Годинава тој страв е уште поголем и е испреплетен од разни причини – дипломатски, политички, религиски итн. Да се потсетиме само дека лани во јануари, точно на Божиќ, беше обелоденета тиранската платформа под албанското знаме. И годинава за Божиќ уште од поодамна се готви најнов специјалитет
За јануари се говори дека е најдолг, најскап, најдепресивен, најеуфоричен, најстуден, најпразничен… и каков ли уште не, најнајмесец во годината. Притоа секој си има свои аргументи врз основа на кои ќе одлучи за што ќе се определи и во која графа ќе го смести првиот месец од годината.
На оние со поплиток џеб, како огромното мнозинство македонски граѓани, месецот им е предолг бидејќи мака мачат како да ги поминат сите празници и притоа да успеат да ги платат зголемените давачки и трошоци навреме. Административците, пак, имаат друг „проблем“.
Ним месецот им е веројатно најздодевен поради мноштвото споени неработни денови.
Ќе заборават кога последен пат биле на работа!
Да, да, има и такви што едноставно по толку неработни денови страдаат од умор од одморот, па им треба нов одмор?!
Кога неодамна Владата го прогласи втори јануари за неработен ден, преку социјалните мрежи се рашири шега за тоа како двајца административци вчудовидени се прашуваат меѓусебно „а кој е всушност работен ден за нас!“ Или можеби ова и не е шега.
Како и да е, на јануари му прилегаат и шегата и народните обичаи и верувања – маските, огновите, песната, виното итн. Месецот е препознатлив и по карневалите, кога луѓето се маскираат и изведуваат разни обреди за да го протераат злото, иако да бидам искрен имам впечаток дека има такви што воопшто и не ја симнуваат маската од лицето цела година, бидејќи само така маскирани, лажни и камуфлирани може да опстојат.
Од религиска гледна точка, нема сомнение дека јануари е најрадосниот месец во годината. Особено затоа што на 7 јануари се празнува раѓањето на спасителот Исус Христос, меѓу верниците познат како Божиќ.
Според религиските учења, Божиќ и Бадник се најсреќни празници, преку кои се шири љубовта меѓу народот, се заборава на грижите и се оживува надежта овековечена токму низ поздравот – Христос се роди! Кузман Шапкарев има забележано дека „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: ’Бадник – будник‘“.
Но токму во овој прв месец од годината на одреден начин се вгнездени и сомнежот и стравот. Годинава тој страв е уште поголем и е испреплетен од разни причини – дипломатски, политички, религиски итн.
Да се потсетиме само дека лани во јануари, точно на Божиќ, беше обелоденета тиранската платформа под албанското знаме. И годинава за Божиќ уште од поодамна се готви најнов специјалитет, но за ова малку подолу во текстот.
Според народните верувања, период веднаш по Божиќ е исполнет со многу активности на негативните демони. Според народното верување, од Божиќ до Водици, кога Исус не бил крстен, разни зли демони се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејства. Оттаму произлегла и поговорката „пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си“ што има двојно значење, да се биде во кругот на семејството и тука да се прослави радосната вест, но и да се потсети дека во овој период сепак е најбезбедно во сопствениот дом.
По сите овие вековни преданија и верувања неколку реченици и за она што го загатнав пред малку, односно какви сили и емоции ќе преовладеат во државата овој јануари и што може да ни зготват политичките кујни.
Од религиска гледна точка нема сомнение дека јануари е најрадосниот месец во годината. Особено затоа што на 7 јануари се празнува раѓањето на спасителот Исус Христос, меѓу верниците познат како Божиќ. Но токму во овој прв месец од годината на одреден начин се вгнездени и сомнежот и стравот
Со други зборови, по што ќе остане запаметен овој јануари од аспект на нашата држава Република Македонија. Студен, несомнено тоа веќе се чувствува, епидемичен, исто така бидејќи и морбилите ќе продолжат да се шират, туку зборот ми е во политичка смисла каков ќе ни биде месецов.
Зашто тука има некои чудни околности. Еве и зошто. На 9 јануари или на третиот ден на Божиќ е закажана последната финална фаза од собраниската процедура за уставните измени за спроведување на спогодбата од Мала Преспа. Според најавите, дебатата ќе трае многу кратко, бидејќи опозицијата се откажа од учество и уште истиот ден измените може да се изгласаат. На итност апелира и генералниот секретар на НАТО, од нему познати причини. Тоа се политичките претпоставки и очекувања.
Но претходно посочив дека според религиските преданија и народните верувања од памтивек се смета дека деновите по Божиќ (што значи и 9 јануари) се исполнети со многу активности на негативните демони. Кои би можеле да бидат овие демони во политиката и што ќе надвладее? Политичките очекувања или народните верувања, или пак и двете се дополнуваат меѓусебно.
Кој ќе завладее со иднината на народот и на државата во овие судбоносни денови.
Токму овие прашања ми навираат на ум деновиве пред последната и финална фаза за промена на името. Додуша практиката покажала дека суеверието и верувањата се беспомошни против големите геополитички игри и интереси. Згора на тоа политички спин-мајстори, зли сили и демони се активни преку целата година и нив ги интересира дали е коледе, Божиќ, Василица или кој било друг верски празник.
Оттаму и не сум убеден дека 9 јануари може да ги даде одговорите на сите дилеми поврзани со Преспанскиот договор. Тоа е процес што ќе продолжи и понатаму, и затоа се потребни меѓусебна кохезија и сплотеност. Зашто демоните што ја меркаат Република Македонија не се протеруваат со ѕвонци и клопотарци како на „Вевчанскиот карневал“. Злото што има намера да ја уништи Македонија може да се победи само со истрајност, мудрост, верба, одговорност и многу работа. Тоа несомнено е тешка и одговорна задача на која треба да ѝ се пристапи со чисто и отворено срце, без маски и со искрена волја од сите. Ќе завршам со зборовите на г.г. Стефан: „По божја волја постоиме, со божја помош и ќе опстанеме. Нека се за многу години празниците“.