Работата на ниту еден политичар, вклучувајќи го и претседателот на државата, не е завршена со еден добро прочитан говор. Сите оние иницијативи и пораки, кои шефот на државата ги испрати од собраниската говорница, треба да ги продолжи и да ги истурка докрај. Со своето дејствување и на политичарите и на граѓаните да им се наметне како бескомпромисен оценувач па и коректор, ако има потреба, на сите појави во државата
Нема располoживи податоци каде лидерот на ДУИ Али Ахмети усовршил математика, дали во родното Зајас или во Швајцарија, каде што престојувал пред да се врaти во Македонија, но математиката очигледно му оди од рака. Бројките особено. Тие му се посебна специјалност. Прецизен е со бројките како швајцарски часовник. Благодарение на таа своја вештина успева секогаш да биде со власта. На претходните избори му успеа дури и 10-те освоени мандати на неговата партија да ги прикаже и валоризира дека „тежат повеќе“ од 100-те мандати на македонските партии. Да покаже дека без него нема влада, по што можеше да побара што ќе посака. И потоа тоа да му се исполни и во минатото и сега. Можеби затоа што математиката и школата на Ахмети другите не ја знаат. Сѐ тече, сѐ се менува само Али е константа.
Она што најново излезе од лабораторијата на Али е новата математичка формула за идна распределба на мандатите во македонското собрание. Досега невиден изум во современата демократија. Претпоставките се дека можеби уште следната година при номинацијата за Нобелова награда за математика во потесниот избор ќе се најде и овој негов изум. Па дури и да го засени славниот норвешки математичар Нилс Хенрик Абел, по кого всушност и е именувана Нобеловата награда за математика, позната како Абелова награда. По изумот на Али наградата може ќе се преименува во Алиева награда. Па добро, добога, што е изумот. Полека, внимателно, без брзање, математика е ова, не е шега. Таму и за една обична точка, запирка или децимала ќе добиете погрешен резултат.
Инаку, изумот на некогашниот командант на ОНА, сега актуелен политичар и во слободно време математичар, се темели на една константа и повеќе варијабили. Али пресметал дека бројот на пратенички мандати за Албанците треба да биде константа и да изнесува 30 пратеници. Кај другите помали малцински етнички заедници бројот на мандати ќе варира, па, така, за Турците определил 5, за Србите 2, за Ромите 3, за Власите и Бошњаците по 1 мандат итн. Лидерот на ДУИ најдарежлив во пресметките се покажал кон Македонците, како мнозински народ, на кои им одредил 77 пратенички мандати. Со ваквиот негов изум практично ѝ се дава сосема нова димензија и на математиката како наука. Па сега имаме и етничка математика, која ќе се занимава со анализа и проучување на етнички гарантирани пратенички мандати. Со ваквата распределба, практично се доведува во прашање и потребата од организирање избори и гласање, бидејќи бројките на пратенички мандати се однапред познати. Зошто да трошиме пари за скапи кампањи и избори попусто?! Сѐ е дадено во формулата на Али.
Нема потреба ниту од спроведување попис, зашто и процентот на малцинските заедници е пресликан преку квотата за мандати и тоа, замислете, во согласност со бројките од пописот од 2002 година. Но сега сме на прагот на 2020 година. Да не ситничариме, 2002 или 2020 година на Али исто му доаѓа. Па исти бројки се во прашање, само што последните две ги промениле местата, па 2002 сега се чита како 2020 и со тоа автоматски важат и бројките од пописот пред 18 години. Чудно и несфатливо, нели. Чудно е навистина, но тоа е затоа што не го бидува секого за математика. Тоа што ваквиот начин на одредување на мандатите се коси со демократските принципи и претставува директна девалвација и непочитување на волјата на гласачите за бившиот командант на УЧК, нема значење. Зошто неговата формула не се занимава со такви ефемерности, туку само и единствено со виша математика.
За лидерот на ДУИ, сосема се неважни и светските примери и искуства каде што малцинските заедници се застапени со по еден, двајца пратеници, колку да се чуе и нивното мислење, само во Македонија, гласот на малцинството е посилен од мнозинството. Математиката на Али функционира само врз принципот тој секогаш да е во добивка.
Со избори или без нив, сеедно. Но да го оставиме Али со неговите математички калкулации и политички халуцинации и да се зафатиме со сериозни теми.
Еден таков настан, кој несомнено остави белег на неделава што изминува, беше првото годишно обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски. И за разлика од Али, како некогашен командант на УЧК што брои мандати на слепо и пука со ќор-фишеци, актуелниот врховен командант распали со политички рафали, не штедејќи никого.
Секако и за Пендаровски имаше забелешки дека не излегол од чевлите на власта, или дека неговиот говор траел прекратко, како должината да е мерило за квалитет. На говорот се мисли. И да не заборавиме ниту Македонија е Куба, ниту Стево е Фидел Кастро, па сега треба да го руши неговиот рекорд за најдолг говор од близу 5 часа. Но нејсе. Надвор од политичко-партиските оцени и квалификации, претседателот Пендаровски во своето обраќање сепак имаше серија клучни поенти што треба да се истакнат.
