Постојаност

Така, без разлика на тоа дали има некаков ВАР во некој спорт, дали е во оптек некое ново правило и воопшто има ли некакви промени, некои работи нема да се изменат – потребата за приспособување на условите и следењето на главниот концепт, производството на спортисти. Продукцијата е главната определба, а во Македонија најочигледен е примерот од ракометот, каде што репрезентацијата одржува високо ниво и постојаност, со постојаниот прилив на нови квалитетни играчи

Со првата сезона на „технолошкиот фудбал“ на меѓународно ниво, почната со примената на Светското првенство и потоа во вториот дел од Лигата на шампионите, најпопуларниот спорт на светот е подготвен за нов скок, за нови измени, кои треба да резултираат со повеќе игра, возбуда, неизвесност… По успехот на Светското првенство во 2018 година, системот видеопомошник-судија (ВАР) беше прифатен и користен од Европската фудбалска унија во нокаут-фазата на Лигата на шампионите (наскоро и во Лига Европа) и од повеќе земји, секако во сите пет најсилни (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија, а од другите Хрватска, на пример, е на чекор до воведување на овој систем од следната сезона).

Системот, кој во почетокот настапи во стилот тргни-застани сега е нешто што речиси сите го одобруваат, а многумина го бараат и таму каде што засега го нема (во квалификациските мечеви на репрезентациите, на пример). ВАР за кратко време помина пат од „нема да успее, ќе се загуби суштината на фудбалот“, до романтичното „како ли ќе изгледаше Лигата на шампионите ако сезонава немаше ВАР“. И сите одлично се приспособија.

Сега, откако ВАР набрзина се одомаќини (некои го нарекуваат најбрзата револуција во спортот), Светската фудбалска федерација и Европската фудбалска унија продолжија со измени, сега со воведување нови правила, кои од летово ќе почнат да се применуваат. Меѓу новитетите се правила за забрзување на играта, за намалување на можностите за задржување време… Тајната на популарноста на фудбалот е, секако, во убавата игра, неизвесноста на мечевите, но веројатно и во постојаното менување „нијанси“ за големата слика да биде поубава.

Фудбалот веќе има 155 години (ако како роденден го сметаме формирањето на првиот фудбалски сојуз, тој на Англија). Низ децениите играта со бубамарата постојано се приспособуваше на околностите и на барањата за промени, како што беше дозволувањето професионализација во 1885 година, формирањето светско управувачко тело за подобро функционирање во 1904 година, влегувањето во олимпиското семејство во 1908 година за планетарно натпреварување на репрезентациите, организацијата на сопствено светско првенство во 1930 година, разните промени на прописи, нови натпреварувања, слобода за движење на фудбалерите помеѓу клубовите, претворањето на фудбалот во вистинска и доходна индустрија, со стотици милиони вработени и неколку милијарди следбеници.

Фудбалот покажува постојано приспособување и држење чекор со модерните текови. Најочигледен пример за тоа е технологијата видеопомошник-судија, која во почетокот донесе многу негодување, но, на пример, веќе драстично ги намали боречките зафати во 16-ниците и сега во тие ситуации има само вистинска фудбалска воздушна битка. Тоа, секако, е само еден мал сегмент од играта, иако слично е и во другите, на секој дел од теренот каде што е присутен ВАР, но така, фудбалот, сниман од сите страни, се приспособи и стана најмалку барем пофер.

Но, тоа се само технолошките аспекти. Остануваат аналитичноста и тактичката зрелост, мотивацијата и самодовербата, како и издржливоста на притисок, како некои од факторите што стручњаците ги наведуваат како важни за успех во секој спорт, покрај физичките предиспозиции. За тоа дали ќе се освои трофеј или ќе се направи голем исчекор во кариерата се важни и дисциплината, концентрацијата, можноста за приспособување, начинот на справување со какви било пречки, комуникацијата, планирањето, поставувањето цели, особено високи. Ова накратко, концентрирано, е рецептот за успех. Секако, дополнет со многу работа, откажување и посветеност, многу години во низа.

Така, без разлика на тоа дали има некаков ВАР во некој спорт, дали е во оптек некое ново правило и воопшто има ли некакви промени, некои работи нема да се изменат – потребата за приспособување на условите и следењето на главниот концепт, производството на спортисти. Продукцијата е главната определба, а во Македонија најочигледен е примерот од ракометот, каде што репрезентацијата одржува високо ниво и постојаност (од 2012 година е учесник на осум првенства во низа, европски и светски, како и на во тој период двата квалификациски турнири за пласман на летни олимписки игри), со постојаниот прилив на нови квалитетни играчи.
[email protected]