Културата и уметноста си имаат свој тек, но многу често ги прават зависни и од политиката, и од финансиската моќ на локалните и на државните власти, и од донаторите… Но сепак, многу е важно вербата во нив да не ја загубат младите луѓе. А такви искушенија кај нас има на претек, колку ти душа сака!
Навистина малку е потребно за на површина во Македонија да испливаат многу работи, за одново да се соочиме со фактот дека промените во општествово бавно се случуваат, дури би рекле и ептен бавно се случуваат!
Неделата што измина беше недела на радост за уметниците, кои по еден месец работа ја завршија мозаик-инсталацијата на надворешниот ѕид на Природонаучниот музеј во Скопје, во должина од 32 квадратни метри. Задоволни беа и од здружението „Добредојде, Македонија велкам центар“, кое го реализира проектот „Мозаик-инсталација како култура и современо живеење“, во чии рамки, освен во мозаикот во Скопје, беа реализирани и мозаици во Виница и во Кавадарци, со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.
Вкупната нова мозаична површина во трите града изнесува 90 квадратни метри и со тоа беше реализирана поставената цел, мозаикот беше промовиран како уметност и како занает, врз основите на мозаик-традициите што ги има земјава во наследство, како и врз основа на модерните текови во ова поле.
Јавноста и овој пат беше потсетена дека земјава изобилува со мозаици од времето на античкиот период, но и дека, за жал, современиот мозаик во денешно време е многу малку застапен. Не изненади фактот дека на упатениот повик се одзваа граѓани, студенти, деца, случајни минувачи, странци и заедно со локалните уметници, со мозаичарите, дадоа свој придонес во создавањето на уметничките дела.
Организаторите ги привлекоа младите да ја продолжат оваа културна традиција во современи услови и во согласност со современите еколошки тенденции, мозаиците беа изработени од рециклиран материјал. Ги поттикнаа принципите на „зелената култура“, со цел, како што и потенцираа, и културата да работи во правец на заштита на животната средина. Ова се навистина мноштво мали моменти вредни за паметење во големата слика на намалениот број на културно-уметнички проекти и случувања во кризново време, но кај нас, и таквите моменти, за жал, ретко поминуваат без непријатното соочување со третманот на уметноста, особено во јавен простор.
Најголемиот проблем на уметниците што работеа на мозаикот во Скопје им беше некултурата на дел од граѓаните, кои секојдневно фрлале секакви отпадоци до него, а „Комунална хигиена“ не ги чистела, па морале и самите да чистат. Младите автори упатија апел до ова јавно претпријатие, до Град Скопје и до граѓаните да ја почитуваат нивната работа, укажувајќи дека „отпадоците фрлени на земја, а не во канти, се дел од некултурата и немањето почит кон уметниците и монументалната уметност!“.
И тоа сега, во оваа 2021 година, и тоа во главниот град на државава, кој претендира да стане иден европски град на културата! Овој револт на младите уметници воопшто не е мала работа. Тие се соочија на самото место со третманот што го добија од страна на надлежните додека работеа и со третманот што го доби уметничкото дело додека се создаваше, а нивното дело сепак треба да биде трајно, нели? Како и древните мозаици во Стоби, Хераклеја, Скупи, Плаошник, како и мозаиците создадени од современите автори што се среќаваат во различни објекти во земјава, но и на јавен простор.
Но којзнае дали и нивните автори, пред да почнат да ги редат малите камчиња и да ги создаваат чудесните дела со различни претстави, требало најпрвин да го исчистат ѓубрето што некој претходно таму го фрлил, а тој што бил платен да го исчисти не го сторил тоа! Илјадници години се поминати од времето кога се создавале древните мозаици, државите и властите се менувале, едни луѓе умирале, а се раѓале нови, но мозаиците останувале. Не само кај нас туку и во голем дел од светот. Се разбира, додека не ги уништи некоја природна непогода (земјотрес, поплава и сл.), но и самиот човек со своите дејства, најчесто воени, но и градежни, бришејќи ги како непотребни таквите остатоци од минатото.
Сведоци сме, сепак, колку големо внимание во јавноста сѐ уште привлекуваат археолошките откритија, откритијата и на мозаици, но исто така и нивната заштита.
Културата и уметноста си имаат свој тек, но зависат многу често и од политиката, од финансиската моќ на локалните и на државните власти, од донаторите, но сепак, многу е важно вербата во нив да не ја загубат младите луѓе. А такви искушенија кај нас има на претек, колку ти душа сака!
На пример, на почетокот на месецов во Тетово, при реконструкција на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, беше премачкана фреската „Образование“, модернистичко-кубистичко дело на познатиот македонски сликар Павле Кузмановски, од 1966 година. Ѕидот останал бел, фреската била претходно оштетена од вода од олуците, а како што изјавиле надлежните од училиштето, била премачкана затоа што не била прогласена за национално дело! Ја снемало, и тоа во гимназија каде што младите луѓе, меѓу другото, треба да стекнуваат и сознанија зошто се важни уметничките дела и зошто треба да се заштитуваат.
Сѐ уште кога се зборува за односот кон уметноста во Македонија се споменува и уништувањето на муралот „Еп за слободата“ на уметникот Борко Лазески, во пожарот во „Македонска пошта“ во 2013 година. Истата година, Друштвото на ликовните уметници на Македонија побара обнова на овој мурал, но којзнае кога и дали воопшто ќе може да го видиме повторно во јавен простор.
Ваквите податоци од реалноста во нашата држава не може, а да не им влијаат на младите уметници, кои на својот творечки пат најмалку со што треба да се занимаваат е дали „Комунална хигиена“ го исчистила ѓубрето пред делото на кое дента работат. Надлежните, барем тоа, можат да им го обезбедат!