САД и Турција се сојузници во НАТО, а САД и Курдите се сојузници во Сирија. И едните и другите во моментот се чувствуваат изневерено. Трамп им се закани со економско уништување на Турците ако ги нападнат Курдите, а на вториве им порача да не провоцираат. Не сме директно засегнати од овие спорови, ама може да извлекуваме поуки за сојузничките проблеми
Ниту пријатели ниту непријатели. Вака накратко се опишуваат односите меѓу долгогодишните сојузници во НАТО, САД и Турција. Таков е и насловот на еден извештај на Советот за надворешни односи на САД за иднината на односите меѓу двете земји. Во него се оценува дека стратегиското партнерство меѓу Вашингтон и Анкара е завршено. „Турција само формално е сојузник во НАТО, но не е партнер на САД. Америка не треба да се двоуми да ѝ се спротивставува на Турција секогаш кога таа ја поткопува американската политика“.
Доналд Трамп, се чини, ги следи таквите совети, па изминатиот викенд упати нови закана кон Анкара. Претседателот на САД на Твитер ја предупреди Турција дека ќе ја уништи економски ако ги нападне курдските сили во Сирија, по повлекувањето на американските војници, и истовремено апелира до Курдите да не ја „провоцираат“ Анкара. Тој оцени дека повлекувањето на Американците од Сирија требало одамна да се случи, ама нагласи и дека САД ќе продолжат да ја напаѓаат Исламска држава (ИСИС). Според Трамп, Русија, Иран и Сирија имале најголеми придобивки од американската политика за уништување на ИСИС во Сирија, од која профитирале и самите Американци, но сепак дошло време да се повлечат. Трамп најновата твитер-тирада ја заврши со мирољубив апел: „Запрете ги бескрајните војни!“
Турција веднаш реагира на заканите на Трамп. Така, портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му порача на американскиот претседател дека „терористи не можат да бидат партнери и сојузници“ на САД. „Турција очекува од САД да го почитува стратегиското партнерство и не сака тоа да биде засенето од терористичката пропаганда“, е порака од официјална Анкара. Како безброј пати досега, „терорист“ е нешто за што тешко можат да се спогодат спротивставените страни. Терористот за едни е борец за човекови права за други… Турција ги смета за терористи курдските сили, кои Американците ги обучуваа и ги вооружуваа да се борат против ИСИС.
Твитер-заканите против Турција се само уште еден потрес на и онака разнишаната блискоистоисточна сцена, по изненадувачката најава на Трамп за повлекување на дел од американските сили од регионот. Најавата ги затекна сите, а ги изневери оние што до вчера ја уживаа американската поддршка, како Курдите во Сирија. Шефот на американската дипломатија е на турнеја во регионот да ги увери сојузниците дека повлекувањето нема да има негативни последици. Но многумина на Блискиот Исток, па и во Вашингтон, сметаат дека повлекувањето на Америка ќе ѝ овозможи на Турција да ги нападне курдските сили во Сирија. Анкара остро реагира на сугестиите дека планот на Трамп за повлекување на американските војници зависел од гарантирањето на безбедноста на курдските сили поддржани од САД, кои Турција ги смета за терористи.
Во таква ситуација, каква е иднината на односите меѓу Америка и Турција? Во моментот има разни прогнози во зависност позициите што се бранат. Двете земји до оваа состојба стигнаа по обвинувањата на Анкара за американска вмешаност во неуспешниот пуч во 2016 година, критиките на Вашингтон зошто Турција купува руско оружје, американските економски санкции што придонесоа за падот на турската лира, како и постојаните обвинувања за улогата на курдските сили во Сирија. Најголемите оптимисти сметаат дека двете земји треба да ги испеглаат сите несогласувања и да се држат до заедничките интереси од сојузништвото во НАТО. Тие сметаат дека Вашингтон и Анкара имаат преголеми придобивки од партнерството за да го фрлат во вода.
Од друга страна, има такви што се водат од оцената дека САД и Турција не се „ниту пријатели ниту непријатели“, па сметаат дека Турците, како и „многу други американски сојузници – Европејци, Саудијци, Јужнокорејци, итн. – постојано веруваат дека не треба да прават ништо без пари кога веќе може да ја изманипулираат Америка да ја заврши работата наместо нив или барем да плати“. Истите тие бараат од Трамп да продолжи политиката да ги тера сојузниците да „плаќаат“ кога тоа е потребно, наместо да очекуваат САД да ги финансираат. Со такви аргументи тие ја напаѓаат Турција дека се обидува да извлече пари од Америка за да се бори против ИСИС во Сирија, иако всушност сака да се бори против курдските сили таму. Наводно, според „Волстрит џурнал“, Турците побарале толку многу од Американците што ако овие прифателе, тоа ќе значело да го зголемат, а не да го намалат военото присуство во Сирија. Затоа, велат истите тие, Вашингтон треба да бара од сојузниците во регионот, како Турција, да го понесат најголемиот товар во уништувањето на ИСИС бидејќи таа е најблизу до нив. ИСИС била закана и за Вашингтон, ама далечна, а не во соседството.
Трети работата ја вртат кон Курдите, нагласувајќи дека Америка не им должела ништо иако тие први гинеле на фронтот против ИСИС во Сирија. Кои се нивните аргументи? Тие ги напаѓаат критичарите на Трамп, кои сметаат дека повлекувањето на САД од Сирија ќе значи пекол за сириските Курди поради што Америка треба да ја гарантира нивната безбедност, па дури и да им помогне во крајната цел, создавање независна курдска држава. Според нив, зад таквите повици се кријат милитаристички желби.
Покрај офанзива против ИСИС, таквите планови би значеле и долгорочно воено присуство во Сирија, промена на власта во Дамаск и потоа обиди за создавање функционална демократија, наспроти лошите искуства во Ирак или во Авганистан. За овие експерти, единствен начин да им се гарантира безбедноста на Курдите е да им се помогне да создадат држава, а тоа значи дека Америка би била во конфликт против сите – сириската армија, Ирак, Иран, Русија, а и самите џихадисти.
Така, приближно, американските експерти гледаат на сегашните и на идните односи меѓу Турција и САД. Каква поука од нив може да извлечат земјите што се набљудувачи во овој спор меѓу формалните сојузници во НАТО или сојузниците на боиштата? Каква лекции може да научи Македонија, од која се бара да понесе толкава жртва во име на сојузништвото во НАТО и во ЕУ? Во најмала рака, таа треба внимателно да постапува со сојузништвата, особено кога тие ѝ се претставуваат како највисока можна цел.
Сојузништвата не се ниту свети ниту вечни и сигурно не се над националните интереси. Ако една суперсила смета дека некој „сојузник“ ѝ гази по националните интереси, таа многу лесно може партнерските односи да го замени со „пријателски“ закани и ултиматуми. Таква пријателска љубов од САД во моментот чувствуваат и Турците и сириските Курди. Едните од сојузници во НАТО се сведени на недефиниран статус, па сега не се ниту пријатели ниту непријатели. Другите, пак, до вчера беа борци против тероризмот, а ако се суди од тврдењата дека „Америка не им должи ништо на Курдите“, лесно може и самите да заглават со истата квалификација. Ним им останува да одлучат како ќе реагираат на „пријателските ултиматуми“, ако воопшто и имаат избор во нивниот асиметричен однос.