И нецелосно разоткриениот португалскиот предлог за надминување на разликите во актуализираниот идентитетски спор меѓу Македонија и Бугарија, чуван како тајна од македонската јавност, ги потврди сомневањата дека Брисел работи на ампутирачки зафати и формули за уште едно сакатење на македонскиот национален идентитет. Навидум наивно, но главниот анестетичко-хируршки зафат на најновиот предлог со скриена европска етикета, се чини дека е менувањето на насловот и подносителот на документот – од бугарски во португалски
Никако, на евроинтегративниот хоризонт на Македонија, да се здогледа крајот на „специјалниот третман“ што го има земјава во политиката на проширување на Европската Унија. „Специјалноста“ на односите меѓу Македонија и ЕУ се должи најмногу на фактот што за македонскиот случај не се доволни официјалните Копенхашки критериуми за започнување на процесот на преговарање за членство во Унијата, туку постојано се наметнуваат „неформални“ услови, кои меѓу другото претставуваат флагрантно поткопување на нејзините основните принципи, како и на постулатите од Повелбата на Обединетите нации. Наводно, за да не внесува билатерални проблеми во својот мултиетнички двор, ЕУ е подготвена повторно да замижи на идентитетско-историската агресија на своите земји-членки и да ѝ наметне да Македонија не само „авторедефинирање на македонскиот национален идентитет со менување на името на државата (како со Преспанскиот договор) туку и целосно претопување во бугарскиот“. Колкаво и да беше самозалажувањето на македонската официјална политика дека со менувањето на името на државата се решени „малите неформални идентитетски детали“, и покрај тоа што и три години по потпишувањето на Преспанскиот договор вето-рампата за почеток на преговорите не се подигнува, на крајот на португалското претседателство со Унијата, „невнимателно“ протече вистината, дека ЕУ нема намера да го прекине „специјалниот третман“ за Македонија.
Дури и нецелосно разоткриениот португалски предлог за надминување на разликите во актуализираниот идентитетски спор меѓу Македонија и Бугарија, чуван како тајна од македонската јавност, ги потврди сомневањата дека Брисел работи на ампутирачки зафати и формули за уште едно сакатење на македонскиот национален идентитет. Навидум наивно, но главниот анестетичко-хируршки зафат на најновиот предлог со скриена европска етикета, се чини дека е менувањето на насловот и подносителот на документот – од бугарски во португалски. Причините за привидната наивност на целата операција на португалското претседателство да покаже ангажман и посветеност на европската идеја за проширување, многумина ја гледаат во подготвеноста на македонската влада да прифати секакви небулозни предлози и формулации, со уверување дека на ЕУ и манифестира кооперативност и надеж дека другата страна ќе го одбие. Овој пат таквата претпоставена стратегија можеби се покажа „успешна“: Португалија достави предлог (навистина со разбирање на бугарските позиции), Македонија го прифати „на невидено“, а Бугарија го одби и повторно стави вето за македонските евроинтеграции на јунскиот самит на ЕУ… И покрај манифестираните дипломатски заложби и активности, позициите на европската шаховска табла за проширување – не се поместени. За Македонија и понатаму е спуштена рампата за европскиот клуб, додека ЕУ уште еднаш си најде изговор со сопствениот консензус за демократски да ги маскира својата непринципиелност, неверодостојност и немањето желба за проширување.
И покрај малата врева во Македонија по несреќната изјава на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, за „северномакедонскиот јазик, кој некогаш бил дел од бугарскиот“, се чини дека сите страни премолчено се задоволни од одржаното статус кво. Дури и македонските власти, кои наводно беа непријатно изненадени од лингвистичкото „непознавање“ на португалската политичарка, но недоволно за да упатат официјална дипломатска реакција.
Без разлика дали ситуацијата на „невнимателно“ протекување на деталите од португалскиот предлог за надминување на идентитетскиот спор меѓу Македонија и Бугарија се случил спонтано, или намерно, без разлика на моменталното статус кво во односите со ЕУ, секакво (не)сериозно бирократско поигрување со еуфемизми (барање други зборови) за преформулација на македонскиот јазик, идентитет, историја претставува закана за бришење на македонското постоење не само во ЕУ туку и во минатото, и во иднината. Самоувереноста на носителите на проектот од македонска страна за „трговска размена“ на македонските национални атрибути за членство во ЕУ, веќе требаше да биде сериозно преиспитана (ако веќе не сакаат да признаат дека е изневерена) по првото вето по потпишувањето на Преспанскиот договор.
Иако декларативно се гордее со Преспанскиот договор, кој ѝ го подметна на Македонија, и самата меѓународна заедница глуми немоќ, кога тој треба да се примени во полза на Македонија. Идејата дека со „итри формулации“ за македонскиот идентитет и јазик ќе се реши македонско-бугарскиот проблем на е само уште едно самозалажување во затегнатата европска спирала за уцени, со која очигледно треба да се постигне точката на топење на македонскиот национален идентитет во бугарски. И покрај сета желба за членство во ЕУ дефинирана дури и како стратегиска определба на Македонија, крајно време е да се преиспита, па и да се ресетира домашната стратегија на пристапување во Унијата. Португалскиот предлог со бугарски ракопис е недвосмислена порака дека ЕУ не се откажува од „специјалниот третман“ за Македонија, без гризење на совеста за сите закани за идентитетско претопување и прегазување на сопствените принципи и основни човекови права.