Заклучокот е дека во Македонија борбата против лажните вести единствено може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини
Ако за шнајдерите и кројачите постои изреката „трипати мери, еднаш сечи“, тогаш за веродостојноста на информациите пласирани на социјалните мрежи може да се примени изреката „трипати проверувај, еднаш поверувај“. Медиумските манипулации не се новина и тие постојат со години. Но она што е актуелно во моментов во пресрет на претседателската кампања, која е на повидок во земјава, се новите социјални медиуми и мрежи, кои се простор што често се злоупотребува и е преплавен со невистинити, полувистинити информации или манипулации, односно со т.н. лажни вести. Ваквата појава на лажно информирање нанесува огромна штета во сите сегменти на општественото живеење, а последици од тоа трпат сите држави или, условно кажано, и големите и малите, коментираат експертите.
Во исто време како што ќе добива интензитет кампањата за претстојните претседателски избори, во нашата држава се стравува дека ќе се засилуваат и „војната“ со лажни вести, говорот на омраза, вулгарностите, клеветењата и навредите… Имајќи ги на ум овие бранувања во информативната медиумска сфера легитимно е да се постави прашањето до каде сме со борбата против лажните вести? Можни ли се кристално чисти избори, за што се залагаат и власта и опозицијата, но на што константно предупредуваат и ЕУ и САД, доколку над глава како Дамоклов меч ни виси проблемот со лажните вести. Дотолку повеќе што ова прашање во исто време не е законски регулирано од институциите во земјава ниту пак се наѕира некакво решение за борба со „индустријата“ со лажното информирање?
Според мислењата на многумина комуниколози, најефикасно орудие и
најдобра заштита против лажните вести се, пред сѐ, медиумите со долга традиција независно дали се печатени или електронски. Едноставно на искусните редакции и медиуми не може да им се протне нешто што е надвор од професионалните новинарски стандарди и меѓународните медиумски правила
Судејќи според последната акција за чистење на социјалните мрежи од лажни профили – вклучувајќи нѐ и нас, можеме слободно да кажеме дека не сме повеќе од еден чекор понапред од епидемијата од 2016 година во САД за тамошните претседателски избори. Иако Македонија е релативно мала земја и речиси секој секого познава и лесно протекуваат информации, нејасно е како досега институциите „надлежни“ за овој проблем не излегоа со некое решение и регулирање на сферата, макар тоа било и привремено. Но немоќта пред лажните вести се покажа и во други многу поголеми земји од нас, како Америка на пример, каде што имаше упади на лажни вести за време на тамошните претседателски изборни циклуси.
Сепак, за да се превенираат ваквите појави неопходно е паралелно и етапно да се дејствува на повеќе полиња и да се одговорат повеќе дилеми.
Сигурно малкумина реално претпоставуваат колкава опасност носат невистинитите информации и колку, од друга страна, е значајна медиумската писменост како заштита и брана од влијанието на лажните вести. Во превод за обичниот граѓанин, тоа значи дека треба да се подигне општествената писменост преку учење техники како да се препознаат овие лажни информации, од кои подоцна ќе произлезат и одредени правила како да се препознае изворот, дали тој е верификуван и потврден од два или три извори и слично. Искуството од европските избори покажува дека истражувачкото новинарство и предупредувањето на јавноста однапред можат да помогнат во освестувањето на гласачите од дезинформациските кампањи. Според мислењата на многумина комуниколози, најефикасно орудие и најдобра заштита против лажните вести се, пред сѐ, медиумите со долга традиција независно дали се печатени или електронски. Граѓаните треба да увидат дека овие медиуми зад своите информации стојат со својот долгогодишен авторитет, изграден углед и со потпишани текстови со име и презиме на авторот зад кои не може да се пласираат каква било информација или лага. Едноставно на искусните редакции и медиуми не може да им се протне нешто што е надвор од професионалните новинарски стандарди и меѓународните медиумски правила.
Токму преку овие механизми читателите и публиката, сами ќе може да ги оценат вестите и да се уверат во веродостојноста на пласираните содржини.
Заклучокот е дека во Македонија борбата против лажните вести единствено може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини. Токму образованието и медиумската писменост учат како да се развијат вештините за критичко размислување, како да се препознаат манипулациите и лажните вести,
но истовремено и ваквите штетни појави да се превенираат и санкционираат.