Анализирајте ги прстените што ги носат некои македонски политичари. Тие се исти како прстенот на убиениот генерал од Иран, Сулејмани, оценува Тачи.
Многу сериозна изјава и тврдење за кој било во државата да остане рамнодушен. Особено сега, пред изборите и пред почетокот на изборната кампања
Спласна спортската еуфорија по неуспехот на Македонија за пласман во следната фаза на Европското првенство во ракомет. Сега со ладни глави треба да се анализираат причините за тоа што ни се случи. Истовремено, од ден на ден, расте политичката еуфорија во пресрет на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април. Патем, политиката и изборите се исто така една голема игра. И таму, како и во спортот, има страсни навивачи, кои заедно со играчите и со редица други придружни елементи ги креираат атмосферата и предизборниот амбиент. Ете, паднаа и првите инструкции како да се однесуваат функционерите во пресрет на изборите – да не седат по кафеани, да внимаваат некој да не ги слика итн. Зашто таквото однесување можело да ја загрози победата?! Автогол или наплив на искреност. Барем некој јавно признава дека седењето по кафеани е она што најдобро го знаат домашните политичари.
Интересно, навивачки пораки доаѓаат и од европските политичари, се разбира секој од различна гледна точка и различни интереси. Еврокомесарот Оливер Вархели ни порача дека навива Македонија уште во март да добие датум за преговори со ЕУ. Веројатно истото тоа ќе ви го кажат и другите политички чинители во државата. Сите навиваат за датум за Македонија. И добро е што навиваат, но веројатно во меѓувреме нешто треба и да се одработи. Зашто во политиката, како и во спортот, во следна фаза и на повисоко ниво, не се стигнува само со навивање. За такво нешто се потребни играчи, по можност од висока класа. Но наместо тоа, навивачи ни се појавуваат и онаму каде што обично не треба да ги има. Како во техничката влада, на пример. Се добива впечаток дека актуелни министри и заменици од власта и од опозицијата, кои се дел од техничката влада, многу повеќе навиваат и одработуваат за партијата отколку за државата. Тоа на моменти создава трагикомични, па дури и парадоксални ситуации.
Па, така, едни излегуваат со тези дека ја застапуваат Северна Македонија, додека други го избегнуваат префиксот Северна, па се добива впечаток како да се работи за министри и заменици во две одвоени влади, а не членови на една иста заедничка техничка влада. Во Владата, како извршна власт, се потребни извршители или, кажано со спортски жаргон, врвни играчи (читај политичари). Нивниот перформанс, знаење, квалитет, прагматичност, дипломатски вештини, морални и човечки вредности се од суштинско значење за напредокот на државата. И оваа констатација, генерално, важи и се однесува за сите сегменти во општеството.
И бидејќи за ракометот допрва ќе се анализира, ајде да видиме како стоиме со навивачите и играчите во политиката. Првите, веќе рековме, некаде повеќе некаде помалку но ги има, па дури и таму каде што не треба. Со вториве стоиме некако потенко. Тешко се наоѓаат политички играчи од висок калибар. Политичари што се подготвени во секој момент и во секакви околности да одиграат квалитетно и да знаат да поентираат во полза на државата. Нагласувам, да поентираат во полза на државата, не на партијата. Да не промашуваат зицери, како што, за жал, често ни се случува.
Еве и поконкретно, со практични примери. Што работиме да добиеме датум за преговори со ЕУ во март, или во мај, што, нели, е наш највисок приоритет?
Ништо посебно. Само чекаме, како и претходно. И потајно се надеваме и навиваме да се случи тоа. Поддржувачите однадвор, како Вархели на пример, да одработат за нас.
Во меѓувреме, на домашен терен продолжуваат секојдневните меѓусебни сопки и подметнувања. Тоа е како да гледате натпревар во кој освен фаули, прекини и судиски опомени, нема што друго да се види. Натпревар без игра, без идеја, без организација, без план. Во моментов, предизборието приближно така изгледа. Безидејно, празно, безлично, нефункционално во секој поглед.
