Сосема е непотребно сега и тука да се објаснува колку јавноста е фрустрирана од засилениот тренд на фотографирање и снимање на политичарите секогаш и секаде, особено за време на пандемијава, која до коска ги разголи нивната неспособност и немоќ. Иритираат дури и кога тие се „спонтани“, во некакво неслужбено опкружување. И ако случајно не се има предвид со какви, најблаго речено, аматери се опкружени луѓето од актуелната политичка сцена, некој можеби и ќе се вџаши кога на социјалните мрежи или во информативните медиуми ќе налета на снимка или на фотографија на државен функционер во друштво на сомнителни ликови, какви што беа тие што ѝ избегаа на обвинителката Вилма Русковска
Заробени во форми, со роеви мисли и предумисли, комбинации и калкулации, срамови и стравови живееме и чекориме низ животот, речиси секогаш маскирани и подготвени при средбата со некоја друга маска да оствариме предност, да задоволиме некаква сопствена потреба или интерес, резултатот да го свртиме во своја полза. Зборовите, мимиките, гестикулациите, позите… одамна го загубија вистинскиот израз и станаа средства на глума, а сите ние станавме актери. Во јавниот живот, пред сѐ во политичкиот, оваа човечка вештина, се разбира, во комбинација со други знаења и таленти, отсекогаш била на цена. Во последниов период, особено на овдешниот простор, сѐ е сведено на глума. И тоа, најчесто, исклучително лоша. Во различни контексти, предвидливи и непредвидливи ситуации, оптоварени со не секогаш јасни односи, политичарите чувствуваат длабока потреба, а неретко такво нешто едноставно и им се наметнува од страна на нивните сѐ побројни и сѐ побесмислени ПР-тимови, да остваруваат непосредни контакти со луѓето, да им се допаднат и да ги придобијат нивните симпатии, за да освојат или да задржат што повисока позиција од која ќе ги реализираат своите идеи, планови, политички и деловни намери… Но во својата кратковидост, умисленост и алчност забораваат дека и другите носат маски. И тоа, често, и многу подобро од нив. Зошто, инаку, некој би посакал да се фотографира со политичар, на пример?
Сосема е непотребно сега и тука да се објаснува колку јавноста е фрустрирана од засилениот тренд на фотографирање и снимање на политичарите секогаш и секаде, особено за време на пандемијава, која до коска ги разголи нивната неспособност и немоќ. Иритираат дури и кога тие се „спонтани“, во некакво неслужбено опкружување. И ако случајно не се има предвид со какви, најблаго речено, аматери се опкружени луѓето од актуелната политичка сцена, некој можеби и ќе се вџаши кога на социјалните мрежи или во информативните медиуми ќе налета на снимка или на фотографија на државен функционер во друштво на сомнителни ликови, какви што беа тие што ѝ избегаа на обвинителката Вилма Русковска.
Попусто сега од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски објаснуваат оти тој за времето на изборната кампања на претседателските избори во 2019 година се фотографирал со сите граѓани што го побарале тоа од него и оти тој лично не се познава со лицата што, според наводите од случајот „Планина“, се криминалци и наркобосови. Ефектот не е многу подобар од тој што го остави недозволиво долготрајниот молк на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по објавата на фотографиите што го прикажуваат во весела дружба со „клиентите“ на Русковска.
Ако функцијата на фотографијата или на снимката е таа да остави трага за она што го прикажува, тогаш фотографираните и снимените мора да бидат свесни оти и тие со своето позирање оставаат некаква трага, особено кога, што е неминовно, таа ќе се вметне во одреден контекст.
А моменталниот контекст е таков што јавноста, по сето она што се случуваше во изминативе години, веќе речиси и нема доверба во институциите и во нивните репрезенти. Напротив, веќе предолго време, поради неизлечиви вербални дијареи, разузданите политички игри и неделотворното правосудство, јавноста е оптоварена со голем број сомнежи за инволвираноста на државните и јавни функционери во криминалот и корупцијата.
Поради и по сето тоа, документирањето на средбите, какви што им се „случија“ на Пендаровски и на Спасовски, поттикнува нови сомнежи, овозможува јазиците на недобронамерните да се изоструваат, а фокусите на добронамерните да се заматуваат, оддалечувајќи ја вистината, до недостижност и непрепознатливост.
Од досегашните слични примери во земјава, но и во поблиското и подалечното опкружување, веќе можело да се научи какви сѐ средства користат криминалците за да го избегнат прогонот. Фотографирањето со политичарите и создавањето впечаток за постоењето на политички, па дури и државен патронат врз криминалот и корупцијата, е едно од побезболните средства, што не значи дека е и помалку штетно. Но, за учење никогаш не е доцна.