Тоа е она сценарио (или е остварување вистинска ролја) во кое за да се изјасни главниот лик или да постапи онака како што е предвидено, прво е заплашуван од лошиот полицаец, за потоа добриот да му понуди излез од ситуацијата. Тактиката може да се спроведува и обратно (прво добриот да нуди брегови, долини и европски фондови, па лошиот да „затегнува“), во зависност од реакцијата на главниот лик, кој всушност и не е толку главен
Доби ли Македонија датум за почеток на преговорите со Европската Унија? Доби ли Македонија покана за влез во НАТО? Доби ли Македонија решение за наметнатиот спор со Грција за името на својата држава?
Вакви прашања интензивно го исполнуваат секојдневието на македонските граѓани во последниве десетина дена, додека истовремено политичарите и политичките спин-мајстори се обидуваат да ги доведат до ниво на свеста дека ја имаат привилегијата да живеат во историско време на „храбри одлуки“ за откажување од минатото и сегашноста, во име на иднината. Притоа, како свој прилог (или жртва) за нашата среќна иднина ги нудат своите кариери… Но и покрај понудените „жртви“, конкретни аргументи и факти за одговор на историските прашања што им се наметнати на македонските граѓани, не доаѓаат. Всушност, секој одговор го подигнува нивото на претпазливост од стапицата што (можеби) се крие во него, како сценаријата со добар и лош полицаец. Тоа е она сценарио (или е остварување на вистинска ролја) во кое за да се изјасни главниот лик или да постапи онака како што е предвидено, прво е заплашуван од лошиот полицаец, за потоа добриот да му понуди излез од ситуацијата. Тактиката може да се спроведува и обратно (прво добриот да нуди брегови, долини и европски фондови, па лошиот да „затегнува“), во зависност од реакцијата на главниот лик, кој всушност и не е толку главен.
На македонскиот граѓанин, кому му е доделена „честа“ да носи историски одлуки, сепак и понатаму не му е јасно како да го доживее условениот датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни наредната година, кога ден претходно (пред заклучоците на Советот на министри на ЕУ) беше убедуван дека штом е потпишан договорот со Грција, веќе сме во ЕУ. Не му е јасно ни каде е Македонија на мапата на НАТО, додека премиерот Заев и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, насмеани покажуваат на празниот простор на таблата зад нив…
Дека Македонија е сместена во сценариото на „добар и лош полицаец“ сериозно наведува на сомневање и промената на улогата на Грција, во целата игра. Таков пресврт, од главен негативец во приказната на Македонија за нејзините аспирации за ЕУ и НАТО, кој ставаше вета и блокади на секое земање здив…, во прв поддржувач за добивање „виза“ во евроатлантските интеграции, е пренаивен дури и за сапунски серии. Некои можеби ќе речат дека пресвртот не се случува одеднаш, дека по 27 години покажување сила и апсурдна суета на сметка на Македонија, по Преспанскиот договор и прифаќањето на сите нејзините барања, Грција го завршила својот дел од договорот. Сега е време таа да биде добриот полицаец, а улогата на спроведувачи на дисциплина на ’рбетот ја преземаат поголемите играчи.
Во најновата (секако не и последна) епизода од сагата „Македонија на патот кон ЕУ и НАТО“ веќе други ги поставуваат условите. Условениот датум за почеток на преговорите, со речиси шифрираниот заклучок на формулацијата „Советот се согласи да одговори позитивно на прогресот и да направи пат кон отворање преговори во јуни 2019…“, укажува на ситуација дека согласноста за менување на името на државата со Преспанскиот договор и прифаќањето на сите уцени на Грција сепак не биле доволни и не биле единствениот услов. Сомнежи во реформските, всушност, во државотворните капацитети на владејачките гарнитури во Македонија овој пат искажале Франција, Холандија и Данска. Дури и поддршката на стариот кочничар за Македонија на патот кон ЕУ (на Грција), па и на Бугарија (со која исто така Македонија потпиша асиметричен договор за пријателство) не била доволна за да попушти скептицизмот на основачите на ЕУ во поглед на достојноста Македонија (и со сменето име) да добие шанса да влезе во нивниот клуб. На крајот, сепак е добиен некаков условено условен датум за почеток на преговорите. Односно, во толкување на Владата, Македонија веќе има добиено датум за почеток на преговорите, кој сепак може да пропадне ако не бидат спроведени бараните (неодредени) реформи во судството, безбедносниот систем, завршени одредени судски процеси… и повторно – Преспанскиот договор. Навистина Владата се однесува како да е веќе завршена работа спроведувањето на Преспанскиот договор, иако повикува на референдум…, а бараните реформи како да се придружни детали. Опозицијата и другите критичари на Преспанскиот договор, од друга страна, инсистираат дека условениот датум за почеток на преговорите значи – немање датум!
И порано официјални и неофицијални претставници на ЕУ, во стилот на добар и лош полицаец давале изјави за поддршка, па потоа на критика за политиките и реформските капацитети на Република Македонија, во кои секогаш поттекстот бил „решавање на спорот за името“. Она што сега ја збунува македонската јавност е зошто и по исполнување на клучниот услов – менување на името на државата (и сѐ што таквата одлука повлекува со себе), Македонија не е безусловно наградена со датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, како што беше убедувана од својата политичка елита. Се работи ли на ново сценарио (зашто претходното очигледно заврши без „хепиенд“ за конечно разнебитување на Македонија до територија без историја, на која ресурсите ќе и бидат користени без никакво одобрение и барање сметка? Одговорите набрзина се пишуваат од спин-мајсторите, додека сценаристите не добијат инструкции според некои нови геостратегии… А Македонија не знае како да им одговори ниту на добриот, ниту на лошиот полицаец – дали има датум за преговори со ЕУ, дали е влезена во НАТО и дали треба да се одѕива на уставното име… Сагата продолжува, а „полицајците“ на ЕУ ги менуваат улогите од добар во лош и обратно!