Во тој контекст уште позбунувачка е и дилемата што ја наметна и самиот Трамп, за тоа чии „синови“ всушност треба да ги бранат интересите на земјите-членки на Алијансата и да ја спроведуваат нејзината стратегија
Помалку од две седмици од последниот самит на НАТО во Брисел се чини најчесто поставувана дилема во светскaта и регионална стручна јавност е дали најмоќната воено-политичка алијанса во овие моменти ја преживува можеби најголемата криза од основањето. Светските медиуми по состанокот, кој мина турбулентно, напишаа дека има недоразбирања, но целосен раздор во Алијансата засега нема.
Сѐ почна кога генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на почетокот на самитот изјави дека не е напишано на камен дека трансатлантската врска ќе преживее засекогаш.
Генералниот секретар додаде и дека новите политики засега го имаат поделено НАТО и дека со заеднички сили членките ќе се обидат да најдат излез од моменталните несогласувања, велејќи дека на Европа и на Северна Америка им е потребна блискост како никогаш досега, притоа не потенцирајќи кога и на каков начин би се надминале ваквите недоразбирања.
Јазот во сојузот се продлабочи кога најпрво американскиот претседател Доналд Трамп директно ја критикуваше германската канцеларка Ангела Меркел, велеjќи дека нејзината земја е заложник на Русија, а потоа шефот на САД ги критикуваше и партнерите во НАТО поради премалите буџети за одбрана. Трамп дури и најави можно повлекување на Америка од сојузот доколку до почетокот на јануари 2019 година не се зголемат буџетите за одбрана на сојузниците.
За жал, турбуленциите во Алијансата, во која Македонија повеќе декади напорно работи да стане нејзин член, не завршија со завршетокот на самитот. Тие продолжија да се разгоруваат со секоја наредна изјава на претседателот Трамп, кој раководи со најмоќната армија на светот, која на крајот од денот го има одлучувачкиот збор за дејствувањето на НАТО.
Најмоќниот воено-политички сојуз, кој на светската сцена е активен од 1949 година, во овие моменти ја минува можеби најголемата криза од основањето, а сето се должи на заладените релации меѓу европските и северноамериканските сојузници
Принципите на солидарност и заемна безбедносна поврзаност беа сериозно нарушени неколку дена по самитот, кога Трамп во интервју за американската телевизија Фокс њуз ја означи Црна Гора како „многу мала земја“, чии жители се „многу агресивни“, доведувајќи го во прашање и принципот на заемна одбрана во рамките на НАТО.
Тој запраша зошто САД воопшто би ја бранеле Црна Гора, која беше примена во НАТО минатата година, во случај да биде нападната.
– Да кажеме дека Црна Гора, која му се придружи на НАТО минатата година, е нападната. Зошто мојот син би одел во Црна Гора за да ги брани – го запраша Трамп новинарот на Фокс њуз, Такер Карлсон.
Во меѓувреме, за волја на вистината, овие однесувања на Трамп не се широко прифатени во САД, а американскиот претседател е константно критикуван за своите дипломатски чекори.
Ексамериканскиот амбасадор во НАТО, Никола Бернс, оцени дека Трамп со таквата изјава отворил сомневање дека САД под неговиот мандат би можеле да одбијат да им помогнат на сојузниците. Берс овие политики ги окарактеризира како подарок за Путин. Остри реакции пристигнаа и од републиканскиот сенатор Џон Мекејн, кој напоменал дека напаѓајќи ја Црна Гора и доведувајќи ги во прашање обврските во НАТО, претседателот всушност наседнал на играта на Путин.
Во светло на овие настани, светските медиуми пишуваат дека европските сојузници стравуваат дека Трамп би можел да ги продлабочи поделбите меѓу САД и ЕУ и особено да испровоцира поделби во рамките на самата Европска Унија. Тоа се темели на фактот дека американскиот претседател на почетокот од јули ја обвини ЕУ дека не се однесува подобро од Кина во трговијата и оти со своите трговски методи на САД им нанесуваат исто толкави штети.
Меѓу другото, во европските медиуми се споменува и можноста дека Трамп како отстапка кон Русија, по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки, би можел да ја откаже воената вежба на НАТО под наслов „Тридент џанкчер 2018“, која е најавена како најголемата вежба на воениот блок од крајот на Студената војна. Според најавите, оваа вежба би требало да се одржи во Норвешка во октомври, но властите на ЕУ во Брисел стравуваат дека Трамп слично на однесувањето на самитот во Брисел би можел да ја откаже под изговорот дека Русија овие маневри би можела да ги сфати како закана, како што и редовно Москва тоа го прави по повод речиси перманентните воени вежби на нејзините граници, почнувајќи од 2014 година, со почетокот на украинската криза. Исто така, Трамп дополнително би можел да го оправда ова евентуално повлекување со тоа дека сето претставува голем трошок за американските даночни обврзници бидејќи европските сојузници не ги зголемуваат одбранбените буџети. На крајот од денот, сумирајќи ги сите овие последни безбедносно-политички случувања, тешко е да се прогнозира на кој начин НАТО, кое е основано во 1949 година, ќе излезе од оваа каша на заладени американско-европски политичко-економско-безбедносни односи и релации.
Во тој контекст уште позбунувачка е и дилемата што ја наметна и самиот Трамп, за тоа чии „синови“ всушност треба да ги бранат интересите на земјите-членки на Алијансата и да ја спроведуваат нејзината стратегија. Членките на НАТО, но и земјите-кандидатки, меѓу кои е и Македонија, со години наназад што испраќаат свои војници и свој персонал низ кризните жаришта низ светот. И тие се нечии синови и ќерки, на кои најважна им е заедничката кауза за солидарност и единство на НАТО.
Ако претседателот на најмоќната држава во светот преку примерот со Црна Гора ја поставува дилемата за тоа кои земји треба да бидат одбранети при евентуална воена опасност и кој сѐ влегува под безбедносниот чадор на Алијансата, тогаш се доведуваат во прашање целта и функционирањето на воениот сојуз, како и еднаквоста и единството меѓу неговите членки и кандидати за членство.