Шефот на државата е сосема во право во констатациите дека поделбите меѓу граѓаните, и посебно меѓу Македонците, драматично се продлабочиле како и дека постигнатите договори со Бугарија и со Грција, не треба веќе да се гледаат низ диоптријата на обврски за нас, а права за нив. Барем досегашното искуство од практикување на овие договори покажа дека тие на Македонија не ѝ носат ништо друго освен обесправување, понижување, негирање или уценување. Тоа сигурно не може да биде добра државна стратегија за во иднина. Понатаму во однос на двојазичноста, иако претпазлив во реториката и со тенденција со никого да не се замери, претседателот укажа дека во ваква форма законот за употреба на албанскиот јазик е практично неприменлив во реалноста, што всушност го констатираше и Венецијанската комисија. Затоа, пак, Пендаровски беше математички прецизен кога ги дијагностицираше состојбите во правосудството нагласувајќи дека малкумина се убедени дека правдата пристигнала во Македонија и укажувајќи притоа дека судските процеси немаат завршетоци, нема никој од „крупните ѕверки“ зад решетки и само сиромашните одговараат. Колку вака јавно изречените зборови некого го болат е сосема неважно, но реалноста е токму таква.
Стево поентираше и со тезата околу иселувањето нагласувајќи дека тоа е најголема закана за безбедноста и иднината на државата. Вреди да се истакне и неговото ангажирање околу намалување на загадувањето на воздухот или иницирањето средба на навивачки групи за да се превенира насилството на спортските терени. Ова главно беа поентите што претседателот на државата и врховен командант ги кажа и неговиот ангажман околу тоа, секако, е за поздравување. Но за нотирање е и фактот дека во обраќањето одредени состојби, околности беа прескокнати, односно премолчени. И тоа не какви било состојби, туку такви што имаат допирни точки со надлежностите на шефот на државата. Се доби впечаток како претседателот да се држи само на апсолвирани и познати теми и на терен на кој може најмногу да поентира (притоа некои теми и не се во негова надлежност, како екологија или правосудство) вешто избегнувајќи други горливи прашања.
На пример, остана неспоменато укинувањето, трансформирањето, преименувањето или што и да е, на нашата најелитна армиска единица Волци, која на воен план е препознатлив белег за Македонија и има редица највисоки признанија низ светот. Волците беа споменати, но само низ призмата дека сега имаат мултиетнички состав, и ништо повеќе. Понатаму, шефот на државата говореше доста за евроинтеграциите, но не кажа ништо за (не)екипираноста, кадровските потенцијали на нашите дипломатско-конзуларни претставништва низ светот. Или уште поконкретно каков и колкав е нивниот ефект, нивниот надворешнодипломатски ангажман, контакти, остварени средби во насока на лобирање за добивање датум за преговори, пред и по фијаското и блокадата од Франција. Ова исто така е во неговиот делокруг на дејствување. Како искусен политичар со долг стаж, но и како поранешен претседател на ДИК, од Стево очекуваме да каже барем некој збор и за Изборниот законик и изборниот модел. Таму состојбата е катастрофална, а Изборниот законик досега е толку преправан и крепен што веќе нема место за нови закрпи.
Тоа не е во негов домен, но не се ниту навивачките групи, па сепак беа споменати во обраќањето. Немаше став ниту за јавно изнесените тврдења за постоење параполициски структури, кои се инфилтрирани внатре во безбедносните служби на државата. И безбедносниот сектор е во доменот на претседателот.
Шефот на државата, секако, не треба да се стеснува само на делокругот на своите надлежности, туку може да дејствува во многу поширок контекст за сите значајни прашања од интерес на граѓаните и државата.
И конечно, работата на ниту еден политичар, вклучувајќи го и претседателот на државата, не е завршена со еден добро прочитан говор. Сите оние иницијативи и пораки, кои ги испрати од собраниската говорница, треба да ги продолжи и да ги истурка докрај. Со своето дејствување и на политичарите и на граѓаните да им се наметне како бескомпромисен оценувач па и коректор, ако има потреба, на сите појави во државата. Во таа насока доколку навистина сака да се наметне како натпартиски претседател на сите граѓани, неподложен на какво било влијание на политички и бизнис-центри на моќ, веројатно во иднина, сите констатирани неправилности, пропусти, аномалии ќе треба и да ги адресира на вистинското место. Ако треба и да се ословува по име и презиме. Не одоколу па на ќоше, туку директно в лице и во чело. Без математики и политички калкулации.
И, се разбира, сето тоа само и единствено во насока на надминување на поделбите, заштита на јавниот интерес и благосостојба на државата и нејзините граѓани. Зашто новинарите, но и граѓаните паметат сѐ што е кажано. Уште повеќе тоа што е направено.