Сѐ помала е границата меѓу интимното и јавното или, пак, во некои случаи таа полека се брише, поради тоа што нашите интереси и избор на виртуелна средина во која ќе бидеме влијаат и на нашата перцепција на стварноста. А во нашиот сајбер-простор можеме да бидеме кој било или да направиме подобра слика за самите себе или, пак, да се криеме зад некој друг. Лагата и вистината се испреплетуваат, а со тоа и нашата објективност и критички став кон сѐ што ни се случува
Петчасовниот крах на социјалната мрежа Фејсбук и на нејзините апликации Инстаграм и Ватсап, на 4 октомври, кој имаше реприза со помал интензитет и во петокот, беше планетарна демонстрација на фактот што веќе никој не може да го негира, дека услугите на оваа компанија станаа составен дел на секојдневниот живот на планетата.
И со брзина на светлината на конкурентските мрежи, а по санирањето на состојбата и на Фејсбук можеа да се прочитаат шеговити, но и коментари што ќе нѐ замислат. „Оставете ги мобилните настрана и слушајте ја личноста до вас што ви зборува. Тоа е најновата апликација и се вика почитување“. Први се јавија противниците на социјалните мрежи, според кои нивното целосно гаснење би можело да донесе враќање на основните човечки вредности и ставање на луѓето и работите на вистинското место, ослободување од глупоста, омразата и лагите, но и од политичките мизерни кампањи. Секако, имаше и реакции од типот: изгубени сме, што да правиме сега без нашиот виртуелен свет?
По сѐ што се случи, со причина се запрашавме дали навистина од ден на ден стануваме сѐ поголеми зависници од социјалните мрежи и од виртуелниот начин на живот, кој е сѐ поприсуен. Освен придобивките, дали тој нѐ ограничува, нѐ заглупавува, го уништува ли нашиот интегритет и барем декларативно загарантирана слобода на избор? Го губиме ли времето попусто џарејќи се во екраните, нарекувајќи ги пријатели оние што не ги ни познаваме, а знаеме речиси сѐ за нив?
Ако нешто не е објавено на социјалните мрежи како да не се случило, тоа е нова верзија на една стара парола, која до скоро важеше за весниците. За многумина тоа се однесува и на многу банални нешта, како на пример што јаделе или пиеле, па и тоа се сервира на нивните профили, но и многу други тривијалности, кои, сакале или не, ги забележуваме за време на нашите виртуелни прошетки.
Всушност, секојдневно сме претрупани со огромен број податоци што воопшто не ни се потребни.
Сепак, факт е дека светот во кој живееме во економски, информатички и секој друг поглед е целосно префрлен на овие мрежи, а реално младите најтешко би се снашле без нив. Тоа е сѐ поевидентно во последните две години, кога поради пандемијата на коронавирусот, едукацијата и начинот на работење и други активности повеќе се одвиваа онлајн.
Но долгото седење пред мониторот, токму кај децата и младите има многу негативни ефекти, а од друга страна опасности ги демнат и на друг начин. На удар се на педофилите, на мобингот, а и на депресијата, како што покажа едно интерно истражување на Фејсбук, како претходница на појавување апликација Инстаграм за деца до 13 години, кое неодамна протече во јавноста. Пред американскиот Сенат го изнесе Френсис Хауген, според кое „10-20 отсто деца размислуваат за самоубиство поради потсмев на мрежите или затоа што не се доволно убави и забележани“.
„Кога живееме во информатичко опкружување, кое е полно со лута, полна со омраза и поларизирачка содржина, тоа ја нагризува нашата граѓанска доверба едни во други, како и нашата способност да сакаме да се грижиме едни за други. Верзијата на Фејсбук што денес постои ги разјадува нашите општества и предизвикува етничко насилство во целиот свет“, предупреди Хауген во интервјуто за американската ТВ-мрежа Си-би-ес, и тоа само еден ден пред да падне Фејсбук и да прекине со работа пет часа.
Всушност, она што треба да ги заплашува сите на социјалните мрежи е немањето приватност, за што многумина на почетокот не се свесни. Стручњаците по информатика потврдуваат дека приватните профили всушност се „илузија за корисниците“. Со еден збор, нашите животи и сѐ што ни се случува се како јавен билборд и достапни буквално до сите и, што е најчудно, не ни пречи тоа. Напротив, ги очекуваме и внимателно ги броиме лајковите.
Од друга страна, секој од нас почувствувал голема нервоза и напнатост ако подолго време не го користи паметниот телефон, а некои доживуваат и напади на анксиозност и паника ако го загубат телефонот или им се расипе. Па, зарем ова не се знаци на зависност, и тоа од нешто без кое само до пред неколку години сосема добро се живееше. Несомнено, интернетот постави нов координатен систем на нашето однесување.
Но за да не паднеме во стапица и губење на сигурното тло под нозете, важно е да развиеме свест за тоа на кој начин постојаната промена на перспективата меѓу реалното и виртуелното влијае на нашиот идентитет, емоциите, однесувањето. Сѐ помала е границата меѓу интимното и јавното или, пак, во некои случаи таа полека се брише, поради тоа што нашите интереси и избор на виртуелна средина во која ќе бидеме влијаат и на нашата перцепција на стварноста.
А во нашиот сајбер-простор можеме да бидеме кој било или да направиме подобра слика за самите себе или, пак, да се криеме зад некој друг. Лагата и вистината се испреплетуваат, а со тоа и нашата објективност и критички став кон сѐ што ни се случува.
Сето ова ја наметнува потребата од една нова етика на социјалните мрежи, кои несомнено ќе продолжат да играат важна улога во нашите животи, било на приватните или на јавните профили.
Иако има и јавни повици за напуштање на социјалните мрежи, ретко кој ќе го направи тоа во целост, но едноставно мора да се намали барем бројот на часовите што дневно го минуваме онлајн. Не мора постојано да сме достапни, зашто тоа е првиот чекор да се заштитиме од зависноста од социјалните мрежи.
Затоа, треба секој да се потруди да си ги врати сопствениот живот и контролата врз него. Да им покажеме на младите дека тој тече и надвор од веб-реалноста и оти во него има: емоции, емпатија, доверба, дружење, соработка….Вистински чувства со кои се карактеризира едно реално човечко суштество.
Па, најпосле, зарем не зависи од сите нас каква ќе биде иднината на интернетот?