Острата и недипломатска реторика што ја користеше српскиот министер за одбрана не може да се каже дека беше дадена во духот на добрососедските односи меѓу Македонија и Србија. Се чини дека српскиот државен врв стана премногу чувствителен за прашањето за Косово, за да се однесува така и со омаловажување кон македонскиот јазик. Уште поголема провокација беше искажана од министерката за надворешни работи на Бугарија, која без и малку пристојност, влезе во бесмислени лингвистички „објаснувања“ за нешто што веќе на сите им е јасно – дека македонскиот јазик е посебен јазик од бугарскиот
Балканот, по поминувањето на епидемиолошкиот пик со коронавирусот, брзо се враќа во „нормалата“. Но тоа не е онаа вообичаена слика за сите земји во кои граѓаните без посебни проблеми ги извршуваат своите животни и работни обврски. „Враќањето во нормалата“, репликата што деновиве може да се слушне од сите политичари, за нашето балканско поимање на реалноста, има поинаква смисла. И навистина животот во балканските земји, по спласнувањето на здравствената криза, го добива својот вообичаен тек. Во услови кога многу граѓани на овие балкански простори се соочуваат со економска неизвесност, тие брзо станаа политички освестени личности и се вратија на старите спомени од минатото, полно со негирање други народи и омраза кон идеолошки различните од нив. Неделава што измина беше полна со настани во земјите од Западен Балкан, кои долги години сме навикнати да ги гледаме и секогаш се враќаат како сезонско овошје со горчлив националистички вкус.
Сараево, градот што во последната балканска војна со месеци беше под опсада, во саботата повторно беше место на соочување на фашизмот и антифашизмот. Мисата за жртвите од Блајбург, која беше повод за собирањето на приврзаниците на двете страни, покажа дека идеолошките разлики што се влечат од минатото не се намалени, и покрај епидемијата на коронавирусот од кој еднакво страдаа(т) луѓето од различните нации и вери. Кои се мотивите за организирање еден ваков верско-националистички собир во мултиетничкото Сараево им е познато само на луѓето од невладиното здружение регистрирано во Австрија. Австриските власти годинава го забранија собирот на Блајбуршкото Поле, но зачудува изборот тоа да се направи во престолнината во Босна и Херцеговина, од каде што почна и крвавата војна по распадот на Југославија. Загрижува и тоа што како покровител на црковната миса беше хрватскиот парламент, на која присуствуваа и хрватскиот амбасадор и претседателот на Федерацијата на БиХ!
Од посткоронскиот вирус на национализмот деновиве беше зафатен и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој објави карта од времето на австроунгарската монархија. Овој потег на Орбан не беше искритикуван од соседните земји Хрватска, Србија и Словенија, што се должи на блиските релации на тамошните лидери со унгарскиот премиер. Но затоа српските медиуми со денови го осудуваа потегот на националната телевизија на РТЦГ, која пуштила спот на хрватскиот пејач Томсон, кој е познат по изведувањето песни што за српската страна се сметаат за провокација. Во Црна Гора последните денови се интензивира спорот меѓу Српската православна црква и Владата за Законот за сопственоста на црковниот имот. Но во заднината на овој црковен спор стојат идентитетски прашања, што уште повеќе ги зголемува меѓунационалните тензии.
Во услови кога многу граѓани на овие балкански простори се соочуваат со економска неизвесност, тие брзо станаа политички освестени личности и се вратија на старите спомени од минатото, полно со негирање други народи и омраза кон идеолошки различните од нив
Ни Македонија не беше исклучена од новиот бран ситни меѓудржавни пецкања на национална основа. Ако се исклучи ненамерниот и несмасен гаф на „Македонска пошта“, со издавањето поштенска марка со границите на НДХ, острата и недипломатска реторика што ја користеше српскиот министер за одбрана Александар Вулин не може да се каже дека беше дадена во духот на добрососедските односи меѓу Македонија и Србија. Се чини дека српскиот државен врв стана премногу чувствителен за прашањето за Косово, за да се однесува со омаловажување кон македонскиот јазик и кон претседателот Стево Пендаровски, кој го изнесе принципиелниот државен став за „неменување на границите на Балканот“. Уште поголема провокација беше искажана од министерката за надворешни работи на Бугарија, која без и малку пристојност влезе во бесмислени лингвистички „објаснувања“ за нешто што веќе на сите им е јасно – дека македонскиот јазик е посебен јазик од бугарскиот.
Неколкумесечната самоизолација на државите од Балканот не беше ефикасна за спречување на националистичкиот вирус што се шири од одредени политички кругови. Станува јасно дека на сцена е промовирањето на т.н. „транссуверен национализам“, кој се користи повеќе за домашна употреба, но потребно е на ваквите настапи да се реагира навремено и да се отстранат сите историски помисли за остварување нечии територијални претензии или изјави што значат отвореното негирање и омаловажување на идентитетот на некој народ. Затоа е важно сите национални лидери да се воздржуваат од популистички изјави пред секои избори и да не ја политизираат јавноста. Во обидот на релативизирање и ревизија на минатото, се продлабочуваат поделбите во регионот, а иднината на Балканот ја прават уште понеизвесна.