Како да стана навика сите битнислучувања во Македонија, меѓу кои е и пописот, да бидат проследени со колаж на партиски недоразбирања и остри расправања меѓу власта и опозицијата, а сето тоа на штета на сите нас, а најмногу на државата и на економијата
Македонија годинава е исправена пред мноштво клучни настани, почнувајќи од справување со пандемијата на ковид-19, продолжување на евроинтегративниот пат, спас на економијата, локални избори, како и спроведување попис на населението.
Ако по редоследот на нештата се погледне што ќе биде главниот предизвик во годинава што следува, многумина ќе се согласат дека во таа категорија несомнено влегува пописот со неговото спроведување под превезот на опасностите на пандемијата што сѐ уште демне во Македонија.
Во април ќе треба да ни се случи долгоочекуваната статистичка операција, која во земјава, за жал, не е спроведена неполни две децении, или уште од 2002 година.
За волја на вистината, имавме неуспешен обид за попис, кој требаше да се спроведе пролетта во 2011 година, но, за жал, тоа никогаш не се случи, бидејќи процесот го следеа многу контроверзии, а за него сѐ уште се водат истраги.
Но, нејсе, ние и во оваа етапа на случувањата, кога сме во предворјето на еден нов обид за попис, повторно имаме многу нејасни и неодговорени прашања. Како да стана навика сите битни случувања во Македонија, меѓу кои е и пописот, да бидат проследени со колаж на партиски недоразбирања и остри расправања меѓу власта и опозицијата, а сето тоа на штета на сите нас, а најмногу на државата и на економијата. Токму овие матни и нејасни состојби се своевидна замка и загатка, која политичките субјекти, но и сите релевантни фактори и интелектуални елити, треба мудро да ја одгатнат и решат.
Зашто крајно се опасни тезите дека резултатите од пописот нема да бидат признаени од опозицијата. Непризнавањето на резултатите на една толку важна и скапа операција е луксуз што никој не смее да си го дозволи, зашто такво нешто би нѐ вовлекло во еден маѓепсан круг на неизвесност и хаос.
Во таа насока, од круцијална важност е да се надминат дневнополитичките недоразбирања и партиските несогласувања за ваква исклучително битна работа. Ниту власта ниту опозицијата не смеат да си дозволат еден преседан од овој калибар, со негирање на резултатите од пописот, или пак со фингирање или штелување на резултатите да се постигнуваат политички цели. Каков било сомнеж или обид во таа насока ќе биде темна дамка и проблем за земјата пред очите на меѓународната заедница и во нашиот процес за зачленување во Европската Унија.
Натаму, државните механизми што ја вршат статистичко-аналитичката операција пред себе имаат огромен предизвик, на кој треба да одговорат со продуцирање точни резултати, во кои никој нема да има ниту трошка сомнеж.
Статистиката мора да надвладее над политиката. Исто така и професионализмот над аматеризмот.
Оваа пролет Македонија треба да се спроведе максимално прецизна операција, чии резултати ќе бидат појдовна точка за комплетно општествено реструктурирање и реформирање.
Во таа насока, од круцијална важност е да се надминат дневнополитичките
недоразбирања и партиските несогласувања за ваква исклучително битна работа
како што е пописот
Надлежните институции и органи ќе треба да понудат и успешна формула за надминување на евентуалните здравствени предизвици во екот на пандемијата на ковид-19 при спроведувањето на една таква голема операција. Треба да се утврдат и точно да се спроведат здравствените протоколи под кои ќе се одвива операцијата, за населението и вработените статистичари да не се плашат за своето здравје.
По многу нешта оваа статистичка „слика“ за Македонија може да се идентификува и со т.н. крвна и медицинска слика за еден организам. Во наодите од крвната слика, докторите може да увидат точно од која болест боледува еден организам и потоа врз основа на тоа да постават терапија или дијагнози за лекување.
Па, оттука, врз основа на оваа точна статистичка слика, која треба да ја добиеме во април, по спроведување на пописот, државата ќе биде во можност да ги одреди приоритетите на идните свои операции.
Од пописот не се очекува само да се преброи колку има Македонци, како мнозинско население, а колку Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми итн. како припадници на етничките малцинства во државата, туку од резултатите на пописот се очекува државата во иднина да може да ги започне процесите за заздравување и лекување на општествените проблеми што ги мачат граѓаните.
Сега е можноста да не ја пропуштиме шансата.
Токму затоа, сите општествени чинители во Македонија треба максимално одговорно, конструктивно и професионално да пристапат за успешно спроведување на пописот, кој треба да помине без ниту една дамка, и конечно да го отфрлиме оглавот околу вратот со кој се задушуваме повеќе од 18 години, веројатно како единствена држава во светот досега без точни статистички податоци.