на политичките инструменти на Унијата за уцена во смисла на неприкосновено прифаќање на бугарските историски позиции како македонски.
Постоењето на Договорот за добрососедство со Бугарија, на некој начин претставува задолжителен елемент во процедурата за започнување на процесот на преговори за членство во ЕУ, со што Унијата претпоставува дека се штити од можноста билатералните проблеми на земјите-членки да го попречуваат нејзиното функционирање. Сепак, овој договор меѓу Македонија и Бугарија од 2017 година во самата основа е асиметричен, со оглед на веќе воспоставените позиции спрема ЕУ, односно односот: земја-членка и земја-кандидатка. Уште на почетокот беше јасно дека тој договор го има потенцијалот за уцена на земјата-членка врз кандидатката, бидејќи членката едноставно нема потреба од поддршка од соседот за некакви евроинтеграции. Со таквата базична асиметричност на договорот, дополнета со товарот на децениските (па и вековни) проблематични македонско-бугарски односи предизвикани од бугарските комплекси за македонското постоење и македонизмот воопшто, претпоставките на европските стандарди за добрососедство и добронамерност се претворија во инструмент за деградација и (само)уништување на националниот, државен, па и територијален интегритет на Македонија.
Веќе е јасно дека Бугарија добрососедството го прифаќа под свои услови, кои претпоставуваат наметнување на бугарскиот идентитет на историјата и јазикот на некој народ што тие го сметаат за непостоен, односно измислен во 1944 година. Притоа не ги спречуваат никакви историско-психолошки дијагнози, кои укажуваат на логичка и суштинска неусогласеност на нивните позиции со реалноста.
Зашто да сакаш да градиш добрососедски односи (што логички се подразбира штом потпишуваш договор за добрососедство), а да не сакаш да имаш сосед, е едноставно шизофрено. Да разговараш за историски прашања со претставници од друг народ и нација, наметнувајќи им дека историјата (минатото) всушност им е иста како нивната, е исто така шизофрено. Да се тврди дека македонскиот јазик, кој има своја научно докажана генеза, различна од бугарскиот јазик, потекнува и е дијалект на бугарскиот и тоа да се наметнува како факт, е исто така ненормално. Да се каже дека бугарските воени злосторства извршени врз македонскиот народ за време на фашистичката окупација се административни активности на тогашната бугарска држава, која била во сојуз со нацистичката оска, укажува на тешка историска фрустрација.
Згора на сѐ, иако повторно пласирано како шпекулација, на Бугарија не ѝ е доволен сегашниот договор за добрососедство за остварување на своите патолошки амбиции и бара дополнителни гаранции од Македонија, преку некаков анекс, или декларација, „заверени“ како „бугарски компромис“ во Брисел, за македонското самопоништување. Македонската официјална политика, конечно бескомпромисно и недвосмислено треба да презентира став дека таквите намери на Бугарија се неприфатливи за нас, но и за ЕУ. Таквиот „европски“ однос спрема Македонија, кој бирократски ја принудува на трагично и погубно самооткажување од сопствениот национален идентитет, ѝ се заканува и на самата ЕУ да се компромитира како организација што поддржала, или барем замижала пред нехумани и нецивилизациски намери на своја членка.
Добрососедството како европска вредност секако не претпоставува реалност на уцени, туку пред сѐ рамноправни односи и праведни шанси за оние што сакаат да бидат дел од ЕУ.
Затоа, Софијо, Брисел, за ова што гласно или премолчно го барате, одговорот го знаете: Но пасаран!