Само како илустрација за тоа до каде оди практиката на приватни спонзорства во развиените земји е примерот со француското министерство за култура, кое во февруари годинава испрати повик до компаниите во земјата за спонзорство – да го oткупат познатиот ракопис на романот „120 дена Содома“ од писателот Маркиз де Сад, заради утврдување на неговиот статус како национално богатство. Компаниите што ќе се пријават, ќе добијат намалување на даночните обврски кон државата. Ваквите примери може да послужат за зголемување на свеста за важноста на културата, истовремено на нејзините носители, на приватниот сектор и на државата
Порталот „Арт и бизнис“, кој редовно објавува текстови поврзани со комерцијалните ефекти од културата, неодамна ја отвори вечно актуелната тема за приватните спонзорства во културниот сектор, кои особено за време на пандемијата, кај нас, но и во светот, беа драстично намалени. Оваа тема во македонското општество отсекогаш била жежок костен поради непрекинатата економска криза и промените во медиумската сфера, кои доведоа до драстично намалување на буџетите за реклама на приватните компании, особено на буџетот за спонзорства. И оние малку спонзорства што ги има, главно се насочени кон настани што гарантираат масовна публика, како спортски натпревари или концерти на суперsвезди, но никогаш или ретко кон т.н. „висока“ култура, како што се театрите, филмот, музеите, оркестрите…, кои секогаш биле на опашката од финансиската стратегија на корпорациите. Впрочем, кој има интерес да инвестира во театарски претстави, концерти на класична музика и особено во ликовни изложби, на кои едвај присуствуваат по стотина луѓе, и тоа само на денот на отворањето. Како да се зголеми видливоста на културните содржини за помасовна публика што понатаму ќе привлече и приватни спонзорства?
Долги години се заговара конечно да профункционира законот што порано стимулираше спонзорства во културата и во спортот преку даночни олеснувања. Ваков закон постои во сите развиени земји во светот и овозможува приватниот сектор активно да учествува во поддршка на културните и спортските собирања и манифестации.
Но, покрај ова, „Арт и бизнис“ предлага и некои иновативни начини на кои културните институции можат да ги искористат своите безбројни ресурси. На пример, преку фотографии од претстави, извадоци од нови драми и уметнички дела и архиви, создавање динамична, забавна и поучна содржина што би можела да се споделува на социјалните мрежи, а што би ја ангажирало постојната, но би придонело и кон создавање нова, помлада публика. Со омасовување на публиката, овие содржини би станале поатрактивни и за приватниот сектор.
„Не помош, туку соработка – не прашувајте што може да направи спонзорот за вас, прашајте што можете да направите за спонзорот“, порачува порталот и предлага културните институции и креативните творци да им ги понудат на спонзорите своите услуги во делот на нивниот маркетинг.
Потребни се нови идеи, нови форми, нови места и нови теми, со еден збор – нова и возбудлива енергија. Културните институции треба да почнат да размислуваат и стратегиски да се прегрупираат, наместо да ја конципираат својата годишна програма само врз основа на субвенциите што ги добиваат од државата преку Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура. Затоа што кај нас само најмоќните компании, како што е „Македонски телеком“ на пример, меѓу другото се поддржувачи и на културата во Македонија преку финансирање, и тоа главно на капитални проекти од национално значење, но не и на помали фестивали или настани. Меѓу позначајните е традиционалното партнерство со најголемиот уметнички фестивал во земјата, домаќин на најголемите светски уметници „Охридско лето“. Актуелна е и соработката со меѓународниот театарски фестивал „МТФ Скупи фестивал“, со манифестацијата „Звуците на чаршијата“, како и со најважната џез-манифестација во национални рамки „Скопје џез-фестивал“… Таква компанија е и „Еуролинк осигурување“, која учествува со поддршка на повеќе проекти на Музејот на современата уметност, како и Комерцијална банка, која е генерален покровител на наградата „Роман на годината“… Има и други, но сите заедно може да се избројат на две раце.
Спонзорите се претставници на деловниот свет во кој тие се веројатно најуспешни и највешти, бидејќи да не се, нема да имаат дополнителни буџети за спонзорства, особено за спонзорства во културата, која по својата природа е елитна, бидејќи е ограничена на помала и избрана публика.
Културните институции (помалку или повеќе срамежливо, добар дел од нив веќе го прави тоа) треба да се што поприсутни на социјалните мрежи преку платформите Јутјуб, Фејсбук, Инстаграм, Поткаст итн., покажувајќи ги својата виталност, активност и нова иницијатива, со што ќе ја охрабрат и ангажираат својата публика, но и ќе добијат нови следбеници, а можеби со текот на времето би можеле да влезат и во редот на инфлуенсерите, односно да станат свој медиум и препознатлив бренд со лојални следбеници. Тогаш и спонзорите од приватниот сектор ќе станат позаинтересирани да одвојат дел од својот буџет за поддршка на овој ранлив сектор.
Само како илустрација за тоа до каде оди практиката на приватни спонзорства во развиените земји е примерот со француското министерство за култура, кое во февруари годинава испрати повик до компаниите во земјата за спонзорство – да го oткупат познатиот ракопис на романот „120 дена Содома“ од писателот Маркиз де Сад, заради утврдување на неговиот статус како национално богатство. Записот вреди 4,55 милиони евра. Ракописот е во облик на ролна долга 12 метри. Де Сад го напишал еротско-садистичкото дело во 1785 година, на 45-годишна возраст, додека бил во затворот во Бастилја поради низа обвиненија. Министерството за култура, во покана објавена во „Службен весник“, побара спонзорства од компаниите за стекнување на ова „национално богатство“. Компаниите што ќе се пријават, ќе добијат намалување на даночните обврски кон државата. Ваквите примери може да послужат за зголемување на свеста за важноста на културата, истовремено на нејзините носители, на приватниот сектор и на државата.