Попусто Грција не признава малцинства и малцински права, кога, еве, од далечната Австралија стигнуваат несоборливи докази и сведоштва за опстојувањетоm и непокорот на Македонците и покрај сите притисоци и асимилаторската политика на Грција
Деновиве преку страниците на нашиот весник јавноста имаше можност да ги слушне ставовите на нашинци што живеат и работат во Перт, крајбрежен град на западот на далечната Австралија. Нивните сведоштва треба длабоко да нѐ замислат и поттикнат за нашето опстојување и постоење како Македонци и нашата борба одново и одново да се бориме против сите негатори што нè притискаат од сите страни и сакаат да нè избришат.
– Ние тука во Австралија извојувавме голема победа како Македонци оти слободно можеме да се кажеме што сме, без разлика каде сме родени, дали во Грција, дали во Бугарија, или во некоја друга земја во која заминале нашите дедовци во потрага по корка леб. Повеќе не се плашиме. Треба и вие таму во татковината да престанете да се плашите и гласно секаде да кажете дека нас Македонците нè има секаде, колку сакаат нека негираат душманите – вели нашинецот со голема гордост во гласот. Неговите ставови ги делат сите Македонци раселени во светот.
Овој негов занес во прв момент некој можеби ќе го сфати како носталгичен крик по својата родна грутка, но ваквиот горд изблик и пораката „повеќе не се плашиме“ имаат многу поголема тежина од вообичаената печалбарска носталгија. Податоците од последниот австралиски попис покажале дека нешто над 2.000 луѓе родени во границите на денешна Грција се изјасниле дека по потекло се Македонци и дека го зборуваат македонскиот јазик.
Во моментов во Австралија се спроведува нов попис и очекувањата се дека овој пат податоците за оние што се чувствуваат како Македонци ќе биде многу поголем. Попусто Грција не признава малцинства и малцински права, кога, еве, од далечната Австралија стигнуваат несоборливи докази и сведоштва за опстојувањето и непокорот на Македонците и покрај сите притисоци и асимилаторската политика на Грција. Иако со години и децении нашите соседи, и Грција и Бугарија, негираат постоење на македонско малцинство во нивните држави, сѐ поголем број Македонци што потекнуваат од овие држави или се преселиле во белиот свет храбро и одважно се изјаснуваат како Македонци.
Додека нас тука дома ни ги негираат потеклото, јазикот, историјата, културата, а ние на тоа или молчиме или уште повеќе ја наведнуваме главата, некаде далеку, некоја друга земја што не е ниту Грција ниту Бугарија јасно кажа дека Македонци има и во Грција и во Бугарија, но и во целиот свет. За разлика од Австралија, ниту Атина ниту Софија не можат да прифатат постоење на своја територија на некој друг што не е Грк или Бугарин, задушувајќи секаква слобода некој да се декларира онака како што му е всадено во срцето.
И токму овој етноцид и газење врз правото на самоопределување што се случува на европска почва во 21 век, Европа премолчено го одобрува и уште бара во име на нејзиното консензуално одлучување Македонците да се откажат од она што се и да станат само граѓани на некоја студена северна држава што во иднина никој нема да ја препознава и чувствува како своја.
Најпрво Грција со ирационалниот спор за името речиси 30 години им го загорчуваше животот на македонските граѓани, преку разни ембарга и блокирањето на евроинтеграциите.
Сега истото тоа го прави токму Бугарија, која под синтагмата „братски народ“ за македонскиот подразбира само бугарски народ, без право на своја самоидентификација, свој јазик, своја историја. Според нивното толкување, сè е заедничко, односно бугарско.
Но одговорноста за ваквото асимилаторско однесување на соседите кон Македонија треба да се бара и во Европа. Зашто токму овој етноцид и газење врз правото на самоопределување на Македонците што се случува на европска почва во 21 век, Европа премолчено го одобрува и патем бара во име на нејзиното консензуално одлучување Македонците да се откажат и од името, историјата, културата, идентитетот…
Несомнено тоа што Грција и Бугарија го прават кон Македонија е тежок криминален чин, но Европската Унија криејќи се зад процедурата за консензус, не само што го толерира туку и самата активно прави тешко прекршување на универзалното право и поредок. Таа де јуре дозволи две нејзини членки директно да ги прекршат принципите врз кои почива самата Унија и за тоа да не сносат никакви последици, а притоа Европа да се амнестира себеси од одговорноста.
Сето ова нѐ навраќа на зборовите на нашинецот од Перт. Замислете една Европа, која важи за лулка на цивилизациите и демократијата, се обидува да истреби еден цел народ и да го претвори во безлични граѓани во сопствената матична држава, без право да се самоидентификуваат и нарекуваат Македонци, само за да не се налутат оние што не признаваат дека во нивната земја има малцинства што се поразлични од нив.
И додека Европа молчи, Австралија громогласно кажа: Да, во Грција и во Бугарија има луѓе што се чувствуваат како Македонци и зборуваат македонски јазик, и ако таму не смеат да кажат кои се, кај нас можат слободно да го направат тоа. Ова само потврдува дека Австралија е одраз на еден вистински демократски капацитет, наспроти европската лицемерна консензуална политика. По Австралија ќе се слушне и крикот од САД, Канада и секаде каде што демократијата и слободата за самоидентификување сè уште постојат. Тогаш ќе се види дека Македонците постојат, дека ги има насекаде, без оглед кој колку сака да ги негира и тој аргумент треба да се искористи. Мора да се најде начин наместо да се откажува од македонското малцинство во соседството, заедно со него и со тамошните власти да се бараат начини за многу поголема соработка и поголеми права за малцинствата во тие земји. Тоа воопшто не може да се смета како мешање во нечии внатрешни работи, туку е само показател дека Македонци постојат и во Грција и во Бугарија и секаде низ светот, а нивната матична држава Македонија не ги заборавила и не се откажала од нив.