Денот на Европа се одбележува насекаде во Унијата, па и кај нас, но годинава тој поминува во знакот на предизвиците пред кои, всушност, е исправена Европа како никогаш досега. Кој пат ќе се фати и во која насока ќе се движи? Секако, сите овие процеси во и околу ЕУ имаат одраз и врз нашата земја, која наскоро очекува датум за преговори од Унијата и која се стреми за влез во европското семејство
Деветти мај отсекогаш се славеше како Ден на победата над фашизмот и тој ден му припаѓа на целокупното слободољубиво човештво. Почнувајќи од 1950 година, земјите-лидери на Европската Унија одлучија 9 мај, да се слави како Ден на Шумановата декларација, односно како Ден на Европа. Деновиве, деветти мај, 69-годишнината од започнувањето на иницијативата за создавање на денешната ЕУ, се одбележува насекаде во Унијата, па и кај нас кога, всушност, таа иста Европа е исправена пред најголемите нејзини предизвици како никогаш досега и кога таа се наоѓа на можеби најфреквентната раскрсница од своето дејствување и основање. Кој пат да се фати и во која насока ќе се движи?
Ова е заклучокот на мноштвото светски медиуми, но и политички аналитичари што изминатиов период активно ги следат случувањата внатре во ЕУ.
Според многумина, одбројувањето за најважните избори во историјата на Унијата, кои треба да се одржат некаде на крајот од месецов, веќе е започнато, а исходот од нив ќе го отслика новиот сооднос на силите на политичките формации преку кои потоа и практично ќе се одредат идните визии врз кои ќе дејствува и ќе функционира оваа иста Европската Унија. Ако воопшто остане иста по евроизборите.
Дополнително, изјавите на европските челници, меѓу кои и на францускиот претседател Емануел Макрон, потврдуваат дека на Унијата, по изборите, неопходни ѝ се внатрешни реформи за нејзино нормално натамошно функционирање, па потоа какво било проширување кон кое ние целиме. Па оттука се поставува и дилемата дали 9 Мај, Денот на Европа, е за славење или можеби повод за размислување каква Европа сакаме во иднина.
Но пред да се прослави, главното прашање во овој момент и на овие претстојни историски избори во Европскиот парламент колку тие ќе бидат со „егзистенцијални“ карактеристики. Впечаток е дека во изминатите години ЕУ изгуби голем дел од контактот со своите основни вредности, на кои се темелеше и беше формирана.
Паралелно со овој процес за кој се бара реформи постојано од високите европски челници, каде и да се погледне на денешната политичка карта на Европа, може да се забележи тренд што покажува дека т.н. антиестаблишмент-движења, кои своето политичко дејствување го темелат врз популизмот и кои истовремено се скептични за процесот за проширувањето на Унијата. Во исто време во ЕУ се во пораст десничарски сили поради кои застапуваат поинакви погледи за иднината на сојузот. Секако сите овие процеси во и околу ЕУ имаат одраз и врз нашата земја, која наскоро очекува датум за преговори од Унијата и која се стреми за влез во европското семејство.
Од друга страна, постојаното продолжување на процедурата за зачленување е уште еден показател за тоа отсуство на волја од страна на ЕУ и дека ѝ е потребен итен реформски процес внатре во сојузот за средување на политиките по кои таа сака да врви во иднина.
И додека политичките партии во ЕУ се подготвуваат за својата битка, да обезбедат моќ за смена на политиките на Европската Унија во претстојните евроизбори, вредно е да се спомене и да се забележи и фактот дека во 2019 година треба да бидат обновени и реформирани уште неколку клучни позиции на европските институции, меѓу кои местото претседател на Европската комисија, на кое во моментов е Жан-Клод Јункер од Луксембург. Натаму, наскоро му завршува и мандатот на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој во последната изјава на оваа тема истакна дека сака својот мандат да го заврши со отворање на преговорите на ЕУ со Македонија и со Албанија. Во ноември годинава исто така завршува и мандатот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој домашната јавност го памети по силната поддршка за земјава, но и за спогодбата со Грција преку која постојано говореше дека со тоа и се отвора патот на земјава кон ЕУ.
Сепак, сево ова гледано од македонски агол што се случува во Европа додека во јуни ние го чекаме датумот за преговори, треба внимателно да се следи поради неколку причини. Најважна е првата, односно онаа политичката димензија на настаните, која зависи од идниот сооднос на силите на парламентот по изборите во Унијата и од кој директно и индиректно ќе зависи и иднината на нашите преговори за членство со ЕУ. Логично, сето тоа ќе влијае и врз поддршката на Европа за тоа кога и дали воопшто Македонија ќе ги започне преговорите за членство со ЕУ. Втората важна причина на случувањата, која не зависи од другите туку од нас самите, има економска заднина. Општ познат факт е дека да се стигне до пред портите на ЕУ треба прво да се средат состојбите дома, но и да се подигне економијата на повисоко ниво. Тоа, секако, не може да се постигне веднаш ниту за една, две или три години. Но она што е неопходно е процесот да почне веднаш. Да не губиме повеќе време во празни полемики туку веднаш да се зафатиме со мерки за раст на економијата и повисок животен стандард.
Дали во одредена земја-членка на ЕУ обичниот народ добро живее или не, не зависи од членувањето во ЕУ, туку од напорите за подигање на економијата, растот на БДП. Нашето долго чекање на датумот најверојатно веќе ни го избледи фактот зошто тој практично ни е важен и зошто додека го чекаме датумот ние самите требаше да ги засукаме ракавите и да сработиме за да ја издигнеме земјата на европско ниво по сите стандарди и мерила.
Во меѓувреме, додека го чекавме датумот можевме барем да го искористиме и времето за да сфатиме дека никој однадвор не може да ни ја среди државата и никој од Брисел не може, наместо самите ние, да ни ја европеизира и реформира Македонија.