Ако внимателно се анализира изјавата на Вартоломеј ќе се види дека тој не ја отфрла можноста да се реши црковното прашање во Македонија, но не прецизира како ќе се прави тоа. Интересна е и реченицата во која на крајот вели дека Вселенската патријаршија никогаш не се мешала во туѓа јурисдикција, ако за тоа немало барање и поголема црковна потреба. Во случајот со МПЦ има и барање и поголема црковна потреба. Оттука е легитимно да се постави дилемата дали во таа реченица се крие и клучната порака од вселенскиот патријарх до МПЦ, но и до СПЦ
На 6 јануари оваа година вселенскиот патријарх Вартоломеј одлучи да ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква. Така, сѐ поизвесно стана дека никој не може да го одврати од намерите да ги реши долгогодишните проблеми меѓу православните цркви и со тоа во историјата да биде запишан како духовен водач на православните, кому најважна му е Христовата љубов, а не националистичките претензии. Но неговата одлука разви поделени реакции во православниот свет. Руската црква остро реагираше на ваквата одлука на Вселенската патријаршија, квалификувајќи ја како резултат на политички и лични амбиции, а истовремено истакна и дека документот (томосот за автокефалност) е потпишан со кршење на каноните и нема никаква законска основа. Експертите, пак, толкуваа дека оваа одлука може да донесе уште поголеми поделби и потреси меѓу православните цркви.
Македонската црковна јавност ваквиот развој на случувањата го оценуваше позитивно и сметаше дека оваа е пресудна година за Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кога треба да се стави во процедура решавањето на нејзиното канонско прашање. Следните месец и половина следуваше затишје од двата најголеми православни центри, Вселенската патријаршија и Руската црква. И така беше до минатата недела кога српска „Политика“ објави интервју со вселенскиот патријарх, во кое тој стриктно посочува дека Вселенската патријаршија нема намера да го менува Уставот на Српската православна црква, ниту нејзините граници, доколку тоа не е проследено со спогодба или со соработка. Во интервјуто нагласува и дека Вселенската патријаршија никогаш не ги пречекорила границите на другите цркви, освен ако за тоа не постојат соодветни услови и поголема црковна потреба.
Само две реченици од едно обемно интервју на вселенскиот патријарх посветени на МПЦ покажаа колку ова прашање е суштински важно за македонската јавност и колку тоа буди емоции, но и колку големи се надежите, овде во Македонија дека сега, по автокефалноста на Украина, на ред е македонската автокефалност. Но, од друга страна, ова последно интервју на Вартоломеј, во кое тој прави дистинкција меѓу Украинската и Македонската црква, покажува и колку малку македонската јавност ужива информации за тоа што и дали воопшто нешто се случува на релацијата меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија.
Во таа насока, се претпоставуваше дека Вселенската патријаршија ќе ја следи црковната аналогија од признавањето на Украинската црква и за МПЦ. Но по последните изјави на вселенскиот патријарх, очигледно е дека каноните попуштаат пред црковната политика и дипломатијата, нешто слично како што меѓународното право попушта пред политикантството и интересите на големите сили. Никој нема дилема дека ова што се случува сега во православието е зачинето со многу политика. И тоа политика што се случува на геополитички план.
Се претпоставуваше дека Вселенската патријаршија ќе ја следи црковната аналогија од признавањето на Украинската црква и за МПЦ. Но по последните изјави на вселенскиот патријарх, очигледно е дека каноните попуштаат пред црковната политика и дипломатијата, нешто слично како што меѓународното право попушта пред политикантството и интересите на големите сили. Никој нема дилема дека ова што се случува сега во православието е зачинето со многу политика. И тоа политика што се случува на геополитички план
Во ваква ситуација на недостиг од информации сосема е логично во јавноста да се отворат дилеми, особено што вселенскиот патријарх во тоа интервју јасно кажува две работи. Едната дека МПЦ и Украина не се идентични случаи и втората дека Вселенската патријаршија нема да ги менува границите на СПЦ без соработка. Оттука се легитимни прашањата, дали тоа значи дека Вартоломеј се откажува од автокефалност во Македонија, дали ова интервју е ладен туш за МПЦ, дали со ова Вселенската патријаршија ја менува стратегијата.
Но многу е легитимно и прашањето дали ова интервју е наменски дадено токму за српски медиум за да се смират реакциите во СПЦ, која застана на страната на Руската црква во случајот со Украина.
МПЦ официјално не добила никаков допис од Вселенската патријаршија или информација дека се откажува од намерата, на која се нафати, за решавање на црковниот статус на МПЦ што, пак, е едно смирување на страстите дека сепак Вартоломеј не се откажал од Македонија. Но, од друга страна, тоа што Вселенската патријаршија официјално не одлучила и не известила што и како ќе прави во случајот со македонското црковно прашање може да навестува дека желбите за брзо решение веројатно нема да се исполнат. Но ако внимателно се анализира изјавата на Вартоломеј, ќе се види дека тој не ја отфрла можноста да се реши црковното прашање во Македонија, но не прецизира како ќе се прави тоа. Интересна е и реченицата во која на крајот вели дека Вселенската патријаршија никогаш не се мешала во туѓа јурисдикција, ако за тоа немало барање и поголема црковна потреба. Во случајот со МПЦ има и барање и поголема црковна потреба. Оттука е легитимно да се постави дилемата дали во таа реченица се крие и клучната порака од вселенскиот патријарх до МПЦ, но и до СПЦ.
Факт е дека низ историјата сите прашања што биле поврзани со самостојност и автокефалност на црквите оделе исклучиво преку Вселенската патријаршија. Таа, како што ја нарекуваат првопрестолна црква, или прва меѓу еднаквите, секогаш го имала приматот на медијатор меѓу раскараните цркви, но и краен одлучувач, носител на потписот на томосот за автокефалност на одредената црква.
Останува да видиме каков план има вселенскиот патријарх за МПЦ и како ќе се одразат овие негови изјави дадени за српски медиум врз решавањето на македонското црковно прашање.