Спортот во моментов се одвива како што веројатно ќе се одвива и во блиска иднина, меѓу другото и со натпревари без или со малку публика, со посебни протоколи за секој спорт одделно, со технологија што уште повеќе навлегува во натпреварувањата… Како што минува времето, светот учи за ковид-19, се избира поинаква тактика откако се дознава повеќе за овој противник. Ситуацијата со коронавирусот беше и остана непредвидлива, со тоа и сите аспекти на одвивањето и на спортот. Во овој период, откако во март новиот коронавирус, очекувано, го најде својот пат и до спортските сали и стадиони, светот научи доста, но уште остануваат предизвиците за нормално функционирање
Новата фудбалска сезона во Европа веќе фаќа залет, како и во повеќе други спортови, но со еднаква неизвесност како пред продолжението на минатата. Пандемијата на коронавирусот не заврши со завршувањето на претходната сезона, па играњето во нови услови, на теренот и надвор од него, остануваат во фокусот.
Сега и со некои нови прашања што ќе се одговараат патем, до крајот на сезоната, која во фудбалот, на пример, би требало да кулминира со одложените големи континентални натпреварувања, како што се Европско првенство, кое треба да се игра во 24 земји, и Копа Америка, во Аргентина и во Колумбија, а во спортот вкупно со најголемиот спортски настан во светот, Летните олимписки игри во Токио (Јапонија). Коронавирусот донесе т.н. ново нормално во сите сегменти. Во спортот тоа се отсликува и со посебни протоколи за тренинг, за патување, за натпреварување, но и со натпревари без публика или со значително намален број гледачи во однос на капацитетот на стадионите и на салите, нешто што се најавува дека ќе остане и во добар дел од сезоната што почна, не само во фудбалот.Довршувањето на минатите сезони беше приоритет за многу натпреварувања, пред сите на домашните првенства, но истото тоа важеше и за, на пример, Европската фудбалска унија, за меѓународните натпревари во нејзина организација, клупски и мечеви на репрезентациите, секако и за европските федерации во други спортови, како ракометот, кошарката, потоа за НБА-лигата итн. Откако неколкунеделниот финиш на сезоните во фудбал во своевиден безбедносен меур се одигра успешно според долго подготвуваните протоколи (од другите, кошаркарската НБА-лига е стигната до финалето, допрва следуваат завршните турнири од минатите сезони во ракометната и во кошаркарската Лига на шампионите на пример итн.), сега во најпопуларниот спорт на светот во тек е нова сезона. Но таа е временски „залепена“ на претходната и со поинаква поставеност на нештата.
Фудбалот, секако и други спортови, се соочува сега и со календарски набиена сезона, поголемо оптоварување на спортистите, со многу кратка пауза по минатата сезона, која почна во мај-јуни годинава, а новата треба да заврши во јуни-јули в година, со голем број натпревари во краток период. На тој пат ќе стојат и многу технички и организациски предизвици како последица на одвивањето на спортот за време на пандемија, како што се ограничувањата за патувања, потоа организација на натпреварите и на натпреварувањата…
Долго време спортот беше во втор план, оти во прв план беше планетарниот проблем – здравјето на луѓето и борбата против коронавирусот. И сега приоритетот е ист.
Ситуацијата со коронавирусот беше и остана непредвидлива, со тоа и сите аспекти на одвивањето и на спортот. Како што минува времето, светот учи за ковид-19, се избира поинаква тактика откако се дознава повеќе за овој противник.
Па, така, со фудбалски речник кажано, во почетокот светот на спортот беше принуден да игра бункер, му го отстапи поголемиот дел од теренот на коронавирусот, но сега работите се сменија, со повеќе сознанија за подготовка на одбраната и на контранападот. Сега се игра секаде, на места се враќа и публиката, како знак дека претстои и враќање во претходната нормала.
Спортот во моментов се одвива како што веројатно ќе се одвива и во блиска иднина, меѓу другото и со натпревари без или со малку публика, со посебни протоколи за секој спорт одделно, со технологија што уште повеќе навлегува во натпреварувањата (од помош при тренинзи до мечеви, а на пример тенисот одигра турнири само со системот т.н. око соколово). Спортот активно учествува во враќањето на работите како пред појавата на ковид-19, а многумина од спортскиот свет во меѓувреме се најдоа и на првите линии на солидарноста. Во овој период, откако во март новиот коронавирус, очекувано, го најде својот пат и до спортските сали, стадиони, базени…, светот научи многу, но уште остануваат предизвиците за нормално функционирање. Сепак, во моментов е најважно тоа што спортот се „враќа на работа“. Влијанието на пандемијата врз многу сегменти во светот повлече и финансиски импликации и за спортистите, клубовите и за спортските федерации, а сето тоа, пак, е посебен предизвик со кој се справуваат и глобалните спортски федерации.