За сѐ да биде вака навидум лесно, клучно во оваа спортска приказна е зборот континуитет. Убаво звучи тоа што во почетокот на секоја година уживаме во натпреварите и во победите на Македонија, но до тоа се стигнува многу, многу тешко, за тоа се потребни многу време, идеи, стручност, голема визија… Ракометарите направија играњето на планетарните и на континенталните првенства да стане едно секојдневие, рутина, нешто за што веќе не станува збор дека нема да се случи. Но само во тој спорт знаат како е да се дојде до тоа без поголеми или без никакви проблеми и секоја година да се биде во центарот на вниманието на светската спортска јавност. Како една споредба, ваквата „леснотија“ во другите спортови ја имаат спортските гиганти (во фудбалот, на пример, Шпанија, Германија, Франција…). Во деновите на мундијалот, и на ракометарите, кои се, како и сите, луѓе од крв и месо, им треба и надворешна атмосфера на сплотеност, мир, им треба атмосфера што има една цел, нешто што тие внатре го имаат, меѓу себе, па затоа треба да се престане со сите одвлекувања на вниманието од спортскиот аспект, од ракометната уметност, која оваа генерација ја достигна. Ракометната постојаност, составена од еден прекрасен мозаик, мора да се чува како капка вода на дланка, за потоа и олимписките игри да станат навика
Како по добра стара навика, деновиве уживаме во нов настап на репрезентативците од спортот број еден во Македонија, ракометот, на големата сцена, овој пат на Светското првенство во Германија и во Данска. Црвено-жолтите, видно подмладени, се во група со европскиот првак Шпанија, потоа со Хрватска, Исланд, Јапонија и со Бахреин. Ракометарите направија играњето на планетарните и на континенталните првенства да стане едно секојдневие, рутина, нешто за што веќе не станува збор дека нема да се случи. Но само во тој спорт знаат како е да се дојде до тоа без поголеми или без никакви проблеми и секоја година да се биде во центарот на вниманието на светската спортска јавност. Како една споредба, ваквата „леснотија“ во другите спортови ја имаат соодветните спортски гиганти (во фудбалот, на пример, Шпанија, Германија, Франција…).
Очигледно, по двете кола и победите (синоќа се играше мечот од третото коло со Хрватска), ракометната репрезентација на Македонија сигурно чекори кон својата цел, за чие остварување е потребен квалитет, кој селекцијата го има, но и мир за работа и за концентрација, за нивните мисли да останат чисти, насочени само кон 60-те минути од следниот меч, нешто што засега го нема со разните бранувања надвор од теренот, кои немаат врска со спортот. Со денешните средства за комуникација сите вести брзо се шират, сѐ се дознава за миг. Во деновите на мундијалот, и на ракометарите, кои се, како и сите, луѓе од крв и месо, им треба и надворешна атмосфера на сплотеност, мир, им треба атмосфера што има една цел, нешто што тие внатре го имаат, меѓу себе, па затоа треба да се престане со сите одвлекувања на вниманието од спортскиот аспект, од ракометната уметност, која оваа генерација ја достигна.
А за да биде сето тоа така, работено е со децении. „Успехот не е инцидент. Тој е последица на напорна работа, упорност, учење, жртвување и, најмногу од сѐ, љубов кон тоа што работите или учите да го работите“, рекол Бразилецот Пеле, кралот на фудбалот. Мајсторот со „бубамарата“ со овие зборови прецизно ги опишува и статусот и тоа како е дојдено до тоа ракометот да е на вакво ниво во Македонија. Пеле едноставно објаснува, но наедно и истакнува, дека ништо не доаѓа само од себе, најмалку совршенството во спортската изведба.
За сѐ да биде вака навидум лесно, клучно во оваа спортска приказна е зборот континуитет (пред сѐ во работата, која потоа носи резултати и успеси, и тие во континуитет). Убаво звучи тоа што во почетокот на секоја година уживаме во натпреварите и во победите на Македонија, но до тоа се стигнува многу, многу тешко, за тоа треба многу време. (Не можете да скокате од мали на големи работи. Потребни се само време и трпеливост, вели Надја Команечи, гимнастичарска легенда.)
За македонските спортски вљубеници со право секогаш да очекуваат повеќе, во базата на овој спорт, оној најчесто невидлив дел на секој спорт, се наоѓаат клучните состојки – постојаност, стратегија, визија… Таму се работи деноноќно, „во три смени“, напорно, за да има од каде да се дополнува националниот тим, за тој, пак, да го одржи својот континуитет. Згора, како резултат на таквата посветеност, последниве години и младите репрезентации постигнуваат успеси во низа, меѓу нив и генерацијата што во 2017 година го освои шестото место на младинскиот Мундијал во Алжир (од нив во Минхен сега се петмина). Континуитетот се отсликува и во тоа што стасува една нова талентирана селекција (еден од нив е сега и на сениорското СП), која ќе се обиде да оствари висок пласман на кадетското Светско првенство годинава во Македонија. (Сонот на секого може да се оствари ако само се држи до него и работи напорно, Серена Вилијамс, најдобра тенисерка на денешницата.)
Одличната работа во базата, во која предничи еден клуб, создава и можност македонскиот ракомет да има и една друга, ретка привилегија – да напредува учејќи во натпревари со најдобрите. Во такви тешки мечеви се доаѓа до многу повеќе знаење, искуство, самодоверба… Токму тоа го прави ракометот и токму и тоа го прави успешен.
Селекторот Раул Гонзалес реши за Светското првенство значително да ја подмлади македонската репрезентација, со повеќе играчи што до неодамна беа јуниори, некои и кадети. На минатите неколку првенства, планетарни или европски, често за македонската селекција се зборуваше како за една од највозрасните. Секако, во спортот нема поделби според возраста, туку само најдобрите играат, но да се има младинско дополнување на составот, а сега и за драстично зголемување на конкуренцијата, е нешто што треба да биде голема сатисфакција за овој спорт, особено за клубовите, академиите, тренерите, федерацијата…, но и назнака што јасно кажува што го води овој спорт напред, што го држи на првото место и каде што треба да се вложуваат повеќе време, пари, труд, енергија…
Ракометот со години го потврдува своето реноме, веќе со години е меѓу најпопуларните во Македонија, најдобрите се секогаш во врвот или на самиот врв при изборите на најдобрите спортисти во 365-те дена. Успесите се нижат, но спортистите знаат дека во спортот не постои „вчера“, туку само „утре“. А првото „утре“ е олимпискиот град од 1972 година, Минхен, а потоа „задутре“ е уште еден олимписки град, Токио, во кој треба да се одржат Летните олимписки игри в година. Македонската ракометна репрезентација досега двапати остана на прагот на најголемиот спортски настан на планетата, но сега, симболично, тргнува од Олимписката сала во Минхен, во нов обид да стигне меѓу 12-те олимписки селекции.
Ракометната постојаност, составена од еден прекрасен мозаик, мора да се чува како капка вода на дланка, за потоа и олимписките игри да станат навика.