Иако можеби многумина нема да се согласат, сепак останува впечатокот дека пожарот што го зафати Копанки ги потпали политичките фрустрации на битолските политичари, кои со своите запаливи дискусии никако не можат да се договорат кој треба да го реновира домот. А дека во овој случај има доста политика, најдобра потврда е иницијативата за преиспитување на приватизацијата на домот
Деновиве, во овие летни месеци, кога љубителите на планината спасот од големите горештини го бараат на Пелистер, планинарите на ПСК Пелистер во своите ранци, наместо храна и пијалак за освежување, носат градежни материјали, песок, вар, цемент, тули… Некои од нив достигнуваат тежина дури и по дваесетина килограми.
Како на времето, во далечната 1936 година, кога битолчани со доброволни акции го градеа планинарскиот дом Копанки, планинарите на ПСК Пелистер веќе повеќе од два месеци, со доброволни акции и донации на граѓани, почнаа со неговата обнова. Речиси секој викенд десетици планинари и вљубеници во планината доброволно и самоиницијативно се искачуваат на Пелистер и помагаат да се обнови домот.
И покрај тоа што општината Битола и Владата на Република Македонија, поточно премиерот Зоран Заев, покажаа не само добра волја и желба туку и подготвеност со буџетски пари да го обноват и реконструираат домот, кој пред повеќе од пет години од големиот пожар до темел беше пеплосан, за жал, до договор со ПСК Пелистер не дојде и планинарите на своја рака, ударнички, од неодамна почнаа со негова реконструкција, откако во изминатиот период со општинското раководство на Битола буквално водеа дијалог на глуви. А кога се води таков дијалог, најчесто никој никого не слуша и решение нема. Планинарите останаа упорни во својата одлука да не го отстапат домот на општината, а општината пак и натаму смета дека без да ѝ биде домот отстапен во нејзино владение, таа не може да издвојува буџетски средства за негова реконструкција.
И наместо почетокот на градежните работи за обнова на Копанки да ги израдува сите вистински љубители на Пелистер, случајот, како и многупати досега, покажа дека во сѐ има (пре)многу политика и дека некои луѓе не можејќи да се ослободат од своите политички убедувања и суети едноставно не сакаа(т) да се најде заедничко решение.
Во ситуација кога од пред извесно време сме соочени со најавата за промена на Уставот, заради решавање на спорот за името со Грција, луѓето од ПСК Пелистер не покажаа ни желба ни волја да направат измени во својот статут и да изгласаат член со кој ќе ѝ го отстапат домот на локалната самоуправа, за да може таа да го реновира. Тоа што особено иритира кога станува збор за обновата на Копанки е што во сите изминати години од неговото опожарување домот беше и сѐ уште е предмет на разни политички манипулации и пресметки.
И со сите политички и административни заплети, останува непобитен факт дека Копанки, без оглед дали формалноправно е во сопственост на ПСК Пелистер или на општината, пред сѐ е на планинарите, и тоа не само од Битола туку и од сите градови во државата и пошироко. Тоа што тој сега со ударнички сили на планинарите се обновува како што во 1936 година со ударнички акции се градеше, навистина е за почитување, но не треба да се заборави оти притоа треба да се почитуваат и законските прописи за градба, да се знае кој е лиценциран изведувач и надзорен орган, што во случајов изостанува токму од горенаведените причини
Истиот момент кога се запали домот, претходната локална власт на чело со Владимир Талески вети негово експресно реновирање, дури и изградба на нов хотел на истото место во модерен стил. За таа намена беше изработен и проект и наводно беше издвоен еден милион евра. Но, за жал, не видовме ништо од тоа. На секоја седница на општинскиот совет од претходниот состав, на која се расправаше за буџетот, или за негов ребаланс, се нудеа амандмани за издвојување средства за обнова на Копанки. Но и таквите предлози, кои тогаш најчесто доаѓаа од опозицијата, беа по правило одбивани. За време на сите претходни локални или парламентарни избори, од страна на кандидатите за советници или пратеници, носители на листи, како од власта така и од опозицијата, беа ветувани милионски суми евра за обнова на Копанки.
Сето тоа време дури и ПСК Пелистер на прес-конференции ветуваше дека штом ќе го добие одобрението за легализација на домот, веднаш ќе се почне со реновирање, бидејќи не само што имале изработено проект за тоа туку имале собрано и доволно пари. И така цели пет години. Но тогаш никој не противречеше со чии пари ќе се обновува Копанки, буџетски или приватни. Тогаш едноставно сите со полна уста зборуваа дека Копанки, кој е симбол на Битола, мора што поскоро да се реновира.
Неодамна дури и сегашниот состав на советот изгласа одлука со која се одобрува износ од 100.000 евра за реновирање на Копанки. Наспроти сите тие големи ветувања, и натаму стои само руина, која деновиве со акција на планинарите се расчистува.
Иако можеби многумина нема да се согласат, сепак останува впечатокот дека пожарот што го зафати Копанки ги потпали политичките фрустрации на битолските политичари, кои со своите запаливи дискусии никако не можат да се договорат кој треба да го реновира домот.
А дека во овој случај има доста политика најдобра потврда е што деновиве со иницијатива за преиспитување на приватизацијата на домот Копанки се јави и скијачкиот клуб Пелистер, кој тврди дека има право на сопственост на домот. Со своја реакција се јави и пратеникот на ЛДП, Горан Милевски, кој застана во одбрана на скијачкиот клуб Пелистер, каде што прв човек е некогашниот пратеник од битолските либерали Науме Симјановски, како и градоначалничката Петровска. Сите тие заедно побараа целосна ревизија на одлуката за приватизација на Копанки.
И така клопчето, наместо да се расплеткува, се заплеткува. Но и со сите тие политички и административни заплети, останува непобитен факт дека Копанки, без оглед дали формалноправно е во сопственост на ПСК Пелистер или на општината, пред сѐ е на планинарите, и тоа не само од Битола туку и од сите градови во државата и пошироко. Тоа што тој сега со ударнички сили на планинарите се обновува како што во 1936 година со ударнички акции се градеше навистина е за почитување, но не треба да се заборави оти притоа треба да се почитуваат и законските прописи за градба, да се знае кој е лиценциран изведувач и надзорен орган, што во случајов изостанува токму од горенаведените причини.
А дека ова не е изолиран случај покажува и примерот со детското одморалиште „Пелистер“, кое веќе неколку години е заклучено и кое и ова лето е без деца и детски џагор.