Нема никакви сигнали дека се работи во насока на обезбедување на датумот за преговори, со исполнување на препораките што доаѓаат од Брисел.
Политичките партии се далеку од согласност во врска со носење на новиот закон за јавно обвинителство, иако времето до распуштање на Собранието немилосрдно тече.
Нема никакво поместување и во врска со потребата од донесување нов изборен законик и промена на изборниот модел, за поголема демократизација на изборниот процес и почитување на волјата на гласачите. Сите овие важни и неопходни одлуки се ставени под тепих. Само се седи и се чека со скрстени раце датумот. Тука пред сѐ мислам на датумот за преговори со ЕУ, иако многумина единствено мислат само на датумот за изборите.
И во едно вакво сивило од политичка монотонија и безличност, бууум „бомба“. Како гром од ведро небо одекнува една фрапантна изјава што фрла сосема поинаква димензија на политичките случувања и, секако, е повод за сериозна и длабока анализа. Имено, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, деновиве излезе со теза пред јавноста дека одредени политички партии од Македонија се финансираат со странски пари, покажувајќи со прст кон Турција и Иран.
Тачи е уште поконкретен, па вели: „Анализирајте ги прстените што ги носат некои македонски политичари. Тие се исти како прстенот на убиениот генерал од Иран, Сулејмани“, оценува Тачи.
Многу сериозна изјава и тврдење за кој било во државата да остане рамнодушен. Особено сега, пред изборите и пред почетокот на изборната кампања. По едно вакво тврдење, најмалку што се очекува е надлежните институции и органи по допрен глас да преземат конкретни мерки и активности и да ја проверат информацијата за влез на странски пари во политички цели.
Зашто, доколку е точно, излегува дека странски играчи ги влечат конците во Македонија и ги моделираат политичкиот дискурс и партиските агенди. Притоа, посочувањето само на Турција и на Иран веројатно не е исклучок, зашто во минатото и низ политичките кулоари се споменуваа и други држави (Албанија, Србија, Грција, Бугарија, Русија, САД), кои имаат свои интереси да влијаат на политичките случувања во Македонија. Дали од овие држави или од некоја друга влегле или влегуваат пари во домашната политика? Јавноста очекува одговори. Ќе посочам само дека во Грција беше отворена и истрага заради сомневањата за постоење на таен фонд преку кој се финансирале некои политички процеси во периодот на промена на уставното име на Македонија. Токму тоа беше и причината за ненадејната смена од функцијата на идејниот творец на Преспанскиот договорот, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Во таа насока, последната изјава на Тачи е темпирана бомба со огромна разорна моќ, која е неопходно итно да се демонтира и истражи.
Од суштинско значење за демократските процеси во државата е целосно да се истражи случајот за евентуалниот тек на парите однадвор, но и генерално за начинот на финансирање на политичките партии. Законските одредби се јасни. Во Македонија не е дозволено финансирање од странство на политичките субјекти.
Евентуална таква хушкачка деструктивна спрега на странски финансиери навлезени во домашната политика треба да се превенира и оневозможи. Или можеби политиката некои ја сфаќаат како спорт каде што со пари може да се купи кој било играч.
Но, сепак, постои една суштествена разлика. Во спортот странските играчи го носат дресот на македонските тимови и на тој начин ги бранат боите и на македонската држава.
Од друга страна, домашни политичари што се финансирани од странство одработуваат и штитат туѓи, надворешни интереси на штета на македонската држава и македонските граѓани.
Затоа алармот би требало да се вклучи веднаш.
За почеток да се протресат и прочешлаат сметките на политичките партии. По потреба, можна е проверка и на прстените. Да не ни се случи некое претпоставено сценарио како од филмскиот серијалот „Господар на прстените“, каде што мрачни сили се обидуваат да остварат доминација и превласт.